Рецензија: Излезе на виделина скриената агенда на професорскиот и студентскиот пленум

oijk-09876-0987-crop-resize

 

Преку неименувани и анонимни извори, кои се претставедни како „упатени“ и „познавачи на состојбата“, се дава квалификација дека дејствувањето на пленумите е за да се поддржат политиките на СДСМ. Оваа констатација е дополнета со онаа дека пленумите имаат скриена агенда.

Сево ова се прави без да се чуе втората страна како што налага новинарскиот кодекс. Не е земена изјава ниту од „Студентски пленум“, ниту од „Професорски пленум“ за да се презентираат нивните ставови, односно зошто не влегоа во Собранието.

oijkЛинк до оригиналниот напис: Излезе на виделина скриената агенда на професорскиот и студентскиот пленум

Датум и време на објавување: 6.1.2015 3:58

Датум на рецензирање: 10.1.2015

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во поглед на вистинитоста, во текстот се тврди дека двата пленуми настапуваат заедно, што не е точно.

Пленумите настапуваат одвоено и се различни неформални движења. „Професорски пленум“ преку професорката Билјана Ванковска упати на тоа дека неговата агенда е поширока и нема да се сосредоточи само на државниот испит.

„Скриената агенда на Студентскиот и Професоркиот пленум излезе на виделина, откако вчера професорите скандалозно избегаа од дебатата за реформите во високото образование за која првично прифатија дека ќе учествуваат и ќе дојдат во собранието – местото кое самите го избраа, коментираат познавачи на состојбата.“

Се тврди дека има скриена агенда, но не се кажува која е таа агенда. Точно е дека професорите првично прифатија да дојдат во Собранието, но подоцна признаа дека се збуниле и дека решиле да не влезат зашто иако местото е законодавниот дом, сепак дебатата што би се водела внатре не би била дел од собраниската процедура на предлог-измените на Законот за високо образование, од која тие не беа дел. Аргументите на професорскиот и на студентскиот пленум дека тие не беа поканети ниту примени во законодавниот дом додека траеше постапката на законот не се презентирани.

„И студентите од студентскиот пленум кои се против измените во образованието и бараа дебата решија да не присуствуваат на дебатата и го подржаа Професорскиот пленум, иако претставници и на двата пленума ќе можеа арументирано да ги соочат сопствените аргументи.“

Тоа дека „претставници на двата пленума ќе можеа аргументирано да ги соочат сопствените аргументи“ е коментар на авторот.

„Самиот факт што студентите вчера се однесуваа исто како и професорите кои прво прифатија дебата, за по неколкуминутна политичка консултација да се предомислат и попишманат, според познавачите ова значи дека и тие исто како и професорите се координирани од еден ист центар.“

Се прави обид двата пленуми да се поврзат и да се претстават како блиски, координирани од исто место, но за тоа нема аргументи.

Студентите не се оденсуваа исто како и професорите. Тие веднаш во изјава за медиумите кажаа дека нема да влезат на дебата во Собранието и аргументираа зошто. Од горе изнесеното може да се добие погрешен впечаток дека и студентите прво прифатиле дебата, па се пишманиле, што не е точно.

Кои познавачи, каков центар и на каков начин ова се аргументира? Евидентна е презентација на фактите само од едната страна, додека дејствата преземени од професорскиот и од студентскиот пленум се коментирани од анонимни извори претставени како познавачи и експерти.

„Реално причините зошто професорите протестираат не се исти со оние на студентите, а сепак ни студентите не влегоа на дебатата. После ова, неминовно се поставува прашањето зошто професорите ги злоупотребуваат студентите? Зошто заеднички настапуваат кога се работи за различни закони, односно различни измени. Тоа што ги засега студентите не ги засега и професорите и обратно. Ова според добрите познавачи на состојбите укажува дека и Професорскиот и Студентскиот пленум имаат скриена агенда и се контролирани од ист центар. Откако маските паднаа, станува сосема јасно дека таканаречените Пленуми не се ништо друго, туку само опозициски инструменти, чија единствена цел е да ја поддржува политиката и агендата на најголемата опозициска партија, а со тоа наместо во интерес на образованието да дејствуваат во интерес на нејзините тесни политички интереси.“

Коментаторските елементи во изнесеното можат да остават впечаток на политичка пристрасност.

Во членот 13 од Кодексот се вели:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Во поглед на веродостојноста на изворите, Кодексот дозволува и да се заштитат изворите ако тие бараат да останат анонимни. Но, во ваков случај, секогаш на гледачот останува да верува или да не верува дали тие постојат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција