Рецензија: Фото: Наша матурантка во црна чипка и подвезици заедно со нејзините родители

Foto_Nasa-maturantka-vo-crna-cipka_crop_resize_001

Објавената фото вест го отвора прашањето кој е интересот на јавноста да дознае како една матурантка е облечена на својата прослава на матурата. Во текстот нема индикации дека станува збор за јавна личност. Според наводите, фотографијата е преземена од профил на приватна мрежа. Објавувањето информации преземени од таквите профили без одобрение на сопственикот претставува навлегување на приватноста на одредена личност. Објавената фотографија дополнително е проследена со морализаторски коментар.

Рецензија: Фото: Наша матурантка во црна чипка и подвезици заедно со нејзините родителиЛинк до оригиналниот напис: Фото: Наша матурантка во црна чипка и подвезици заедно со нејзините родители (Напомена: написот во меѓувреме е тргнат од порталот. Горниот линк повеќе не важи. Веста можете да ја видите преку отворање на скриншотот (сликата лево) од страницата каде што беше објавена.)

Датум и време на објавување: 08.10.2013

Датум на рецензирање: 13.10.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Текстот е базиран на преземена фотографија и пренесена легенда „Нашата матурантка и гордите родители“ напишана како легенда под фотографијата. Не може да се утврди од чиј профил на приватната мрежа се преземени овие информации, ниту причината за нивната објава.

Извори на информации: Како единствен извор на информациите во текстот е потенцирана приватна мрежа. Принципот на функционирање на мрежата е заснован на прифатени пријателства меѓу корисниците на истата, а јавноста на самиот профил може да се дефинирана само од страна на корисникот на профилот. Не може да се утврди дали информациите се преземени од профил кој е отворен за јавноста или, пак, врз основа на веќе потврдено пријателство меѓу двајца корисници на мрежата. Нема индикации дали информациите се преземени со согласност на корисникот на профилот, а истите се објавени во контекст на одредена уредувачка политика на медиумот.

Содржајност: Во содржината на текстот се објавени само новинарски/редакциски коментари на фотографијата и нејзината легенда. Нема обид да се стапи во контакт со личноста која ја објавила фотографијата на приватната мрежа и да се добие мислење/изјава. Нема опис на личностите кои се на фотографијата и причина со што заслужија да се најдат на страниците на еден медиум. Написот е објавен во рубриката „Популарни теми“, но се поставува прашањето дали тоа се страниците за „жолт печат“ во извесниот медиум.

Коментирање: Коментарите на објавената фотографија се „главниот адут“ во текстот. Авторот врз база на личен став ја употребува констатацијата „непристојно облечена“ и како морална поука забележува дека „родителите треба да размислат дали навистина треба да се гордеат со ваквата фотографија на нивната ќерка“. Во однос на констатацијата нема објаснување што, од друга страна, значи пристојно облекување и зошто некој, кој е облечен во „црна чипка, подвезици и градник“ е непристојно облечен!? Табуата поврзани со изгледот на одредени личности одамна се срушени и во медиумите се појавуваат многу „понепристојно облечени“ медиумски ѕвезди. Но, личниот имиџ е приватна работа на јавните личности. Зошто тоа не би бил случај и со една анонимна матурантка? Што се однесува до забелешката упатена до родителите, очигледно е дека изгледот на матурантката е поддржан од нивна страна и не гледаме причина зошто еден професионален медиум би се мешал во приватноста на едно семејство.

Оригиналност/Плагијат: Објавен во форма на фотовест проследена со коментар, авторот на написот не е потпишан и останува отворена дилемата дали тоа е новинарски или редакциски коментар за објавената фотографија.

Квалитет на насловот: Во насловот има обид описно да се раскаже фотографијата и неуспешен обид да се направи сензација со објавата на текстот. Не е јасно чија е таа „наша матурантка“ ако матурантката е фотографирана со „нејзините родители“. Во новинарските текстови пожелно е да се избегнува употребата на заменски придавки со посвојно значење, како наша, ваша, нивна  и слично, за да се избегне можната забуна кај читателите. Во овој случај останува отворено прашањето зошто матурантката е „наша“. Во речникот на македонскиот јазик не го најдовме зборот „подвезици“, туку авторот на насловот и на текстот веројатно мисли на „подвезоци“.

Фотографија: Освен повикување на изворот од каде е преземена фотографијата не е наведено авторство на истата. Од текстот станува јасно дека „ексклузивноста“ на фотографијата е причина за објавата на написот. Бидејќи е преземена од приватна мрежа, јасно е дека и фотографијата е нечија приватна сопственост која без согласност на сопственикот е објавена во јавноста.

Говор на омраза: Написот е објавен со цел да дискредитира една млада личност и нејзините родители врз основа на една единствена фотографија. Морализаторскиот карактер на коментарот употребен во текстот ги дискриминира сите девојки кои носат „црна чипка, подвезици и градник“, а не објаснува дали има нешто погрешно во целата ситуација.

Заклучок: Во членот 7 од Кодексот на новинарите на Македонија е нагласено дека

„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“.

Бидејќи не е можно да се пронајде интересот на јавноста во објавениот текст, останува заклучокот дека медиумот непотребно ја открива приватноста на една матурантка и нејзините родители. Родителите можат да се гордеат со ќерката-матурантка, независно како таа е облечена, но медиумот кој објавува информации од овој вид не може да се гордее со својата професионалност во работата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција