Рецензија: Изгласан буџетот за 2014-та во Центар

27-000000009999999-8888888-crop-resize

Овде станува збор за кус материјал кој првично требалo да пласира основна информација за тоа дека „без многу врева“ меѓу власта и опозицијата, Советот на општина Центар го изгласал буџетот за наредната година. Но, во таа вест се протнале неколку „класични примери“ за политичко навивање во нешто што во основа требало да биде информативен производ, поради што конечниот изглед на понудентото повеќе наликува на политички, отколку на медиумски материјал наменет за широката публика.

2Линк до оригиналниот напис: Изгласан буџетот за 2014-та во Центар

Датум и време на објавување:  26.12.2013

Датум на рецензирање:  29.12.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Генерално, овој извештај објавен на интернет телевизија, нема проблем со вистинитоста, бидејќи навистина бил усвоен општинскиот буџет на таа седница на Советот. Проблематично е како е тоа претставено. Во написот сите заслуги ѝ се припишуваат на општинската опозиција, инаку партија која повеќе од 7 години е на власт во земјава и е прикажана како „светец“ наспроти другата страна. За тоа доволен пример е следнава формулација:

„Сите советници на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар гласаа „за“ и го поддржаа носењето на буџетот за следната година. Покажаа дека нивна првенствена цел е јавниот интерес и нормално функционирање на општината поради доброто на граѓаните“.

Ова не го вели политички претставник, туку авторот на текстот, без каде било да се огради со вообичаените новинарски фрази „како што велат, како што рекоа, според нив, итн“. Апсолутно немало потреба за такво несоодветно парафразирање, кога конечно советник од општинската опозиција самиот си кажува зошто гласале „за“ буџетот и тоа го користи за бележње поени. Но, тоа е очекувано од еден настап на политичар, но не и од автор на нешто што треба да биде новинарски производ.

Извори на информации: Изворите на информации се јасно наведени, има и едно, со телевизиски речник кажано, „тонско парче“ од општински советник. Но, тоа што недостасува за да се комплетира сликата за коректни извори е изјава и од другата страна, во овој случај, „власта“ во општината.

Содржајност: Ја имаме основната информација, но може да се каже дека таа не е до крај разработена. Недостасуваа конкретни бројки за тежината на буџетот, дел од дебатата, кои се најголемите проекти и така натаму. Сѐ можело и многу подобро.

Пристрасност: Силно изразена пристрасност и тоа во само три „авторски“ реченици. Невозможно е а да не се добие впечаток за јасна и дури може да се каже намерна политичка обоеност на овој текст.

Оригиналност/Плагијат: Иако не е наведен авторот, станува збор за оригинал поткрепен со видео инсерти.

Квалитет на насловот: Еден од посолидните елементи на овој материјал. Насловот е информативен и доволно кажува за тоа што се нуди во текстот.

Фотографија: Освен видео-запис, текстот е придружен и со една фотографија на која се наоѓаат советниците само на едната страна. Ако во насловот се кажува дека е „усвоен буџетот“, тогаш зошто нема фотографија, сликана од поширок агол, на која би биле „фатени“ сите советници? Некој би рекол случајност, но јас не мислам така.

Заклучок: Наместо „просто“ информирање, во овој случај, се добило „проширено“ агитирање. Очигледно некој повеќе се потрдудил околу политичкото фалење на едниот табор, наместо на содржајноста на тоа што го напишал. Кусо кажано: многу „фалинки“ на мал простор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција