Рецензија: Геноцид во Македонија: Абортирани 1 милион бебиња од 1977 до денес

Кога во еден наслов ќе се најде и зборот „геноцид“ и зборот „бебе“, вниманието на читателската публика е загарантирано привлечено. И насловот и најголемиот дел од содржината на текстот се така конципирани што не оставаат простор за сомнеж кој е ставот на авторот и на редакцијата по прашањето на измените на Законот за абортус, што летово беа жешка тема во домашната јавност.

Годината која се спомнува во насловот, 1977, е година кога бил донесен Законот за абортус, чиишто одредби беа предмет на измени со барањето за измени по итна постапка, од страна на Владата на РМ. Поврзувањето, пак, на тешката квалификација „геноцид“ со остварувањето на легалното право на жената за планирање на семејството укажува на идентична идеолошка матрица зад овој и текстовите кои го проблематизираат правото на абортус.

Инаку, според дефиницијата за геноцид, дадена за првпат во Конвенцијата на ООН за спречување и казнување на злосторството на геноцид од 1948 година, тој се дефинира како „меѓународно злосторство на намерно потполно или делумно уништување на националните, етничките, расните и религиските групи. Спаѓа во најтешка група на злосторства против човештвото“ (Извор Википедија). Но, веднаш потоа, во текстот се тврди дека всушност станува збор за автогеноцид, што пак во литературата е дефинирано како уништување на еден народ од страна на самите нив или нивната власт. Крунскиот аргумент за автогеноцидот, според КУРИР, не е официјалната бројка од 550.000 абортирани фетуси во текот на 35 години, туку никаде неевидентираните уште половина милион нелегални абортуси, за кои порталот тврди дека биле направени за истиот тој период, парадоксално, откако абортусот стана легален! Притоа, никаде не се цитира никаков извор од каде е добиена таа бројка на нелегални абортуси, ниту пак авторот се потрудил да објасни зошто воопшто и би имало толку нелегални прекини на бременост ако самиот зафат бил законски достапен за жените!

Изворот на статистичките податоци со кои се оперира во текстот е „Џон­стонс ар­хајв“ (Johnston`s archive) и според тие податоци, бројот на абортусите во Македонија со години има опаѓачки тренд, но, неименуваните извори на КУРИР тврдат дека бројката од 5.900 абортуса годишно не е точна поради наводните злоупотреби на приватните ординации, односно дека е дури петпати поголема и изнесува 30.000 абортуси годишно. Случајно или не, истата таа бројка се повторува и кај цитираните податоци од порталот „Абортус НЕ!“, кој пропагира забрана на правото на абортус.

Геноцид во Македонија: Абортирани 1 милион бебиња од 1977 до денес

Линк до оригиналниот напис: Геноцид во Македонија: Абортирани 1 милион бебиња од 1977 до денес

Датум и време на објавување: 29.08.2013, 14:39

Датум на рецензирање: 4.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Во текстот се користени податоци од Џонстонс архајв кои се достапни на интернет, но тврдењата за некакви „црни“, неевидентирани бројки на абортуси во Македонија се целосно непроверливи и, според тоа, претставуваат шпекулации.

Содржајност: Написот го задоволува минималното ниво на сеопфатност, бидејќи ги дава аргументите и на двете страни, кои застапуваат спротиставени гледања на проблемот, дава статистички податоци (иако нив селективно ги користи), дава искази на четири жени кои абортирале (иако сите приказни имаат ист лајт-мотив – каење од направеното, односно задоволство што не абортирале). Како аргументација за тезата од насловот земени се бројките на извршени абортуси во 1987 и 1989 година, кои се повисоки,  но, игнорирани се останатите статистички податоци кои покажуваат забележителен тренд на намалување на апсолутните бројки на извршени абортуси од година в година. Не се искористени ниту податоците на ОН, според кои,  споредено со останатите земји, Македонија е некаде на средина на скалата според бројот на абортуси на 1.000 жени од 15 до 44 години.

Пристрасност: Делумното прикажување на вистината може да се посведочи веќе со самото манипулирање со податоците од „Џонстонс аркајв“, нивно селективно користење како аргументација за тезите за наводен геноцид, а изоставување на оние бројки кои сугерираат една поинаква слика за вистината. Сето ова укажува на неизбалансираност и пристрасност во полза на конзервативната анти-абортус кампања која неформално, но упорно се води од страна на провладините медиуми, дел од невладините организации и МПЦ.

Оригиналност/Плагијат: Текстот всушност претставува комплетна копија на текст излезен во друг медиум, неделникот РЕПУБЛИКА и тоа речиси три месеца порано.

Квалитет на насловот: Насловот „Геноцид во Македонија: Абортирани 1 милион бебиња од 1977 до денес“ е всушност најпроблематичниот сегмент на целиот напис, бидејќи користи сензационализам  во обид да ја наметне и одбрани тезата дека абортусот е убиство со умисла!

Фотографија: Фотографија на развиен фетус во утробата на мајката како илустрација на текст во кој се зборува за геноцид врз милион бебиња во Македонија тешко дека може поинаку да се оцени освен како манипулација со чувствата на читателите.

Заклучок: Темата за абортусот и правата на жената се предмет на расправа  и кај нас и во светот и текстовите кои ја обработуваат оваа проблематика се секогаш читани. Затоа и не е зачудувачки кога одреден медиум ќе се определи да застапува едно од двете спротиставени стојалишта- за или против абортусот, иако тој е загарантирано право на жената во нашата држава. Конкретниот текст, кој е предмет на рецензијава, ја застапува страната која има критички пристап кон правото на абортус. Поради тоа, не е изненадување што објективноста е ставена во втор план и што аргументација се темели на внимателно селектирани  елементи, кои ќе ја поткрепат тезата дека правото на абортус во Република Македонија имало ефект на автогеноцид.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција