Рецензија: Има шанси за тутунарите – биогориво, ама нема кој да слушне

FireShot-Screen-Capture-227-Има-шанси-за-тутунарите-биогориво-crop-resize

„Проектот за можноста од производство на биогориво од тутун во Македонија е готов веќе пет години, со него биле запознаени повеќе македонски министри, но планот за реализација сè уште е во фиока. Пет години потоа, по препораките од СЗО за намалување на површините и субвенциите за тутун, пак е актуелно производството на струја од семето на тутунот што се фрла“.

Прилогот се однесува на можното користење на тутунот за производство на биогориво. Со ова порталот практично ги насочува земјоделците, мeсто кон сѐ понесигурните пазари на тутунската индустрија, да се завртат онаму кaде што лежат парите. без да се менува нешто во нивното секојдневие. Ова е текст што освежува среде едноличноста на политиката и сензационализмот, ниските критериуми и стандарди во нашето новинарство и затоа треба а се издвои.

 Има шанси за тутунарите - биогориво, ама нема кој да слушнеI

Линк до оригиналниот напис: Има шанси за тутунарите – биогориво, ама нема кој да слушне

Датум и време на објавување: 5 февруари 2014, 19:07

Датум на рецензирање: 6 февруари

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Порталот нѐ запознава со проектот на Борис Јанковскикој за него зборува повеќе од 5 години. Проектот не предвидува намалување, туку зголемување на површините насадени со тутун! Сите негови истражувања и анализи, како и светски искуства, тука присутни, покажаа дека преку екстракција на семето на тутунот, кое сега се фрла, може да се добие биогориво за производство на струја и на топлинска енергија, а остатокот би се искористил како храна за ситна стока, пилиња и риби. Такви истражувања се вршат во неколку земји во светот. Реализацијата на еден ваков проект не е можен без помош на државата, а тој може да доведе до преполовување на невработеноста, добивање еколошки чиста електрична и топлинска енергија, силен развој на сточарството и на преработувачката индустрија…

Извори на информации: Порталот изворот на сознанијата за проектот на Јанковски го наоѓа во стар весник (значи и тие некогаш се корисни) од 2009 година. Потоа низ средба со него, но и со пренос на американските искуства се гради една цврста конструкција, една убава хипотеза за тоа како од ќуспето на семето на тутунот. „Се ископува“ и една анализа на Институтот за сточарство каде ќуспето може да биде добра основа за производство за храна за ситна и крупна стока, пилиња и риби. Посебна вредност се двата видео материјали кои како составен дел до текстот говорат за светските искуства за оваа тема!

Содржајност: Тоа што текстот се потпира на повеќе извори прави да дознаеме многу работи за кои ниту сме сонувале кога станува збор за тутунот како билка. Семето на тутунот содржи од 39 до 41,2 проценти масло, од кое може да се екстрахира околу 32 проценти техничко масло погодно за биогорива. Остатокот од екстракцијата, околу 70 проценти е ќуспе, кое содржи до 44 проценти протеини, од 8 до 15 проценти масло и влакна до 25 проценти. Од анализите во Институтот за сточарство ќуспето може да биде добра основа за производство за храна за ситна и крупна стока, пилиња и риби.

Дознаваме и дека во САД веќе работи централа за производство на електрична и топлинска енергија, токму врз база на искористување на биомасата на тутунот со снага од 4 мегавати. Во Македонија со зафат на 50.000 хектари под тутун ќе се обезбеди гориво за погон на енергетски систем од 70 до 100 мегавати (електрична струја и топлинска енергија). Ова сознание дава една сосема друга димензија на тутунопроизводството

Пристрасност: Пристрасноста во текстот постои во целосното отсуство на скепса, макар и како повремен мотив на правење на разговорот со авторот на проектот. Добро би било ако се разговарало и со некој агроном или друг вид на стручњак. Тоа е еден недостаток кој се забележува во целината на текстот.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е несомнено оригинален. Потпишан е со иницијали, зад кои веројатно се крие уредникот и сопственик на порталот, кој иницијалите и ги ставил за да не биде толку експлицитно присутен во содржините.

Квалитет на насловот: Насловот е малку дескриптивен, ама со оглед на содржината, тој е изнуден. Јасен е иако не и толку креативен.

Фотографија: Текстот има две фотографии, стандардно направени во лабораторијата на Борис Јанковски. Како што напоменавме, интересни се и двата видео прилози. Првиот е од Универзитетот Беркли (Калифорнија), изработен од Асошијетед прес и говори за искуствата со садењето на тутун и универзалноста на примената на ова растение. Вториот  е на Еуроњуз и говори за вредноста на тутуновото масло.

Заклучок  Актуелното тутуново производство е за нашата држава прескапо (се даваат големи субвенции за негово масовно производство), видовите кои се садат се во рестриктивните листи заради канцерогеноста и тоа е една тотално неперспективна гранка. Но, текстот нѐ убедува во спротивното, ако го промениме аголот на гледање кон искористливоста на земјиштето и намената на производот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција