Рецензија: Фото: На скопскиот аеродром слета најголемиот авион на светот
Известувањата за рекламни кампањи или други комерцијални новитети сѐ почесто се пласирани како новинска вест, иако не ги исполнуваат критериумите за точно, непристрасно и објективно информирање, туку афирмираат конкретна компанија во однос на останатите. Тие создаваат сомнеж дека е во прашање постоење комерцијален интерес на релација рекламираниот субјект-медиумот кој го објавува.
Еден актуелен пример е поставувањето макета на авион со рекламен слоган од кампањата на компанијата ОНЕ на скопскиот аеродром кое овде е објавено меѓу актуелните вести и информации од Македонија на 19 август. Во овој случај, информација со пропагандна содржина е спакувана како новинска фото-вест за „настан“ на скопскиот аеродром и опремена со наслов кој го „лови“ вниманието на читателот и го наведува на погрешен заклучок односно го дезинформира дека на аеродромот слетал авион од типот Ербас А380, што, доколку беше вистина, ќе беше сензација и вистински повод за објавување на веста.
Линк до оригиналниот напис: Фото: На скопскиот аеродром слета најголемиот авион на светот
Датум и време на објавување: 19.08.2013 16:18:16
Датум на рецензирање: 21.08.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Осмислена како реклама која постепено се „отплектува“ пред очите на читателот за дури на крајот, и тоа само делумно да му ја соопшти вистината, оваа „вест“ не само според содржината, туку и според формата не може да се третира како новинска вест.
Извори на информации: Извор на информацијата е самиот портал и тој е сведок на „настанот“ за кој се „известува“. Фотографиите, всушност, сведочат што навистина се случило на скопскиот аеродром.
Содржајност: Првенствено е прикриен фактот дека не се работи за она за што известува насловот туку за рекламна кампања на една компанија. Тоа читателот го дознава дури на крајот на „веста“.
Оригиналност/Плагијат: Иако е наведено дека авторството на оваа „вест“ му припаѓа на портало9т што ја објавил, манирот во кој таа е напишана наведува на помисла дека се работи за пропаганден текст, осмислен за потребите на кампањата на ОНЕ, но „подметнат“ на читателите како една од актуелните вести од Македонија.
Квалитет на насловот: Само еден пар наводници на зборот „слета“ ќе беа доволни за да го поправат негативниот впечаток кој го остава насловот. Без нив насловот дезинформира, бидејќи, всушност, таков авион не слетал на скопскиот аеродром.
Фотографија: Единствен кредибилен елемент се фотографиите кои ја кажуваат вистината.
Заклучок: Пропагандни текстови маскирани во новинарски производи- вести, проширени вести, извештаи, анализи – се феномен присутен не само во македонските медиуми. Овој тренд добива на замав, без оглед што претставува грубо кршење на професионалните стандарди. Иако постои насекаде во светот, тој е сѐ уште мошне дискутабилен од аспект на професионалноста и чесниот пристап на медиумите кон своите конзументи, бидејќи претставува манипулација со нивната доверба дека од конкретниот медиум го добиваат она за што платиле или се определиле, а тоа е вистинита, навремена и непристрасна информација.
„Веста“ за поставување на реклама на ОНЕ во вид на макета на патнички авион на скопскиот аеродром секако не е непристрасна информација, бидејќи една компанија од областа на телекомуникациите е поставена во фокусот на интересот и е претставена во позитивно светло во однос на својата конкуренција, без некакво оправдување, кое е издржано од аспект на новинарските стандарди, па според тоа претставува чист пример на таканаречено прикриено рекламирање.
„ Под прикриено рекламирање се подразбираат сите пропагандни содржини кои по својата форма и начинот на подготовка личат на автентичен новинарски текст, така што читателот/гледачот не може да ја разликува неговата пропагандна функција од новинарската содржина,“ се вели во Прирачник за етика во новинарството на ЗНМ. Прирачникот, исто така, ги предупредува новинарите „да бидат исклучително внимателни кога изготвуваат информации за одредени претпријатија, производи или услужни дејности и кога користат соопштенија за јавност и други материјали од ПР службите на овие извори или од маркетиншките агенции кои се грижат за овие претпријатија и не смеат да заборават дека основна цел на таквите материјали е да обезбедат бесплатен позитивен публицитет, а не точна, непристрасна и објективна информација.“
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар