Рецензија: Фото: Погледнете како изгледаат приведените пејачки од ноќниот клуб во тетовско Желино!

nzss-0000001234-000567-crop-resize

Преку проблематичниот, сензационалистички, тенденциозен наслов, авторот на оваа проширена вест го воведува читателот во уште попроблематична текстуална содржина, која не дава одговор на основното новинарско прашање: зошто овие девојки се приведени и зошто против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Ниту пеењето, ниту танцувањето не претставуваат кривични дела, па следствено, читателот не може да се информираа зошто овие девојки се нашле во ситуација за нив да има основано сомнение дека сториле кривично дело. Дури и кога текстот би открил зошто девојките се приведени, во ниеден случај јавноста не би можела да „види како изгледаат“ поради тоа што на таков начин би се кршела пресумпцијата на невиност.

nzssЛинк до оригиналниот напис:  Фото: Погледнете како изгледаат приведените пејачки од ноќниот клуб во тетовско Желино!

Датум и време на објавување: 26.12.2013, 12:10

Датум на рецензирање: 28.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Во поглед на фактите текстот целосно се темели на податоци од МВР, па и неговата вистинитост се припишува на тоа. Проблематично е што во текстот авторот воопшто не се повикува на полицискиот билтен како извор од непознати причини.

Извори на информации:Според дискурсот што се користи во текстот, лесно е да се претпостави дека извор на информацијата е полициски билтен. Меѓутоа, во написот тоа не е наведено.

Содржајност: Веста е крајно нејасна и несодржајна зашто не се наведени причините за приведувањето, а се тврди дека против девојките ќе бидат поднесени кривични пријави. На веб страницата на Министерството за внатрешни работи може да се пронајде известувањето од МВР за овој случај, каде како информација (што не е внесена во текстот) стои дека девојките „се задржани во СВР Тетово за натамошна постапка во Отсекот за странци и реадмисија“. Оваа важна информација, што ја соопштува МВР, не е инкорпорирана во текстот, а во неа се крие одговорот на основното прашање зошто се приведени девојките.

Реадмисија е враќање од една во друга земја по наредба на суд и се однесува на странски државјани кои во земјава се затекнати без документи, без регулиран престој или без вработување (работа на црно). За македонските државјани кои биле затекнати има одредба според која може да ги гонат прекршочно дека не го пријавиле газдата кој не ги вработил. Друга санкција за нив нема освен ако не се фатени на лице место во давање сексуални услуги.

Сепак, ништо од горенаведеното не е објаснето во текстот и не може да се тврди што е основот на приведувањето.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за текст од полициски билтен пренесен со изоставување на клучен сегмент од кој би се заклучиле можните причини за приведувањето.

Квалитет на насловот: Преку сензационалистичкиот наслов се привлекува вниманието на читателите. Клучот за ваквиот пристап е да се квалификуваат девојките како неморални, како „поинакви“, иако, всушност, кога би се објавил идентитетот и нивните ликови би се прекршила пресумпцијата на невиност.

Фотографија: Фотографиите се на МВР, објавени на нивниот официјален веб сајт. Ликовите на приведените се заштитени што е во согласност со стандардите и правото на пресумпција на невиност.

Заклучок: Самото тоа што насловот на текстот изобилува со сензационализам, покажување со прст кон лица за кои воопшто не се известува за какво кривично дело се осомничени, го прави овој текст непрофесионален. Особено во насловот се забележува поттикнување на воајерство, но и манипулација, бидејќи текстот не го прикажува она на што упатува. Ова е среќна околност, бидејќи доколку ликовите на девојките не беа заматени, тоа ќе претставуваше прекршување на принципот на пресумпција на невиност. Од информацијата од МВР е изоставен клучниот податок, а тоа е зошто девојките се приведени. Ако се разгледува без оваа околност, тогаш од текстот ќе се дојде до заклучок дека танцувањето и пеењето се кривично дело, што, се разбира, не е случај. Новинарот избегнува да го наведе изворот на информацијата и тој може да се насети само поради специфичниот дискурс (начинот на пишување на полициски соопштнија).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција