Рецензија: ФОТО: Стево Пендаровски не знае дека ќе го кандидираат ама со задоволство стои пред ваков натпис
Зошто упорно ни се сервираат текстови како демек дневно-информативни, а всушност класични спинови? Како да се објасни неновинарската силина и жестина против потенцијалниот, а сега веќе и најавениот кандидат на опозицијата за претседател на државата. Во оваа лавина од производи во кои главен е политичко-партискиот, а не новинарскиот мотив веќе се наѕира можната водилка по која некој ќе сака да ја „тера“ претстојната медиумска кампања, а тоа најверојатно нема да биде аргументирано спротивставување на ставовите и мислењата на претендентите за врвната позиција во земјава, туку „ниски“ удари, шпекулации и манипулации.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Стево Пендаровски не знае дека ќе го кандидираат ама со задоволство стои пред ваков натпис
Датум и време на објавување: 26.02.2014, 17:57
Датум на рецензирање: 28.02.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Класична манипулација која се темели на една „фотографија“ со која се сака да се потврди дека споменатиот, сега веќе официјализиран кандидат, се „мислел дали да прифати, ама во меѓувреме не му пречело вниманието како речиси извесен избор на опозицијата“. Каде е спинот број еден? Во тоа што на партискиот настан му се дава актуелна конотација, иако, ако се сакало, лесно ќе се проверело и потврдело дека станува збор за собир од пред повеќе од еден месец. Значи, во периодот кога е направена „фотката“ прашањето за претседателски кандидат не било толку актуелно како што е сега.
Сликата на лица како стојат зад засегнатиот со транспарент во рацете за негова поддршка изгледа повеќе како индивидуален потег инициран од локалните партиски активисти, отколку како чекор внимателно испланиран од „централата“ за анимирање на целокупното членство. Ако тоа сакало да се постигне, тогаш такви транспаренти ќе имало објавено на повеќе партиски собири, а не само на овој.
Каде е спинот број два? Му се дава исклучително наменска карактеристика на настапот на споменатата личност на таа партиска трибина, иако, повторно ако се сакало лесно ќе се проверело и потврдело, неговото присуство воопшто не било во форма на „најава за кандидат за шеф на државата“. Споменатиот, според негово кажување, кое секако морало да се побара, бидејќи станува збор за „втората страна“, од поодамна се појавува на такви собири на кои тој зборувал најчесто за теми поврзани со неговата професија – меѓународна политика. Аргументите за постоење фан–страна на фејсбук за негова поддршка многу не „држат вода“, бидејќи секој може да отвори таква страна на социјалните мрежи. Да поедноставиме, вистината многу лесно ќе се утврдела ако само, нормално, се сакало, се свртел еден телефонски број и директно се прашал засегнатиот човек во кое својство бил неговиот настап на тој конкретен партиски собир кој ни се сервира како „крунски доказ“. Само еден факт – дека станува збор за постар настан – доволно ја нарушува вистинитоста на овој текст.
Извори на информации: Во однос на изворите сѐ се темели на една фотографија и на фан-страна на социјалните мрежи, а тоа се недоволни „аргументи“ за да го поддржат тврдењето дека:
„Стево Пендаровски не знае дека ќе го кандидираат ама со задоволство стои пред ваков натпис“.
Содржајност: Во овој дел сум навистина збунет! Што се сакало да се каже со текстот и која била пораката?Дека споменатиот не знаел оти ќе биде кандидиран, дека знаел, па лажел, дека чекал да го предложат? Секоја партија си има своја процедура. Ако имало прекршување, во ред, ајде за тоа да се пишува. А, зошто не се споредело, на пример, со тоа што се прави во владејачката партија – де петиции, де иницијативи, де помпезни изјави дека некој се нафаќа пак да биде номиниран, де формални „спаринг-партнери“ на партиската конвенција. Новинарски, повеќе „мастраф“ има да се обработува кај „вториве“, отколку кај „првиве“. Така што, содржински имаме ама баш “ништо особено“ – текстче.
Пристрасност: Фактот што се обработува само опозицискиот кампус доволно зборува за присутната неизбаланисраност, бидејќи, како што веќе напоменавме, ако се забележува за нетранспарента процедура кај СДСМ, тогаш зошто, за ова тема, не се начнало и прашањето за потезите на владејачката партија, бидејќи одредени кандидати отворено зборуваат за проблеми во постапката.
Оригиналност/Плагијат: Текстот, кој нема наведено авторство, најверојатно е, ако воопшто и може ваквите написи така да се оквалификуваат, оригинал, кој веднаш беше пренесен и од другите блиски портали. Тоа сигурно не било поради квалитетот на понуденото.
Квалитет на насловот: Тенденциозен наслов кој има за цел да ја наведе „водата на одредена воденица“.
Фотографија: Фотографиите, особено една од нив, треба да бидат главните аргументи за да не убедат во наведените тези за кои, пак ќе кажам, нејасно е каква информација сакаат да пренесат, потврдат или, пак, можеби обвинат.
Заклучок: Текст без „тежина“, едностран, со партиски мотивиран пристап, со основна цел, очигледно, не да информира, туку да омаловажува и да минира нечија сѐ уште неотпочната кампања. Затоа, сигурно врзетете се, допрва ќе следува „бомбардирање“ од вакви материјали.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар