Рецензија: ФОТО: Духот на оваа невеста ги вознемири битолчани!

duh-na-nevesta-09876-098-crop-resize

Се чини дека кога нема нешто интересно да се објави, порталите во Македонија слободно си рециклираат текстови, но притоа се внимава тие да бидат навистина читани. Таков е и овој текст, кој веќе четири години се преобјавува во земјава. Последниот „бран“ со кој овој текст го зафати ова подрачје беше во август/септември и сѐ уште се шири. И поради тоа што навистина вакви текстови предизвикуваат масовно читање, овој напис се рашири речиси на сите медиуми и од македонско и од албанско говорно подрачје. Текстот се презема со copy/paste без редакциска подготовка, исто како и фотографијата.

duh na nevestaЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Духот на оваа невеста ги вознемири битолчани!

Датум и време на објавување: 08.09.2014, 08:08

Датум на рецензирање: 22.09.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ПЕТ ГОДИНИ РЕЦИКЛАЖА

Ова е текст кој влече корени од 2009 година. Оттогаш има и видео клип на Јутјуб, кое треба да обезбеди дека навистина постои дух на некоја девојка, кој се појавува во близина на Битола. Но, ако ја погледнете снимката и по неколку пати, ќе забележите дека на видеото нема ништо, па ниту девојка. Има неколку тинејџери (претпоставка по гласот и по изгледот на она што може да се види) кои се возат во автомобил. И друго нема ништо. На крајот има некој звук кој треба да имплицира судар или превртување на автомобилот и снимката завршува. И, секако, за работата да стане појасна доволно е да се прочитаат коментарите под видеото и да се заклучи дека тоа било само игра, затоа што така тврдат пријателите на момчињата кои се нафатиле да снимаат вакво видео. А, ако сакаме да навлеземе во автентичноста на снимката, може да послужи и еден од коментарите кој вели дека целото видео е снимано моно, за на крајот ударот да биде снимен во стерео. Ова едноставно значи дека последнот дел е додаден, односно измонтиран во студио.

Друго прашање е што нема никаков извор. Посочени како извор на информација се некои таксисти кои раскажуваат. А, за тоа каде раскажуваат, на кого, кога и како, нема ниту збор. Важно е дека сѐ е на база на „рекла- казала“ или бабини приказни.

 

КОЈ ПРВ ОБЈАВИЛ?

Дури и фотографијата, која се објавува овие неколку години за истиот текст, не може да се утврди од каде е и кој прв ја објавил. Но, и лаичко око може да забележи дека таа е, исто така, монтажа, со што се засилува манипулацијата.

И, еве, ако таа навистина е фотографирана и ако навистина станува збор за дух, тогаш следствено се поставува прашањето каде е човекот што ја фотографирал? Зошто за сиве овие години не се појавил и не ја потврдил автентичноста?

Инаку, ова е гола приказна каде во три-четири реченици се сакало да се предизвика некаков шок кај читателите за тие масовно да ја прочитаат. Нема никакви други податоци, ниту барем да се напишело каде отприлика се наоѓа селото Ротини, кое стана познато по овој случај.

Не може да се утврди кој е оргиналниот текст од мноштвото кои овие години кружат на оваа тема, но сите се исти и преземени еден од друг.

Вакви текстови постојано одвреме-навреме се рециклираат низ медиумите. И тие навистина се читаат. Секако, најчесто тие на удар ги имаат слабо информираните читатели кои се лепат на вакви приказни. Но, освен што новинарството треба да ги шити граѓаните особено од вакви напади, кај овој текст не се запазени ниту етичките норми. По секоја цена се сакало само да се добијат повеќе кликови, не водејќи сметка дека има и луѓе кои можат емотивно да ги доживеат приказните. Медиумите нема да се откажат од повеќе кликови или гледања и читања, ама ако ништо друго барем да ги намалат сториите од жанрот фантастика.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција