Рецензија: Героски се дозакопа со насловите во своите медиуми

Героски се дозакопа со насловите во своите медиуми-crop-resize

Двоен удар, или ако сакате со едно замавнување две „жртви“. Така најлесно би се опишал овој напис. Првиот е атак кон опозицијата, а вториот е кон уредник на медиум кој не е по ќеф на власта. Внимателното разгледување на текстот покажува дека имаме каде-каде повеќе партиско-политички, отколку вистински новинарски мотиви за неговото пишување. Истовремено, не може, а да не се забележи високото ниво на непрофесионалност и отсуството на примена и почитување на дел од елементарните принципи како, на пример, каде е ставот на втората страна.

Героски се дозакопа со насловите во своите медиумиЛинк до оригиналниот напис: Героски се дозакопа со насловите во своите медиуми

Датум и време на објавување: 07.06.2014   16:47

Датум на рецензирање: 10.07.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„МЕДИУМСКИ РАЖЕН“ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА И НЕПОЖЕЛНИОТ НОВИНАР

Од поодамна е јасно дека конкретниот новинар е трн во „нечие око“ и дека неговата или работата на медиумите кои тој ги уредува е под двојна лупа. Исто така, е јасно дека анимозитетот, еве, ќе кажеме нечиј, кон овој новинар веќе станува личен. Но, она што зачудува е што пресметката, која очигледно има политичка позадина, се води постојано преку истите медиуми, во случајов портал, а тоа подоцна се презема од една цела лепеза слични, најчесто интеренет изданија и се лиферува како легитимна дневна вест. Ќе имав разбирање да станува збор за коментар и тоа јасно да е наведено. Исто така, ќе беше разбирливо ако формулациите изнесени во написот, барем оние за опозицијата, беа искажани од партиска говорница. Вака, апсолутно е неприфатливо „на ражен“ да се ставаат ем непослушниот новинар, ем опозицијата.

 

КОЈ ГО „ВРТИ“ КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИ?!

Ако толку се сакало да се анализира новинарската (не)умешност и пристрасноста на споменатиот уредник зошто тогаш напоредно не ни се прикажале и неговите текстови, но и соопштението од Европската комисија во целост. Така најлесно би се видело кој и колку имал селективен пристап и го читал само она што сака од известувањето од кабинетот на Штефан Филе издадено по средбата со опозицискиот лидерски двоец. По овој бриселски состанок главните медиуми во земјава, исто како и овој чиј напис анализираме, ни го повторуваа само последниот пасус од „катил-ферманот“ на Филе, ама не и првиот дел. Хм, зошто било така, се прашувам?!

„Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија“;

„Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите“.

вели Кодексот на новинарите на Македонија.

Ама, нели, кој го „врти“ Кодексот овие денови?! Дополнително, зошто не се свртил еден или два телефони за став и дообјаснување од опозициската партија, а и за директно да се праша „оцрнетиот“ уредник за тоа што сака да каже преку неговите текстови и како тоа „се дозакопал“. Ептен едноставна, но елементарна работа.

Изворите на информации, очекувано за ваквите текстови, се слаба точка. Имаме цела низа тврдења, или поточно обвинувања за т.н „опозициски медиуми и пулени“, „извртување на перцепцијата на граѓаните“ без тоа соодветно да се поткрепи. Ако опозицијата навистина ги финасира тие медиуми, ајде да видиме докази. Тоа сигурно не би било тешко за овие „новинари-истражувачи“.

Наместо содржајност имаме пристрасност и тоа многу која доаѓа до израз и низ присутните форми на коментирање како:

„Колку и да сака да се искриви вистинската слика за работите, главниот уредник на овие опозициски медиуми кој поради крајно сомнителни причини е силен поддржувач на идејата за бојкот и деструктивност на СДСМ, не може да ја искриви перцепцијата на граѓаните чија волја беше неодамна изразена на избори, односно неговите политики на бојкот кон кој што го турка раководството на СДСМ се покажуваат за неуспешни“.

Дел од ова звучи познато, нели? Мислам дека не е тешко да се увиди дека е често споменувано на настапи на одредена политичка партија.

Интересно, овој текст колку и да е непрофесионален и вон нормалните стандарди, по се изгледа е оригинален, бидејќи веднаш беше преземен од другите сродни медиуми.

Сѐ на сѐ, имаме партиски текст во медиумско руво. Но, тоа секако не го прави легитимен новинарски текст, исто како што волкот во јагнешка кожа не го прави јагне.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција