Рецензија: ФОТО: Таулант Цапа му се извини на премиерот Груевски
Во секој случај интересна вест, поткрепена и со фотографии и со видео материјал, несекојдневна, барем за овој дел од Европа, во која се информира за своевидно помирување меѓу „обичен“ граѓанин и врвен политичар – премиер. Народски кажано: Дошол човекот да се извини. Сѐ би било во ред ако не постоеја одредени аномалии, од кои една од најсериозните е дека употребениот стил повеќе упатува на ПР-текст изработен за потребите на политичарот, отколку на новинарски текст објавен во медиум. Оттука, читајќи го извештајот, сама по себе се наметнува дилемата: имало ли вистинска спонтаност и искреност во потегот, или причините се од сосема поинаква природа?
Линк до оригиналниот наслов: ФОТО: Таулант Цапа му се извини на премиерот Груевски
Датум и време на објавување: 04.11. 2013 16:18
Датум на рецензирање: 05.11.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Вистинитост, барем на почетокот, не недостасува, но многу брзо се добива впечатокот таа како да е злоупотребена за цели повисоки од неа самата. Тоа е забележливо од елементите од типот:
„Премиерот Груевски со оваа средба покажа позитивни карактеристики, умешност да прости и ислуша и голема човечност“.
Зошто има потреба од такви додатоци кога фотографиите доволно зборуваат – премиерот го примил во својот кабинет човекот кој минатата година во Тирана со јајца фрлал по неговиот автомобил. Ако тоа не е доволно за јавноста самата да донесе суд, тогаш тука е и снимената атмосфера од разговорот од која се слуша извинувањето. Интервенциите отстрана ја дополнуваат атмосферата на извештаченост на настанот.
Извори на информации: Ако поради добрата илустрираност со фотографии може да се прости тоа што изворите не се јасно прецизирани, тогаш оваа „фалинка“ станува голем пропуст пред кој не може да се замижи ако се има предвид стилот употребен во текстот. Читајќи, произлегува дека медиумот бил присутен во текот на целата средба и изворно слушнал што двајцата соговорници си рекле?! Новинарската практика покажува дека на вакви состаноци само на почетокот е дозволено фотографирање или евентуално присуство на претставници на печатот, по што средбата се затвора за јавноста. Не може да се користат формулации како:
„Премиерот Груевски со оваа средба покажа позитивни карактеристики, умешност да прости и ислуша и голема човечност. Ниту еден политички лидер досега не седнал на маса со човек кој направил вакво дело“.
без тоа да биде покриено со соодветен извор, можеби кабинетот на премиерот или со негова изјава. Вака, дупката е голема која само фотографии „не ја крпат“.
Содржајност: Забележливо е отсуство на сериозна содржајност и барем обид за подлабоко разгледување на ситуацијата. Не може туку така да се прелета преку фактот дека минатогодишното фрлање јајца по премиерското возило во Албанија предизвика наелектризираност меѓу двете земји. Не може туку така да се заборави позадината на целиот чин, бидејќи самиот Цапа по инцидентот изјави дека тоа било знак на револт поради, како што рече „непочитувањата на правата на Албанците во Македонија“, а сега да се пласира неговата изјава дека тоа што го направил не бил знак на ништо? Друг елемент за кој нема соодветен одговор е како Цапа, кого дебарската полиција, поради распишана потерница, пред неколку дена го уапси на граничен премин, е ослободен само после неколку часа? И на крај, како тоа одеднаш некој изразил желба за средба со најмоќната политичка фигура во земјата, која судејќи според текстот, веднаш му била исполнета? Одговори во текстот нема.
Пристрасност: Има пристрасност која не оди само на линија на помирување на, во овој случај, двете страни, туку на речиси глорифицрање на едната како „позитивна и човечна“ – елементи, кои на пример, се вткаени во основата на христијанството: прости за да ти биде простено.
Оригиналност/Плагијат: Има елементи на оригиналност кои до крај не се искористени за сметка на одредени формулации кои наликуваат на октроирани или позајмени од друг текст.
Квалитет на насловот: Информативен, соодветствува на основната намера на текстот.
Фотографија: Најдобар дел од целиот производ, соодветни фотографии за покривање на текстот, но за жал не и на неговите „фабрички маани“.
Заклучок: Со сецирањето на овој текст доаѓаме до клучниот факт кој го нудиме на крајот наместо заклучок – македонскиот премиер во својот кабинет го прими, како што медиумите го нарекоа „јајчарот од Тирана“ само еден пред посетата на шефот на албанската влада Еди Рама на Скопје. Одличен тајминг, нема што.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар