Рецензија: ФОТО: Работник се измоча во фонтаната Воинот на коњ?!

zase_mk_foto-rabotnik-se-izmocha-vo-fontanata-voinot-na-kon-crop-resize

Објавениот напис е класичен пример за непрофесионално известување на јавноста. Новинарскиот кодекс е грубо прекршен. Обидот за извртување на вистината е очигледен и, за среќа, лесно препознаен од читателите, што се гледа од коментарите објавени под написот.

Рецензија: ФОТО: Работник се измоча во фонтаната Воинот на коњ?!Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Работник се измоча во фонтаната Воинот на коњ?! (написот е тргнат од сајтот, но неговата содржина ќе ја пронајдете во скриншотот приложен со оваа рецензија)

Датум и време на објавување: 06.11.2013, 11.04

Датум на рецензирање: 11.11.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Написот не се темели на факти, туку на претпоставка со која новинарот отвора дилема за читателите. Единствениот вистинит факт употребен во написот е дека дејството се случува на фонтаната „Воин на коњ“. Според етичкиот и професионалниот кодекс, основната задача на новинарите е чесно да ги собираат информациите и крајно да бидат внимателни во толкувањето на фактите.

Извори на информации: Иако написот е објавен во рубриката „Актуелно, од терен“ претпоставувањето на ситуацијата јасно назначува дека новинарот не бил присутен на теренот, туку сознанијата ги добил од приложената фотографија. Во текстот не е евидентирано присуство на извор на информациите. Изворот на фотографијата е назначен под потписот на истата.

Содржајност: Текстот е објавен како фотовест проследена со новинарски коментар на дадената ситуација. Во содржината на написот отсуствува дури и елементарна информација од официјални извори за дејствата поврзани со претставениот објект. Констатацијата „барем така е во целиот свет“ не е поткрепена со ниту еден факт. Целта на написот не е да информира, туку да ја коментира дадената ситуација.

Пристрасност: Обидот за извртување на вистината е евидентен со претпоставувањето на ситуацијата. Место да трага по вистината, написот упатува на понатамошно шпекулирање со фактите од страна на читателите. Пристрасноста е присутна во обидот да се заштити објектот, којшто е дел од владините политики за уредување на главниот плоштад во Скопје од нечие „неморално“ однесување.

Коментирање: Коментирањето на дадената ситуација е издигнато над потрагата по вистината. Професионалната практика на проверка на фактите е прекршена, додека ударната позиција во написот е ставена на коментарот. Предлогот да се казни „виновникот“ може да предизвика линч врз анонимниот работник.

Оригиналност/Плагијат: Написот е комбинација од преземена фотографија од друг портал и допишан текст кој е објавен без наведен автор. Под фотографијата се објавени името и презимето на фоторепортерот и линкот од порталот од кој е преземена истата. Не може да се одреди кој го допишал текстот со кој е проследена фотографијата, бидејќи на порталот каде е објавена нема таков текст.

Квалитет на насловот: Целта на насловот е да предизвика сензација. Претпоставките во текстот се претворени во дезинформација употребена во насловот. Исто така, насловот не е соодветен на написот, бидејќи не ја носи дилемата поставена во текстот. Со интерпункцијата повеќе предизвикува вчудовиденост, отколку сомнеж кај читателот. На тој начин насловот насочува кон погрешна перцепција на фотографијата, а убедува во вистинитоста на текстот.

Фотографија: Фотографијата е преземена од портал каде, ден претходно, била објавена во рубрика со сосема друг карактер. Насловот на рубриката е „Фото на денот“, додека насловот употребен над фотографијата е „Есенско чистење на фонтаната“. Коректно е објавен и авторот на фотографијата. Значи, тука се е јасно. Во однос на композицијата на фотографијата се гледа дека фоторепортерот успеал да најде необичен агол да ја илустрира темата. Иако е двосмислена, фотографијата е професионално изработена. Проблемите се појавуваат откако други портали и сајтови почнале да ја преземаат фотографијата и да допишуваат коментари кои не се соодветни на прикажаното дејство.

Говор на омраза: Врз основа на претпоставка, упатена е сериозна закана за работното место на еден анонимен работник, прикажан на фотографијата. Написот поттикнува „виновникот“ да биде казнет, ако го врши дејството што се „гледа“ на фотографијата. Упатениот повик за казна може да поттикне дискредитација на личноста на работник кој ја извршува својата работна задача.

Заклучок: Шпекулирањето, односно објавувањето текстови врз основа на претпоставки, не е нова појава во новинарството, но отсекогаш било на штета на новинарскиот кредибилитет. Употребата на сензационални наслови со цел да се стигне до поголем број читатели може да биде контрапродуктивно за медиумот, додека свесното извртување на вистината го загрозува интегритетот на новинарите. Со написи од овој тип се урива достоинството, честа и угледот на новинарската професија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција