Рецензија: Фото: СДСМ со автобуси носеше пензионерско засилување

Фото_-СДСМ-со-автобуси-носеше-пензионер_-http___netpress.com_mk_foto-sdsm-crop-resize

 

Ова е уште еден од серијата написи кој нагласено се труди политички да го обои и да го маргинализира студентскиот протест против државниот испит и најавените реформи во високото образование. Притоа, со препознатлива тенденциозност се минимизира масовноста на  студенсткиот марш  и се „вергла“ познатата теза  дека „протестот е фингиран од опозицијата“, која, за да ја спаси ситуацијата, наводно, со автобуси донела пензионери во Скопје .

Фото_ СДСМ со автобуси носеше пензионер_ - http___netpress.com.mk_foto-sdsm-so-Линк до оригиналниот напис: Фото: СДСМ со автобуси носеше пензионерско засилување

Датум и време на објавување: 10.12.2014, 17:20

Датум на рецензирање: 11.12.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

МАНИПУЛАЦИЈА

Всушност, станува збор за една куса квази фото-сторија , целосно преземена од друг медиум (иако тоа не е наведено), каде е објавена дваесетина минути претходно. Оваа наменски конструирана „сторија“, која го задржува манипулативниот тон од почеток до крај, се потпира на три фотографии кои треба да посведочат дека СДСМ во време на протестот организирал пензионерски тури Куманово – Скопје.

Сепак, овие илустрации, кои се понудени како „ крунски доказ“, не можат да ги убедат читателите дека „најголемата опозициска партија ги вклучи и пензионерите во протестите“. Имено, на фотографиите нема датум. Тие, можеби, навистина се снимени на денот на протестот на студентите, меѓутоа не може да се каже кога точно се направени.

Исто така, на двете фотографии се прикажани автобуси кои стојат на булеварот Гоце Делчев во Скопје и луѓе кои се движат по тротоарот.  Но, не може да се каже дали тие се случајни минувачи или, пак, се дојдени со автобусите. Ниту, пак, може да се тврди дека се пензионери. А, некои од нив изгледаат и прилично млади (како, на пример, момчето со ранецот).

На третата фотографија, пак, се забележуваат луѓе седнати во автобус. Некои се повозрасни, но сликата е нејасна и не може да се тврди дека сите се пензионери.  Па, дури и да се пензионери,  не се гледа каде и кога е сликан автобусот. Истовремено, нејасно е како се заклучило дека токму тие лица (пензионери) се симпатизери или членови на  СДСМ од Куманово, „кои дошле да ја дополнат бројката за протестот да добие масовност“!?

 

ИСКРИВЕНА СЛИКА

Кога сме кај масовноста, дел од медиумите објавија поинакви фотографии и видеозаписи, кои сведочат дека маршот имаше импозантна посетеност. И наспроти тврдењето во текстот (дека имало едвај 3.000 лица) се проценува дека се работи за најголем студенстки протест во независна Македонија, кој доби поддршка од универзитетски професори, асистенти, средношколци, обични граѓани и од политичари.

Само, очигледно дека овој исклучително необјективен новинарски производ, кој истиот ден беше објавен во повеќе медиуми, воопшто немал намера да информира и да ја прикаже вистината. Туку да ја спинува и на јавноста да ѝ пренесе целосно искривена слика за настанот. Со тоа грубо се прекршени основните професионални и етички принципи кои подразбираат новинарот да го чува угледот и достоинството на професијата, како и да изгради професионална дистанца од политичките субјекти.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција