Рецензија: Ќе горат во пеколот: Родители си го изгладнувале бебето до смрт бидејќи имале „попаметна работа“

vestaza-crop-resize

Пред нас се наоѓа вест од рубриката свет, во која изостануваат основните елементи на веродостојност. Главната забелешка се состои во тоа што авторот на македонската верзија на текстот, кој најверојатно е превод од странски медиуми, не прави професионална дистанца од содржината и се доведува во ситуација да суди, да се соживува со написот и да изнесува вредносни квалификации кои одат дотаму што тој го предвидува пеколот како казна за сторителите на кривичното дело. Новинарите не се Господ, иако во принцип се чувствуваат послободни да ги инволвираат вредносните судови во своите пишувања тогаш кога се уверени дека веста се случила „некаде далеку“ и дека најверојатно никој нема да реагира на начинот на кој е пласирана информацијата.

vestazaЛинк до оригиналниот напис:  Ќе горат во пеколот: Родители си го изгладнувале бебето до смрт бидејќи имале „попаметна работа“

Датум и време на објавување: 22.11.2013; 11:14

Датум на рецензирање: 22.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Текстот нема доволен корпус на елементи што би ја потврдиле неговата вистинитост. Недостасува линкот до оригиналниот напис, како и повеќе детали за тоа кој суд им пресудил на родителите на детето. Наводите дека тие го изгладнувале детето зашто оделе по забави, се атрибуирани како директни изјави на родителите, но потребен е поголем ангажман од новинарот за да ја провери оваа информација, на пример, со истражување на интернет, кое ќе доведе до полициски извори или пак изјави од инволвирани во истрагата со што ќе го убеди читателот дека податоците се верни на вистината.

Извори на информации: Текстот нема извор на информациите. Најмалиот напор што авторот на македонската верзија од текстот можел да го направи е да пронајде и да постави линкови до повеќе извори на оригиналната вест.

„ Имено, во текот на една од тие забави, неколку тинејџери слушнале како бебето плаче. Глетката била ужасна. Бебето било коска и кожа, а родителите во полицијата изјавиле дека имаат други работи наместо да го хранат детето.“

Преку овој цитат во текстот авторот се труди да го претстави настанот како осведочен од „неколку тинејџери“. Но, освен имињата на осудените не се појавува ниту едно друго име.

Содржајност: Текстот е оскуден со информации што е дополнето со фактот дека во него не се содржани изјави од изворите на истрагата или пак сведоците,  кои би можеле да му додадат на кредибилност на новинарскиот производ. Особено пречи што не се обелоденува кој суд ја донел пресудата, што го прави текстот премногу непрецизен, тежок за лоцирање и со самото тоа, да се верува во неговата содржина безрезервно.

Пристрасност: Авторот на македонската верзија на текстот дозволил да го совладаат емоциите и се претворил во судија. Тоа е особено видливо преку насловот, во кој се тврди дека брачната двојка ќе гори во пеколот, но и преку коментарот на крајот од текстот:

Ужасно… каде ли ќе им оди душата.

Новинарот кој изнесува факти и аргументи за настанот воопшто нема да има потреба да се доведе во ситуација да го убедува читателот во монструозноста на делото за кое известува, бидејќи тоа ќе биде непотребно. Читателите самите можат да донесат вредносен суд.

Коментирање: Текстот содржи интегрирани коментари заедно со фактите. Покрај експлицитното коментирање во насловот и во прашањето „каде ќе им оди душата“ на родителите што го изгладнувале своето дете, има и коментирање кое се провлекува низ формулации што се не толку експлицитни. На пример, во реченицата:

„21-годишната Британи Алстон и 21-годишниот Џастин Алстон го изгладнувале детето верувале или не бидејќи немале време за него одејќи по забави.“

Коментарот „верувале или не“ не допринесува да се зајакне вистинитоста, релеватноста или уверливоста на текстот. Зошто се претпоставува дека читателот по автоматизам не би верувал во информацијата која новинарот му ја пласира ако таа содржи доволно аргументи и докази и е поткрепена со изјави?

Оригиналност/Плагијат: Поради локацијата каде се случил настанот за кој се известува, сосема е веројатно таа да е адаптација на странска верзија од некој друг медиум, односно да е превод од странски медиум. Тој медиум не е наведен. Ако се работи, пак, за сознание на самиот новинар од македонска редакција, тогаш нејасно е зошто тој не се потпишал и зошто не навел како дошол до директните сознанија.

Квалитет на насловот: Насловот е коментаторски, содржи осуда и лична инволвираност на авторот. Тој внесува дополнителна драматичност, иако самиот настан со изнесените факти го прави коментарот бесполезен и непотребен. Впрочем, во сите случаи кога се известува, коментарите се редундантни.

Фотографија: Доколку би се користела фотографија од судот, или, пак, од осудените лица, текстот би бил поверодостоен, односно поткрепен. За сметка на ова се користи фотографија од нога од бебе, што внесува дополнителна емотивност. Фотографијата, сепак, е коректна.

Заклучок: Новинарот не е судија, а написите не се негови лични дневници. Емоцијата кон настанот, (без разлика од тоа за каков настан се работи) авторот би требало да ја исфрли од известувањето. Ладната глава и мирната рака пишуваат најпрофесионални написи. Низата коментари и квалификации и личните мислења, зачинети со тврдењето дека брачниот пар ќе гори во пеколот се непрофесионални, но се јавува сомнеж дека се поставени со интенција да се воведе драматичност. Кога станува збор за донесени пресуди, тоа значи дека постојат официјални документи и инволвирани во истрагата, чии изјави допринесуваат за веродостојноста на авторот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција