Рецензија: И Каролина Ристова-Астеруд во друштво на Црвенковски и Пендаровски

dnevnik-1-crop-resize

Коректноста на овој текст е ставена под знак прашалник од две страни директно засегнати во содржината која се пласира. Имајќи го тоа на ум се наметнува дилема и за целокупниот интегритет на понудениот материјал кој во одредени делови, врз основа на новинарската методологија, не успева до крај и прецизно да ги „додржи“ конструкциите кои ѝ се сервираат на публиката. Тука, пред сѐ, мислам на отсуството на кредибилни и јасно наведени извори, кои, секако, во голем степен би помогнале да се уверат читателите дека во раце држат производ кому може да му се верува. Ова четиво, во најмала рака, има „проблематична“ природа која понатаму ќе ја анализираме.

dnevnik 1Линк до оригиналниот напис: И Каролина Ристова-Астеруд во друштво на Црвенковски и Пендаровски

Датум и време на објавување: 20.02.2014

Датум на рецензирање: 23.02.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Ако се анализира според демантите кои стигнаа по објавувањето на текстот изгледа дека имаме пример за пласирање докрај непроверени информации. Прво, да наведете нечие име дека се самокандидирал во партиска процедура за претстојните избори за претседател на државата и притоа таа вест со толкава доза на сигурност да ја „залепите“ на наслов, а потоа таа иста личност да ве демантира дека станува збор за невистина е сериозна грешка. Од жестината на реакција на засегнатата произлегува дека таа воопшто и не била прашана за оваа тема! Па, каде е тогаш правилото на „втората страна“ во еден новинарски производ? Очигледно, во овој случај тоа не било применето. Второ, и именуваната партија на која ѝ е посветен написот остро демантира дека има вистина во наводите во текстот во моментот на неговото објавување. Значи, врз основа на изнесеното, имаме најмалку два оспорени моменти кои секако го нарушуваат впечатокот на вистинитост, барем во доволна мерка, во овој текст.

„Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“

– нормира Кодексот на новинарите на Македонија.

Извори на информации: Во написот провејуваат „извори“, но тие најчесто се именуваат како „партиски“ или, пак, во овој период, омилениот синоним „Бихаќка“. Други соговорници, или, пак, јасно наведени извори нема. Значи, се објаснува до каде е внатрепартискта процедура за избор на кандидат за врвната позиција во државата, а притоа се забележува целосно отсуство на прецизни официјални извори!!

„Поранешниот лидер на социјалдемократите Бранко Црвенковски и актуелниот прв човек на Советот на СДСМ за безбедност и НАТО-интеграции Стево Пендаровски добија најголема поддршка меѓу членовите на партијата за претседателски кандидат на СДСМ. Некогашните блиски соработници (Пендаровски како советник на Црвенковски), според наши информации, веројатно биле предложени од партиските членови во речиси сите општински организации на СДСМ во земјата. Рокот за самокандидирање за шеф на државата на априлските избори, кој е веќе завршен, ги исфрли на површина најпосакуваните предлози меѓи опозиционерите. Освен Црвенковски и Пендаровски, меѓу имињата што се споменуваат се и Илинка Митрева и Денко Малевски, но и универзитетскиот професор Kаролина Ристова-Астеруд, која за многумина партиски членови е изненадување во оваа процедура“.

Да бидеме на чисто, не дека политичките партии се многу отворени за нивните внатрешни прашања, особено чувствителни како ова, но, сепак, во текстот можеби би се добило на квалитет ако се завртел некој телефонски број во спомената партија – што всушност во својата реакција добро го нотира и личноста која, како што овде се тврди, се „самокандидирала“.

Содржајност: Не дека недостасува содржајност, но откако предвид ќе се земе целата слика дополнета со реакциите на дел од споменатите, прашање е каква е таа содржина ако е начната со низа деманти кои сериозно и ја поткопуваат вистинитоста.

Пристрасност: Ја има, но не во толку голема мерка како што можеби, со оглед на предизборието и медиумската сцена во земјава, би се очекувало. Сепак, по читањето на текстот неизбежен е впечатокот за одреден степен на неизбалансираност.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален со јасно наведен автор.

Квалитет на насловот: Ако гледаме статистички, тогаш една третина од насловот е промашување, бидејќи едната од трите наведени личности ја демантира информацијата пласирана во насловната конструкција. Но, бидејќи ова не е x, y, z – ситуација со „три (не)познати, туку пласирање информација, ќе кажеме дека насловот не е коректен.

Фотографија: „Ако вчерашна информација е денешна евтина хартија“, тогаш што е стара фотографија во денешна информација? Апсолутно се согласувам со сите оние, вклучувајќи ја и професорката која реагира за содржината, но и за застапената „фотка“, дека мора да се внимава на фотоилустрацијата на новинарските производи, особено на нивната актуелност. Не може, на пример, сегашната да се „покрива“ со слики од Портокаловата револуција.

Заклучок: Овој текст оддава впечаток дека на сериозна тема и се пристапило на несериозен начин, без доволна проверка на информациите – за што говорат и дел од демантите, без соодветно добра подготовка или, пак, консултирање кредибилни извори, врз основа на што кај публиката, за одредени елементи од приказната, се создава погрешна претстава.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција