Рецензија: Француското МНР ја најави средбата меѓу Фабиус и Попоски во Париз

Француското-МНР-ја-најави-средбата-меѓу-Фабиус-и-Попоски-во-Париз-Сител-Телевизија-crop-resize

Агенциската вест на МИА за најавената средба на македонскиот министер за внатрешни работи, Никола Поповски, со неговиот француски колега овде е пренесена  воглавно, задоволувајќи ги потребните професионални стандарди. Но, притоа се направени и грешки. Првата, која паѓа в очи, бидејќи е во воведната, ударна реченица на веста, е дека како портпарол на француското МНР е наведен Кеј д‘Орсеј, што, всушност, ја претставува локацијата во Париз на која е сместена оваа институција. Кеј д‘Орсеј е метоним за ова француско министерство, исто како што името Пентагон, односно седиштето на Министерството за одбрана на САД често се користи за да го замени полниот назив на таа институција. Притоа, од увидот во оригиналната вест на МИА за овој настан, може да се утврди дека државната информативна агенција  исправно го користи овој метоним, за разлика од оваа вест.

Втората грешка е употребата на името Брдо, за локацијата Брдо кај Крањ во Словенија, каде што неодамна имаше регионален самит на министрите на земјите членки на ЕУ. И во оригиналната и во пренесената вест се зборува за самитот „од Брдо“ или „во Брдо“, без притоа да се наведе дека се работи за локацијата пошироко позната како Брдо кај Крањ, на која се наоѓа дворецот Брдо и конгресниот центар. Иако, на прв поглед, употребата на скусеното име би можела да се оправда како метоним, вообичаено важните средби и самити во медиумите, сепак, се именуваат според географската локација, што во овој случај има логика веќе и поради фактот што во Словенија има најмалку три географски локации со име Брдо (освен Брдо кај Крањ постојат и Брдо кај Шентјур и Брдо кај Нова Горица), па дистинкцијата според близината на поголемо населено место или општина изгледа логична.

Француското МНР ја најави средбата меѓу Фабиус и Попоски во Париз - Сител ТелевизијаЛинк до оригиналниот напис: Француското МНР ја најави средбата меѓу Фабиус и Поповски во Париз

Датум и време на објавување: 23.11.2013, 15:49

Датум на рецензирање: 26.11.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Информацијата  се темели на факти и не се доведува во прашање кредибилноста на наводите, со исклучок на погрешното тврдење дека за средбата на македонскиот и на францускиот министер, агенцијата МИА ја информирал портпаролот на министерството, “Quai d’Orsay

Содржајност: Задоволено е потребното ниво на сеопфатност.

Оригиналност/Плагијат: Информацијата преработена вест од МИА.

Квалитет на насловот: Насловот, иако е јасен и експликативен, сепак е предолг и оптоварен со непотребен детал – дека средбата ја најавило француското МНР.

Заклучок: Пренесувањето на агенциски вести е релативно лесна задача за секој медиум – веста веќе е проследена, информацијата подготвена и потребно е само таа внимателно да се исчита, евентуално да се скрати или сублимира и – готова е за пласирање. Сепак, и за оваа, како и за секоја друга работа, треба да се има не само основни познавања од проблематиката што се обработува, туку и одредено ниво на знаење најчесто наречено „општа култура“. Поимот „општа култура“, впрочем, и самиот зборува дека се работи за квантум на знаење што го поседува поширок слој на јавноста, односно голем дел од публиката на која медиумите ѝ се обраќаат, па, поради тоа банални грешки од типот „господинот Ке д’Орсеј“ неминовно ќе влијаат врз нивниот углед.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција