Рецензија: ФОТО: Погледнете колку луѓе го пречекаа Претседателот Иванов во Македонски Брод

Ivanov-vo-Makedonski-brod-crop-resize

Овој текст, ако судиме од насловот, има за цел да ни покаже една масовност за претседателскиот кандидат во едно гратче, кое и онака е меѓу најмалите во Македонија. Според логиката на текстот, штом во ова гратче се собрале скоро „сите“ жители, замислете колку, пак, подржувачи има во поголемите градови.

Навудум детска „финта“ со текст, но не треба да се занемери податокот дека читателите не перцепираат многу од малку според насловот и според фотографијата. А, фотографии има и навистина се од настанот, но не знаеме колку се тоа многу, зборуваме за луѓе, собрани во салата, или, пак, што значи малку. Исто така, ако сакаме математички да ја анализираме веста, треба да имаме податок, па според квадратурата да дознаеме колку луѓе оптимално би можеле да присуствуваат. Сепак, не треба толкаво оптеретување кога од фотографиите може да се заклучи во сала од 50 квадратни метри колку луѓе може да се соберат. Нека се и 200, но, сепак, останува дилемата што е тоа многу и што тоа треба да видиме.

Ivanov vo Makedonski brodЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Погледнете колку луѓе го пречекаа Претседателот Иванов во Македонски Брод

Датум и време на објавување: 10.03.2014, 22:46

Датум на рецензирање: 11.03.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ШТО ДА ПРАВИМЕ СО ЕМПИРИЈАТА

Текстот не се труди да биде вистинит. Вистината во вакви текстови не може да се докаже, затоа што не се поткрепени со факти, туку се оставени на емпириските квалитети на читателот да одлучи дали има масовност или не. Со фотографии кои покажуваат луѓе и исполнетост на седиштата се сака да се покаже огромна подршка, иако, пак, ако сакаме и ние да бараме влакно во јајцето, не се ниту наведени, ниту, пак, може да се препознае каде и кога се направени. Сала како сала, нели.

Извори на информациите се фотографиите. Со нив почнува и завршува манипулацијата и непознаницата. Текстот нема „месо“, што би се рекло новинарски. Има нешто вакво:

Претседателот Иванов вечерва го посети Македонски Брод и се сретна со жителите на оваа општина. Македонскиот претседател беше запознаен со инфраструктурите проекти што се реализираат во оваа општина.

И толку од тоа дека биле многу собрани луѓе, дека не можело игла да се фрли и слично.

 

КАКО ЌЕ СЕ ПОЛНАТ ПЛОШТАДИТЕ

Пристрасноста е значителна. Една „обична„ посета се дува до бескрај, па, искрено, едвај чекам да видам што чудо и каде ќе ги сместат луѓето кога, според оваа масовност, ќе се полнат плоштадите.

Самиот наслов е коментирање. И толку. Понатаму се говори за „општообразовни“ работи за Македонски Брод во смисла колку сокачиња и колку чешми средселски се направени:

Во Македонски Брод вкупно се изведени пет локални патни правци со вкупна должина од 14,40 километри, а во 2014 година е планирана изградба на еден локален пат со вкупна должина од 1,05 километри.

Насловот наведува на погрешен впечаток и сосила натура мислење кај читателот.

Фотографиите се снимени од агол за да прикажат масовност. Сепак, и просторот помага во тоа. Затоа што во толку мал простор може да ги собере само претседателот и неговите членови од кабинетот и да изгледа дека се е полно.

И, што да се каже на ваков текст. На прв поглед е смешен. Но, сепак, и тоа како може да пере мозок. Посебно кај луѓе кои навистина не се мачат многу да пребројуваат. Кога ќе се каже многу, мора да биде и многу.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција