Рецензија: Хаос на Бихаќка – СДСМ „удри“ и по Жерновски

press24_mk_haos-na-bihakjka-sdsm-udri-i-po-zhernovski1-crop-resize-final

Текстот со спинерски наслов: „Хаос на Бихаќка – СДСМ „удри“ и по Жерновски“, прозвучува како да се случил некаков конфлит во редовите на опозицијата. Тоа е, всушност, и намерата на овој напис, кој се обидува да креира во јавноста сензација дека пукаат рабовите во опозициските редови. Материјалот што го рецензираме е преземен од  друг портал и во него се целосно изместени поентите од прес-конференцијата на СДСМ, при што се плете една теднедциозна приказна која се потпира на паушално нафрлани информации.

FireShot Screen Capture #188 - 'Хаос на Бихаќка - СДСМ „удри“ и по Жерновски I Press24' - press24_mk_haos-na-bihakjka-sdsm-udri-i-po-zhernovskiЛинк до оригиналниот напис: Хаос на Бихаќка – СДСМ „удри“ и по Жерновски

Датум и време на објавување: 2.02.2014, 00:11

Датум на рецензирање: 4.04.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Написот е мешавина од вистинити факти и податоци, чија вистиниотост не може да се утврди.

Наводите:

„Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска на прес-конференција излезе со тврдења дека фирмата ЕЛТРА ДООЕЛ Скопје, со која според него управувала сопругата на братот на Драган Павловиќ- Латас, добила милионски тендери“

се точни. Според тоа што деновиве беше објавено по медиумите,  не е спорен ниту податокот:

„Сопственик на фирмата која ја споменува портпаролот на СДСМ не е ниту братот на уредникот на телевизија Сител, ниту пак неговата снаа…“

Но, затоa целосно висат другите наводи во текстот. На читателите не им се нуди никаква аргументација во поткрепа на тврдењето:

„…фирмата работи веќе 15 години и досега добивала бројни јавни набавки во изминатите години благодарение на најповолната понуда“.

Во написот уште се вели:

„Оваа фирма, за која што сега обвинува Шилегов, моментално спроведува јавно осветлување, односно електрични инсталации за осветлување во Општина Центар, каде на власт е СДСМ на чело со Андреј Жерновски, факт кој секако Шилегов не го спомена на прес-конференцијата

Тоа можеби навистина е така, но нема аргументи за да се потврди овој „факт“. Нема, на пример, податоци дали фирмата е избрана на тендер и колку фирми учествувале.  Исто така, непознато е за колкав обем на работи станува збор и дали договорот бил направен во време на претходната локална власт или сега. Нема ниту елементи  за заклучокот:

Согласно логиката на Петре Шилегов, излегува дека Драган Павловиќ – Латас работи за Андреј Жерновски и опозицијата“

кој е даден со забележлива доза на иронија.

Извори на информации: Порталот се повикува на друг сајт без да го наведе линкот. Тој, пак, се повикува на пресот на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов и на непотврдени информации од неименувани извори.

Содржајност: Написот е едностран. Преземен е од друг портал и воопшто не е направен никаков напор да се прошири приказната со детални податоци  околу постапката, на која споменатата фирма, како што се тврди, е ангажирана да го одржува осветлувањето  во Општина  Центар.

Пристрасност: Пристрасноста е видлива уште од насловот, како и од самата конструкција и интонација на текстот.  Обидот да се оцрни опозицијата без ниту еден доказ јасно кажува на која страна е наклонет овој материјал.

 Коментирање:  Ироничните констатации:

„…. електрични инсталации за осветлување во Општина Центар, каде на власт е СДСМ на чело со Андреј Жерновски, факт кој секако Шилегов не го спомена на прес-конференцијата

Согласно логиката на Петре Шилегов, излегува дека Драган Павловиќ – Латас работи за Андреј Жерновски и опозицијата.“

само го засилуваат впечатокот дека се работи за тенденциозен и спинерски производ.

Оригиналност/Плагијат: Написот е комплетно преземен од друг портал.

Квалитет на насловот: Насловот е провокативен и содржи една манипулативна порака. Во текстот нема ниту трага од „хаосот“ во насловот. Исто така, написот не нуди недвосмислени докази дека СДСМ „удри“ по Жерновски.

Фотографија: И фотографијата е преземена  заедно со текстот. На неа е прикажан Шилегов со прекрстени дланки и израз на лицето како да се извлекува.

Заклучок: Написот, особено насловот, се обидува да го насочи јавното мислење да верува дека СДСМ е кавгаџиски настроен и отвора „фронот“ дури и со партнерите од  „Сојузот за иднината“. Тој е уште еден  од серијата текстови кои деновиве беа пласирани во дел од медиумите, откако најголемата опозициска партија обелодени скандали поврзани  со високи функционери од власта. А веројатно, нема да биде ни последен. Вакви шпекулативни, политички мотивирани  написи во кои вистината  добива сосема друга димензија, допрва ќе се појавуваат со оглед на фактот што влегуваме во изборен период.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција