Рецензија: Ќе се отвора саркофагот на Гоце Делчев?

FireShot-Pro-Screen-Capture-111-Ќе-се-отвора-саркофагот-на-Гоце-Делчев-crop-resize

Со крајно ниско ниво на новинарска орговорност се најавува отворање на саркофагот на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, во црквата Свети Спас во Скопје. Потрагата по авторот на саркофагот се поврзува со нужноста тој да се отвори за да се провери дали можеби потписот на авторот е некаде во неговата внатрешност.

Написот е импровизирана мешавина од точни и повеќе неточни информации, по што веднаш по неговото објавување, истиот ден стигнал и демант од референтните институции дека воопшто не постои идеја или иницијатива тој да се отвори.

FireShot Pro Screen Capture #111 - 'Ќе се отвора саркофагот на Гоце ДелчевЛинк до оригиналниот напис: Ќе се отвора саркофагот на Гоце Делчев? 

Датум и време на објавување: 09.02.2014, 20:43

Датум на рецензирање: 13.02.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Главната, носечката информација во прилогот

„Во потрага по името на авторот не се исклучува и по цели седум децении да се отвори камениот саркофаг на Делчев“  

не е вистинита.

Извори на информации: Нема никаков извор на информации кој ја потврдува тезата за отворање на саркофагот. Тука авторот сам се става во улога на „референтен соговорник“ кој не ја исклучува таквата можност. Изјавите на двајцата референтни соговорници не се поврзани со носечката идеја во текстот „саркофагот да се отвори за да се утврди…“,  туку се придружен елемент на текстот со кој не се потврдува главната информација и не можат да се земат предвид како извор.

Содржајност: Не може да се зборува за содржајност на нешто што не е вистина. Вториот дел на репортажата има некаква содржина, бидејќи претставува бекграунд на текстот во кој се објаснува проблемот со авторството на камениот саркофаг и обидите да се утврди кој го изработил. Но, тој дел од содржината нема врска со тврдењето на авторот дека  „…во потрага по името на авторот не се исклучува да се отвори камениот саркофаг (…) и дека идејата е со откривање на  капакот да се види дали авторот можеби потписот го ставил внатре…“ Во овој дел на содржината немаме одговор кој тоа не ја исклучува таквата можност и чија е идејата саркофагот да се отвора.

Пристрасност: Авторот е пристрасен кон сопствената идеја саркофагот да се отвори и низ сопствениот коментар дава образложение:

„Истовремено ова отворање би можело да се искористи за употребување на најновите технолошки достигнувања што може да даде одгвор на уште една мистерија – дали во саркофагот се сите коски на Делчев или некои недостигаат.  Со испитување на коските  ќе може да се реконструира и убиството“…

Оригиналност/Плагијат: Репортажата е оригинално автроско дело со потпис на новинарот.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационален и така како што е срочен може да мобилизира. Замислете веста да е вистинита и саркофагот навистина да се отвори. Колку аџии од цела држава, па и од регионот, после овој текст би се собрале во црквата Свети Спас да се поклонат пред моштите на македонскиот револуционер.

Фотографија: Можела да биде приложена и поубава и пожива-новинска фотографија од саркофагот и просторот каде што тој се наоѓа.

Заклучок: Авторот во замислувањето на приказната можеби бил инспириран од неодамнешните пренесувања на моштите на кралските семејства во една соседна земја, од што е направена национална парада, па си помислил како би изгледало и колку би било убаво тоа да се направи и кај нас. „Влегол во филмот“ дека нема подобра прилика, туку да се отвори саркофагот на Гоце Делчев. Можете ли да ја перцепирате сликата на таков чин, на непрегледна колона аџии кои доаѓаат на поклонение на моштите на Гоце. Па црковна церемонија и парастос, па државен врв, химна, гардисти, народ, делегации…

Никој на медиумите и на новинарите не им забранува да пласираат идеи и отвораат теми од јавен интерес, каква што е авторството на саркофагот во кој почива Гоце Делчев. Но, тоа не смее да се прави на ваков начин како да е готова работа и „утре“ саркофагот ќе биде отворен. Авторот вели дека „не се исклучува отворањето на саркофагот…“, а не соопштува кој тоа не го исклучува. Вели: „идејата е со отворањето да се види дали  авторот оставил потпис внатре…“, а не кажува чија е таа идеја. Ако тоа била негова лична идеја, тоа можел да го објасни низ коментар за потреба од отворањето на саркофагот како би се решил проблемот врзан со авторството. Вака ги довел во заблуда читателите и ги измамил.

За приказната да не се шири, бидејќи ја презеле многу други портали, веднаш стигнал демант од референтна институција:

„До нашата институција која управува со овој простор нема никакво официјално барање за такво нешто“…

изјавила директорката на Скопски конзерваторски центар Ема Петрова Николовска,  а слична изјава дал и шефот на кабинетот на поглаварот на МПЦ, Бобан Митевски.

Авторот направил сериозно непочитување на Кодексот на новинарите на Македонија:

Член 1.

Новинарот треба да објавува точни и проверени информации и нема да прикрива суштински податоци. Точност на информации треба да се провери колку што е тоа можно.

Новинарот би требало пост фестум да го испочитува член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Член 3.

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција