Рецензија: Како до евтин еколошки превоз

Dnevnik_mk__ItemIDF802CE94748-crop-resize

Рецензираме новинарски прилог во кој да се покажела малку поголема амбиција при обработка на темата ќе можевме да дадеме позитивна рецензија. Не се забележани некои ситни пропусти и написот не е прочитан уште еднаш и, ако треба, уште еднаш.

FireShot Screen Capture #124 - 'Велосипед возат само 1,4 отсто скопјани, другите трпат метеж' - dnevnik_mk__ItemID=F802CE94748Линк до оригиналниот напис: Како до евтин еколошки превоз

Датум и време на објавување: 13.03.2014, 22:02

Датум на рецензирање: 19.03.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД

Погодена е многу легитимна тема од јавен интерес, која е обработена јасно и содржајно- како да се ослободи градот од автомобилскиот метеж и автомобилот како превозно средство да се замени со велосипед.  „Се разработува нов пристап за развој на сообраќајните концепти, со кои треба да се унапредат ефикасноста, безбедноста и мобилноста на сите учесници во сообраќајот, но и да се подобри и заштити здравјето на граѓаните…

Текстот почнува наративно, со изјавата на сограѓанинот кој со име и презиме зборува за предностите на велосипедот во градскиот метеж, потоа следи уште еден референтен извор со изјава од граѓанскиот сектор, кој ја потврдува тезата за предностите на велосипедот, а завршува со пример од една европска земја, Франција, каде државата размислува да им дава парична надокнада на оние што ќе се одлучат со велосипед да одат до работните места.

Насловот, иако не е многу креативен, го „продава“ текстот, бидејќи буди интерес на читателите: „Како до ефтин еколошки превоз“. Поднасловот е добро одбран и веднаш дава одговор на прашањето кое е поставено во насловот и заедно со „жива“, добро одбрана фотографија (за жал без потпис на авторот) прави добра насловна целина.

 

ЕНИГМАТИКА ВО ДОКУМЕНТИТЕ

Другите извори, кои со податоците треба да ги поткрепат овие тези, се документи и изјава од Градот Скопје и сосема се релавантни.  Според сообраќајна студија за град Скопје 30 одсто од патувањата се реализираат“ „податоците од истражувањето во рамките на  Локалниот еколошки план на Град Скопје покажуваат дека загадувањето“„според прелиминарните пресметки, во Скопје по булеварите има мрежа од велосипедски патеки долга 60 километри и мрежа покрај Кејот на Вардар од двете страни долга 20 километри“.

Нема причина да се сомневаме во веродостојност на овие податоци, меѓутоа авторот не објаснува попрецизно за каква студија станува збор, кој ја изработил, кога, врз основа на која методологија, за кој временски период, како е дојдено до податокот  дека „…само 1,4 одсто од патувањата се со велосипед“, дали е правено некое стаистичко истражување, врз кој примерок…  

Вака, како што се презентирани, отворено можеме да се посомневаме дека податоците од „студијата“ се преземени од некој друг портал, на пример, од овде, каде што во ноември минатата година, повикувајќи се на „Студијата за подобрување на јавната транспортна мрежа“ се објавени истите податоци.

Слично е и кај презентација на податоците од истражувањето во рамките на Локалниот еколошки план за загадувањето. Немаме никаква одредница кога е правено истражувањето, која година и во кој период на годината (лето, зима, пролет, есен). Истото се повторува и при податоците за должината на велосипедските патеки: „Според прелиминарните пресметки во Скопје има мрежа од велосипедските патеки долга над 60 километри и мрежа покрај Кејот на Вардар од двете страни долга 20 километри“. Овие податоци можеби се точни, но можеме да се посомневаме и во нив, бидејќи не е објаснето кој ги направил тие  прелиминарни пресметки за да можеме да му веруваме.

 

ВО НОВИНАРСТВОТО НЕМА „ЗДРАВО-ЗА ГОТОВО“

Авторот ги прима и презентира податоците „здраво за готово“, без коментар. „Во завршна фаза е  комплетирањето на велосипедската патека на левиот брег на Вардар, а во целост е завршена патеката на десниот брег.“

За жал, во изјавата на соговорникот од Град Скопје, има нелогичност во податокот кој вели дека „целиот десен брег на Кејот на Вардар е уреден за велосипедска патека“, бидејќи сигурно и самиот поминал повеќе пати на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до „Холидеј ин“, каде кејот е блокиран поради изградбата на трите згради во вид на бродови во Вардар и велосипедската патека е раскопана и блокирана.

Компилација при изработка на новинарскиот производ е легитимна и авторот ја искористил веста од пред неколку дена дека во Франција постои  инцијатива да им се дава парична надокнада на граѓани кои ќе одлучат на работа да одат со велосипед. Ја сместил во антерфиле и на целиот текст, кој го потпишал со полно име и презиме, му дал додадена вредност.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција