Рецензија: Голи од Солунска глава пратеници на ВМРО-ДПМНЕ испратија честитка за денот на ВМРО

Goli-pratenici-na-Solunska-glava-Brif-crop-resize

Дали секоја информација заслужува да биде медиумска вест. Одамна е утврдено, а добро е повремено да се потсетуваме на најважните критериуми кои определуваат една информација да биде медиумски вредна (newsworthy). Овие критериуми неодамна тука со нас ги сподeли и колешката Билјана Илиќ, која во новинарската лекција под наслов „Зошто шлицот на Груевски стана вест на денот?“ укажува дека за една информацијата да се „квалификува” да стане вест, таа треба да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.

Вака стокмена оваа фото вест отвора уште една тема: Етичките стандарди во користењето на фотографии кои спаѓаат во сферата на приватноста без разлика дали се тие објавени на интернет на лични блогови или профили на социјалните мрежи. Дури и тогаш важи едно од основните правила кое наложува дека фотографиите се објавуваат со одобрување на сопственикот. Тоа не го видовме ниту на медиумот каде што е објавена веста што ја рецензираме. Тоа го нема ниту на сајтот каде што оваа фото вест е изворно објавена, иако, за волја на вистината пишува „Фото: Facebook”. Тоа, сепак, не е доволно зашто најточно фотографиите се од Фејсбук профилот на пратеникот Антонио Милошоски и се негова сопственост, а не на Фејсбук.

Goli pratenici na Solunska glava BrifЛинк до оригиналниот напис: Голи од Солунска глава пратеници на ВМРО-ДПМНЕ испратија честитка за денот на ВМРО

Датум и време на објавување: 24.10.2013

Датум на рецензирање: 25.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Со оглед на тоа дека се работи за фото вест, значи настан поткрепен со фотографии, нема основа да се помисли дека веста не е вистинита.

Извори на информации: Изворот на оваа вест е друг медиум, кој, пак, фотографиите ги презел од приватен Фејсбук профил. Изворната вест има идентичен наслов „Голи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од Солунска глава испратија честитка за денот на ВМРО“. Така пренесен насловот ги повторува истите грешки што ги констатираме во оваа рецензија.

Содржајност: Вака како што е објавена, оваа фотовест не ни имала намера да биде сеопфатна во однос на содржајноста. Веста како да е единствено мотивирана од потребата да се извлече атракција и читаност благодарение на клучните зборови: голи, пратеници, ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски.

Пристрасност: Со оглед на тоа што медиумот што ја пренел оваа фото вест ја голтнал јадицата на пи-ар концептот на Фејсбук проофилот на пратеникот Милошоски, уредниците/администраторите на интернет порталот му завршиле работа на политичарот.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за фото вест која е пренесена и тоа го заклучуваме според наведениот извор на оваа вест на еден друг информативен портал, но оваа пренесена вест, што ја рецензираме тука, не го наведува изворот од каде е фото сторијата и со тоа се крши правилото за наведување на изворот на информацијата и вака пласираната новинарска сторија станува плагијат.

Квалитет на насловот: Насловот сака да биде атрактивен, ама е граматички неписмен. Наместо да ја исправи грешката на изворниот сајт, порталот што ја пренесува веста ја пренесува и таа грешка. Зашто наместо „Голи од Солунска глава пратеници на ВМРО-ДПМНЕ испратија честитка за денот на ВМРО“, граматички точно треба да биде „Голи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од Солунска глава испратија честитка за денот на ВМРО“.

Фотографија: Фотографиите се преземени од Фејсбук профилот на пратеникот Антонио Милошоски без видлива легенда која објаснува дали нивниот сопственик одобрил користење и пренесување во други медиуми.

Заклучок: Како заклучок да ја заокружиме нашата теза од воведот на рецензијата и да заклучиме дека освен критериумот информација за познати луѓе (проминенција), во овој случај пратениците Антонио Милошоски и Илија Димовски, оваа информација со ништо не е медиумски вредна за да стане вест. Никаков подвиг не е да се искачиш на Солунска глава. Тоа го можат дури и пратеници. Но, се разбира, круна на оваа фото вест е зборот „Голи“ во насловот. Арно ама и тоа е лага. Нема голи (пратеници). Има само еден. И тоа полугол. Да беше гол, или да беа навистина угол голи, е тоа ќе беше навистина вест. Вака – тапа. Гол сензационализам.

И уште еден заклучок за приватноста на фотографиите на личните профили на социјалните мрежи. Новинарите никогаш не смеат да заборават дека околу нив има многу јадици со примамливи мамци. Тие служат за ловење на наивните новинари кои не препознаваат што е пи-ар. Отворениот Фејсбук профил на било кој политичар е чист пи-ар и новинарите што не го знаат тоа ќе ги голтаат јадиците на тој пи-ар. Но, да нема забуни. Дури и оние што знаат што е пи-ар јадица, доколку сакаат да искористат некоја информација или фотографија од приватните профили на социјалните мрежи на политичарите, треба да побараат дозвола за тоа, да ја добијат и јасно да го објават тоа како дел од елементите на нивната новинарска сторија. Така сите ние, публиката, ќе знаеме за што станува збор. За пи-ар.   

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција