Рецензија: ФОТО: Пејачот Наум Петрески предизвикал сообраќајка и побегнал?
Пример за манипулативен текст, посебно во потенцирањето „фото“ дека покрај текстот се понудени фотографии кои би го поткрепиле тврдењето дека се случила сообраќајна несреќа во која учествувал фолк пејачот Наум Петрески, а по несреќата побегнал. Понудените фотографии, сообраќаен полицаец со палка в раце и полициско возило со ништо не покажуваат дека се фотографирани на местото каде што се случила несреќата ниту има детали од неа, со што, на најбрутален начин се манипулира со читателот. Текстот е преземен од локален портал кој веста ја пласирал во прашална форма во насловот „Дали пејачот предизвикал несреча и побегнал“, но ниту авторот, ниту копирајтерите не се обиделе да добијат потврда од пејачот, кога во самиот текст наведуваат дека охридската полиција не го потврдила идентитетот на учесниците, туку само кои возила учествувале во сообраќајката.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Пејачот Наум Петрески предизвикал сообраќајка и побегнал?
Датум и време на објавување: 29.09.2013
Датум на рецензирање: 30.09.2013
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: не може да се потврди вистинитоста на приказната, бидејќи истата се повикува на неофицијални информации, а од официјалниот извор, полицијата не се добиени податоци. Авторот на текстот не се обидел да добие изјава од посочениот учесник, позната јавна личност, па од тука, неможе да се добие потврда за вистинитост од презентираното.
Извори на информации: Неофицијални, кои без официјална потврда можат да бидат само шпекулативни и во оваа фаза на информирање за случена сообраќајна.
Содржајност: Текстот е содржаен, но содржината е без потврда дека вистинита.
Коментирање: Нема коментирање, но вака пласираната неофицијална информација отвора простор за коментари од читателите кои се со навредувачка и вулгарна содржина, прифаќајќи ја веста како апсолутно вистинита.
Оригиналност/Плагијат: Посочениот текст е копија на информација пренесена од локален охридски сајт, за која апсолутно не е направен напор да се провери, пренесувајќи ги дури и фотографиите кои не може да се утврди дека се релавантни за да се тврди дека се однесуваат на конкретниот наслов.
Квалитет на насловот: Слаб, неуверлив и непотврден
Фотографија: Несоодветна и манипулативна
Заклучок: Класичен пример на пренесување, копирање на информации, каде што нема обид за елементарна проверка на веста. Непотврдената информација на локалниот сајт, со прашална форма во насловот, кај вториот веќе станува факт, кој му се нуди на читателот како вистина, но содржината не упатува на такво нешто. Уште еден текст кој мора да го вклучи алармот за проверка на фактите од страна на порталите, кои функционираат по системот на препишување, со апострофирање на изворот на информацијата и со тоа од себе се обидуваат да ја оттргнат одговорноста. Независно што со интервенции во опремата на текстот нудат поубедлива слика од самиот автор кој дознал неофицијално!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар