Рецензија: Кабранов има време да пишува за Фифи, а нема време да одговори со кого и што дувал во 1 по полноќ?

rc-09876-098-crop-resize

Навредлива и непријатна игра со приватноста, инсинуации за сексуалната ориентација сѐ со цел да се дискредитира уредник на портал што има уредувачка политика која е критички настроена кон власта. Ова не само што е непрофесионално, туку е и манипулантско и спинерско однесување. Стои и фактот што безобразно се работи на систематско уништување на либералната мисла, како и човековите права и слободи, меѓу кои и сексуалната ориентација. Наспроти новинарскиот кодекс кој налага да се зачува пристојноста, да не се користи медиумот за препукување со колеги, како и да се промовираат различните мислења, во овој дискурс е срочена синтеза на неновинарско однесување, неодговорни и ниски напади ad hominem, а за сето тоа се користи медиумот. Тоа се  прави пред очите на целата јавност како во гладијаторска арена.

rcЛинк до оригиналниот напис: Кабранов има време да пишува за Фифи, а нема време да одговори со кого и што дувал во 1 по полноќ?

Датум и време на објавување: 29.09.2014

Датум на рецензирање: 29.09.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Од аспект на критериумот вистинитост, сосема е нејасно кои се фактите што треба да се разгледуваат, од причина што во текстот нив ги нема. Она што се прави е барање повод, кој е неиздржан, за да се потсети на претходен текст и со зајадлив тон да се испровоцираат коментари комплетно ирелевантни за денешниот контекст.

Уредникот на Либертас нема време за одговори на ваквите прашања. Ама затоа има време за пишување, меѓудругото и за „високите признанија за особени заслуги“ што македонските трансексулци ги добиваат по комшиските „Паради на гордоста“, пишува Вистина.мк.

Горенаведениот коментар е тенденциозен, неиздржан и неаргументиран. Во него се забележува говор на нетолеранција кон ЛГБТИ заедницата и нејзино претставување како второстепена, ирелевантна и невредна за пишување.

Ова е во спротивност со новинарскиот кодекс, односно со членот 11:

Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.

Во корен е уништено и почитувањето на 13 член од Кодексот:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Така, во текстот се среќаваат и навредливи коментари, кои, иако пренесени од друг извор, сепак се одговорност и стојалиште и на медиумот кој ги пренесува.

Така е тоа… некој допрва е „Бамби под виножитото“, а некој …  „капиталец под божилак“!, пишува Вистина.мк

Коментарите и критиката кон известување за лицата од ЛГБТИ заедницата се дискриминирачки и навредливи и не придонесуваат кон градењето демократски амбиент, туку кон градењето амбиент на поделби. Во поглед на содржајноста, текстот не нуди ниту една нова информација, ниту тоа е неговата примарна улога. Тој е коментар на објавена информација од друг медиум и од тој аспект е повторување на претходно објавени текстови без новинарска вредност, пропратен со неаргументирани коментари. Не е јасно што е темата на ова писание, но јасно е дека не е направен обид да се контактира ниту еден извор. Се комбинираат статуси, фотографии и написи кои на ниту еден начин не се блиски ниту поврзливи, освен во спин-миксерот на медиумот кој се обидува да го сомеле неистомисленикот.

Уште на почетокот се забележува иронија кон функцијата на Кабранов, а целиот текст е пристрасен и „хејтерски“ (полн со омраза). Иако преземен од друг портал, текстот е и одговорност на оние што го пренесуваат, зашто со самиот акт на пренесување покажуваат стојалиште кон изнесените тези.

Во контекст на тоа, новинарскиот кодекс налага:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Со Фејсбук статус стар три години се прави очаен обид за лична дискредитација, базирана на навреди и инсинуации, ироничен однос кон маргинализираните групи, итн.

Така, на Либертас, порталот кого го уредува Ацо Кабранов осамна написот за нашата „гордост“ – трансвестит Филип Јаневски – Фифи, кој вчера се закити со блескавата титула „Бамби под виножитото“.

Станува збор за исклучително пристрасен текст, но и за отворена провокација, најверојатно поради различност на уредувачка политика и ставови во однос на појави во општеството.

Насловот провоцира, зајадлив е. За намерите на авторот на напишаното, најмногу говори фактот што тој не се обидува да отвори прашање од јавен интерес, туку да скандализира.

Парадоксално или не, се поставува и прашањето, дали медиумот одобрува фрлање камења врз медиум (или кој било друг јавен објект)?!

За ќотекот на полицијата врз оние кои беа против геј парадата во Белград на Либертас нема ниту збор. Ама затоа Либертас пишува  за „хулиганите“ кои фрлале димни бомби врз зградата на Б92, телевизијата која отворено се залага за еднакви права на сите граѓани без разлика на сексуалната ориентација.

Текстот не е новинарски, зашто нема обид да се дојде до проверени факти, не е кренат телефон да се земе изјава. Се остава впечаток дека главната цел е дискредитација. Но, важно е да се каже дека не е од „нигде-никаде“ дојдено до идејата да се пишува на тема Ацо Кабранов, зашто на овој текст му претходеа и други со слична содржина, испровоцирани од претходни напади за новинарот и неговото семејство. Не само што е непрофесионално напишан, туку и во содржната текстот содржи небулози и мешање во уредувачката политика. Едноставно, станува збор за провокација. Недозволиво.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција