Рецензија: Јеховини сведоци проповедаат во куќата на Ацо Шопов

FireShotScreenCapture308-ЈеховиниSведоциАцоШопов-crop-resize

Деновиве се отвори една тема која се допира до уставното (и законско) право на нашите граѓани за нивна припадност кон доброволно избрана религиска заедница. Иако директно не се напаѓа една од тие, уредно регистрирани заедници (Јеховини сведоци), во дописот од Штип се алудира на токму тој факт, кога се поврзува нејзиното адресирање со некогашниот роден дом на поетот Ацо Шопов. Написот ја нема втората страна, иако за неговото објавување нема толкава итност да морало да се објави без „обвинетата“ страна. Дали штипјани или барем соседите би се побуниле ако во куќата живееле припадници на друга вереисповед или зошто не се јавил отпор кога семејството Шопови ја продало куќата, туку повикот за пренамена се јавува по една деценија или повеќе од купопродажниот чин.

FireShotScreenCapture308-ЈеховиниSведоциАцоШоповЛинк до оригиналниот напис: Јеховини сведоци проповедаат во куќата на Ацо Шопов

Датум и време на објавување: 28.10.2014, 16:35

Датум на рецензирање: 03.11.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Куќата на најголемиот лиричар во севкупноста на историјата на македонската поезија, Ацо Шопов, наместо паметник за сите времиња, денес е место во кое свои проповеди вршат Јеховините сведоци! Соседите се чудат и воопшто не им е јасно како е можно еден таков паметник на истакнат македонски револуционер и поет да се претвори во седиште на некоја верска заедница“, стои во воведот на текстот каде дефилираат неколку соседи од кои еден (објавено е само името!) вели дека оваа ситуација (врска секта во куќа на познат штипјанец) „со еден збор ова е срамота“, додека друга сосетка, без име и презиме,  вели дека од автомобили на оние кои доаѓаат во куќата не може да се мине по улицата…

Значи, во текстот има контрадикторност – како, ако е често има калабалак на улицата, воедно нема жива душа во куќата кога се бараат станарите како „друга страна“!?. Дали не требало навистина да се почека втората страна и да се дознае нешто за неа – дали е уредно регистрирана, што вели Законот и слично.

Обидот на наследниците на Шопов пост фестум да иницираат заштита на својот некогашен дом, што го продале и од тоа имале имотна корист, е непримерен. Имено, ако сакале продажбата да биде со услов, тие тоа би го направиле со купопродажниот договор. Тоа никој не можел да им го забрани и сега би можеле да побараат исполнување на услов од тој акт! Една од наследничките бара државата да постапи според членот 2 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја на Република Македонија. („Со подигање на меморијалните споменици и спомен-обележја се одбележуваат значајни настани и истакнати личности од историјата и културата на Република Македонија, а за подигање, чување, одржување и заштита и користење на спомен-обележјата донесува одлука Советот на Општината“). Добро е што информацијата од Штип содржи и одговор од Општината дека куќата не била под нејзина заштита и за тоа нема одлука! Значи, наследниците не се погрижиле за тоа додека биле во неа, ама сега тоа за нив станува значајно.

На една од фотографиите се гледа дека спомен-плоча, сепак, постои на влезот во куќата, која можеби е поместена, ама живееме во држава во која спомен-куќите од НОБ, од тој и многу поважен статус, едноставно ги голтна проектот „Скопје 2014“, па никому ништо.

Во Законот за верски задници и религиозни групи (види тука) јасно стои дека е гарантирана слободата на вероисповеста и тука е вклучена и молитвата. Во текстот и од страна на соговорниците не е наведено што прават припадниците на Јеховините сведоци во својот дом (или домот на свој припадник), ама според член 18, стои дека „верски обреди и верски работи се вршат во цркви, џамии и други храмови, како и во дворови кои со нив претставуваат една целина, на гробишта и во други простории на верската заедница, односно религиозната група“. При ова, законодавецот имал предвид дека некои верски групи и заедници се мали и ним не им треба преголем простор за верски обреди.

Во основа, проблемот на текстот е во неговата структурираност – најмал акцент има на релација Општина-поет-семејство, битна за остварување на тежината на проблемот, ако го има. Ставањето на акцентот на начинот на кој се користи приватен објект е сосема погрешен приод и тој барал и некаква уредничка интервенција, особено кај насловот и кај поднасловот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција