Рецензија: ФОТО: Изгледот на новите банкноти од 200 и 2000 денари

Sase_Banknoti_resize_Crop

Класичен пример за манипулација, кој во фото веста, посебно во насловот, дезинформира, прикажува дека наводно таков ќе биде изгледот на македонските банкноти, новите деноминации од 200 и 2.000 денари, за во единствената реченица што им се нуди на читателите да биде кажано дека некој читател на порталот, всушност, предлага така да изгледаат планираните нови банкноти.

Порталот не се потрудил барем во една реченица да каже дали Народната банка на РМ веќе одлучила како ќе изгледаат банкнотите или барем основната информација до каде е процесот со издавање на банкнотите и кога тие би се појавиле во платниот промет на земјата.

Крајно манипулативна информација која со понудената фото вест и особено со понудениот наслов им сервира наводна вистина на читателите.

Sase_BanknotiЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Изгледот на новите банкноти од 200 и 2.000 денари

Датум и време на објавување: 01.10.2013

Датум на рецензирање:03.10.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Ниту „в“ од вистиност. Размислување на некој читател и негова креација да го претставите како информација дека така ќе изгледаат новите македонски банкноти е несериозно, и тоа особено кога нема ниту една ограда во насловот, како и со непримерно потенцирање преку „фото“ дека тоа е изгледот на банкнотите.

Вака срочената информација сигурно ќе го предизвика читателот да го види изгледот на банкнотите, но кога ќе ја прочита единствената реченица ќе забележи дека некој грубо се пошегувал со новинарската професија, која се очекува да биде одговорна.

Извори на информации: Анонимен, непознат читател кој испратил фотографии до порталот, кој, пак, во оваа фаза од постапката за избор на изгледот на новите денарски банкноти е ирелевантен.

Содржајност: Информација без основна содржина во која би требало барем да се наведе до каде е постапката за печатење на новите банкноти, колку решенија пристигнале, кој и кога одлучувал или допрва ќе одлучува. 

Пристрасност: Без наведување на неопходните детали, првото прашање кое се поставува е токму тоа: дали новинарите не се пристрасни кон решенијата на читателот штом го нудат само неговото решение како навидум готова работа?

Коментирање: Нема коментар, но нема ни информација во објавената „фото вест“.   

Квалитет на насловот: Слаб, несериозен, манипулативен и неподатлив за цитирање или пренесување.

Фотографија: Соодветни на манипулацијата во текстот, но не и на тврдењето во насловот. Фотографии кои се основа за целата невистинитост на пласираната информација во овој момент.

Заклучок: Доказ дека некој и натаму порталите ги разбира како Фејсбук профили, несериозно и забавно средство за комуникација, каде што се дозволени шеги, фотомонтажи, разни коментари и досетки, без наведување на извори или почитување на стандардите задолжителни за новинарската работа. Но, во конкретниов случај информацијата е пласирана на медиум, кој има импресум, екипа на новинари кои работат, па оттука не може некој да биде амнестиран ако не ги почитува основните новинарски стандарди.

Со минимален напор веста би можела да биде симпатична за читање – доколку новинарите истражеле до каде е процесот на издавање на банкнотите. Не е „лошо“ да се направело само мало истражување во тој правец. Вака, нудејќи ни податок дека ова наводно е финалниот изглед на банкнотите, длабоко загазиле во „калта“ на манипулациите.

Со јамката од насловот, која е употребена за привлекување што е можно повеќе читатели, очигледно се претерало зашто зад неа го нема она за што таа говори:  изглед на идејно решение. Има само реалтивно невешти предлози заради кои порталот може да ги изнервира своите читатели – кои, имајќи го предвид насловот, го очекувале вистинското идејно решение.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција