Рецензија: Истите лаги на истите новинари

FireShot-Pro-Screen-Capture-113-Истите-лаги-на-истите-новинари-crop-resize

Текстот напаѓа цела една плејада на познати македонски новинари и ги става на „столбот на срамот“ со цел да ги дискредитира пред македонската јавност.Кај голем дел од новинарите единственото што се менува е само работодавачот и името на медиумотот, а лагите остануваат исти… можат да се слушнат истите лаги од истите новинари“. Овојпат тоа е направено без никаков повод. Меѓутоа, постојат многу елементи со кои треба да се поврзе причината за ваквото писание, кое наликува на билборд-памфлет со прозивка на новинарите по име и презиме. Тоа се познати македонски новинари кои во своите новинарски прилози и интервјуа пренесувале важни пораки од ЕУ до македонскиот политички врв. Секако дека тие пораки најчесто не биле многу розови и имале критичка нота кон Владата. Но, тоа не може да биде причина за дискредитација на критички настроените новинарите кои ги следеле нивните пораки и коментари.

FireShot Pro Screen Capture #113 - 'Истите лаги на истите новинари'

Линк до оригиналниот напис: Истите лаги на истите новинари

 

Датум и време на објавување: 17.02.2014, 12:00

Датум на рецензирање: 18.02.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Може ли да се зборува за вистината во нешто што не е новинарски текст, туку смислена конструкција. Во овој непотпишан прилог неколку пати се спомнуваат „цитати“ на прилозите од Борјан Јовановски и неговите колеги, кои немаат допирни точки со вистината. Еве пример: „Еден од главните експоненти на поранешната А1 телевизија, Борјан Јовановски…  …и тогаш и сега ја убедува јавноста дека Република Македонија ќе го изгуби кандидатски статус“…  Да појасниме, тоа не е вистина. Борјан Јовановски никогаш не рекол дека ќе го изгубиме кандидатскиот стаус, туку, цитирајќи го Филе и другите референтни личности од ЕУ, предупредил дека: „ќе ни биде одземена препораката за преговорите со ЕУ“… Тоа, ќе признаете, не е исто, па не се вистинити ни констатациите кои ги наведува медиумот. Слично е и со другите неаргументирани обвинувања на сметка на неговите некогашни и сегашни соработници и колеги.

Содржајност: Содржината на прилогот заличува на „отчетот за сработеното“ на Владата: …„Отпочнати се новите стратешки проекти како што се изгрдба на новиот клинички центар, се реконструираше градската болница, се привршува изградба на детската клиника“… …„парламентарните избори покажаа дека  ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го освоија убедливото мнозинство гласови„…  …„државата е трета најмалку задолжена земја во Европа„… …“ кредитите се наменети кон инфраструктурните проекти и отворање нови работни места“…

Пристрасност: Пристрасноста кон владините политики е очигледна, цитирани се „стопати“ слушнати и повторени оценки за оваа влада и ВМРО-ДПМНЕ: „Пет последователни позитивни извештаи и препораки за членство“…, „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ“…,  „Се исплаќаат 133 милиони евра субвенции за минатата година“…

 Коментирање: Манипулативните коментари под секоја слика на прозваните новинари: „јавноста се уште се сеќава на сториите на новинарката Менче Атанасова…“, „Вероватно секој од читателите може да се присети на  проогнозите на новинарот Предраг Петровиќ…“, „Еден од главните експоненти на  А1 телевизија Борјан Јовановски кој сега…“, „една од ударните тупаници на Велија Рамковски…“, „весникот  од корпорацијата чиј главен уредник Бранко Геровски е повторно главен уредник на…“

Оригиналност/Плагијат: Оригинален памфлет без потпис на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот обвинува без факти: „Истите лаги на истите новинари“.

Фотографија: Објавени се фотографиите на новинарите кои се прозвани.

Говор на омраза: Иако нема експлицитен говор на омраза, целиот текст има навредлив тон.

Заклучок: Недостаток на храброст да се потпише еден ваков текст – памфлет, укажува на повеќегодишно планско и систематско  деперсонализирање на македонското новинарство, каде не е важно дали и кој ќе го потпише текстот, важно е да не се направи грешка и во своето „новинарско размислување“ да се доведе во прашање безгрешноста на власта. Притоа, секој оној кој ќе се обиде да ја наруши или искриви идиличната слика за Македонија која власта ја креира како „најубавото место за живеење, најмалку задолжена држава во Европа, со најголми субвенции за земјоделците, каде демократијата и слободата на печатот доживуваат невиден процут“… и ќе ја покаже правата, искривената слика на македонското општество и новинарство со: апсења, репресија, уништување на опозициските медиуми, елиминација на сите кои мислат поинаку, се прогласува за странски платеник, предавник…

Прозваните новинари во повеќе наврати критички се осврнувале, коментирале или пренесувале оценките за Македонија изречени од европските институции, меѓународните  форуми, „Репортери без граници“… кога веќе не можат ништо ним да им направат и експлицитно да ги дискредитираат оценките на ЕУ и другите релевантни меѓународни организации, тогаш , по онаа народната „ако не можеш по магарето, удри по самарот“, решиле да ги дискредитираат новинарите, кои со факти ги коментирале пораките упатени до државниот врв и да им го оспорат легитимитетот да бидат новинари, да пишуваат и, врз основа на факти со кои располагаат, да изведуваат заклучоци.

Да заклучиме: не се во прашање Борјан Јовановски, Менче Точи или други новинари кои ги дискредитира написот, туку стравот од нивниот новинарски авторитет кој го имаат во институциите на ЕУ од каде ги црпат податоците за своите прилози, кои не ѝ се допаѓаат на власта.

Ова не е ништо друго освен обид на новинарите да им се одземе легитимно право да бидат критички настроени кон власта, да бидат коректор на нивните политики. Со еден збор, со написот се прави обид да се загрози слободата на јавниот збор.

Текстот сака да укаже дека сите новинари треба на реалноста да гледаат со онаа диоптрија каква што ќе им ја одреди власта, односно со розови наочари, пикајќи ја главата во песок пред проблемите. Ова е атак не само врз слобода на медиумите, туку и врз слободата на секој слободномислечки човек кој во своите јавни настапи има храбост да укаже на бројни системски грешки и аномалии во здравството, земјоделието, надворешната политика и сите други сегменти на општеството. После овој напис повеќе никому не му е загарантирано дека тој и неговата редакција нема да се најдат на столбот на „предавниците“ и на листата за одстрел.

Прекршени се сите стандарди и повредени сите домашни и меѓународни Кодекси на новинарското однесување.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција