Рецензија: Кирил Поп Христов со влошено здравје пренесен на клиника?

ALFA-TV-2013-09-25 crop resize

Читањето на текстот не дозволува да се дознае дали актерот Кирил Поп Христов е сѐ уште во притвор или, пак, бил пренесен во болница со нарушена здравствена состојба. Според текстот, болнички и судски извори велат дека тој е во болница, додека семејството тврди дека тоа не е точно. Наводите на семејството се наведени подолу во текстот чија цел е очигледно да го натера читателот да верува дека актерот е во болница, но не ја открива вистината за настанот.

ALFA TV - 2013-09-25_15.11.07Линк до оригиналниот напис: Кирил Поп Христов со влошено здравје пренесен на клиника? 

Датум и време на објавување: 24.09.2013, 18.56

Датум на рецензирање: 25.09.2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Неопределени “болнички и судски извори” наведуваат дека актерот е во болница. Истото се однесува и на неговата здравствена состојба која била влошена. Се тврди, без наведување на каков и да е извор, дека тој има тумор на грбот и се вели дека тој “му ги притиска ребрата и му го отежнува дишењето. Сега одново туморот му го комплицира здравјето.” Тешко е да се открие што е вистина во текстот.

Извори на информации: Изворите на информации се непознати. Болнички и судски извори и семејството на актерот се наведени како оние кои ги дале информациите за текстот, но нема именуван извор, а двата извори се контрадикторни.

Содржајност: Текстот е нецелосен. Никаде не може да се забележи проверка на двата наведени извори, ниту, пак, дали еден од изворите претерува, ниту, пак, е направен обид да се утврди веродостојноста на изворите.

Пристрасност: Се забележува извесна пристраност кон еден од изворите. Им се дава предност на болничките и судските извори и нивното тврдење дека актерот е пренесен во болница. Текстот тврди дека актерот е сериозно болен, но тоа не се потврдува со ниту еден извор, така што се поставува прашањето која е целта на овој текст. Toj се обидува да наметне дека актерот би можел да продолжи да го лежи притворот во болница, но авторот на текстот тоа не го потврдува со изјава.

“Според нашите информации адвокатите неколку пати го алармирале судот и затворските власти дека здравјето на актерот е загрозено и дека нема услови да се лекува во притворот па затоа било побарано да остане во болница за да може да му се пружи адекватна помош.”

Квалитет на насловот: Насловот одговара на шпекулативноста на текстот, бидејќи е ставен знак прашалник на тврдењето дека здравствената состојба на актерот е влошена.

Заклучок: Овој текст е обид да се дадат информации за притворот на Кирил Поп Христов, според кои тој би можел да биде испратен на болнички притвор. Но, од текстот не може да се дознае дали здравјето на актерот е влошено или не, со што тој се претвора во шпекулација која не го информира читателот, туку го тера да си поставува дополнителни прашања на кои нема одговор и кои збунуваат. И покрај сериозноста на ситуацијата, не е сторено доволно да се провери за што точно станува збор и да се добие недвосмислен одговор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција