Рецензија: Кјуби ја пренесува дејноста во Бугарија и Романија на Евроинс

Бугарија и Романија на Евроинс www_zurnal_mk_content_asp_id=2013124114847-crop-resize

Станува збор за соопштение за јавноста издадено од страна на осигурителната компанија „Евроинс“ од Скопје, која е во сопственост на истоимениот бугарски холдинг за осигурување. Соопштението е пренесено на долго и на широко, од збор до збор и безмалку без никакви уредувачки интервенции. Тоа речиси и да нема некаква врска со Македонија и со интересите на македонската читателска публика.

Меѓународната осигурителна компанија КЈУБИ со седиште во Сиднеј, Австралија, која веќе со месеци нема никакво присуство во Македонија и која од поодамна реши да се повлече од редица национални пазари во Источна Европа, издадените полиси во Романија и во Бугарија ги отстапила на осигурителна компанија од Бугарија. Тоа е целата суштина на соопштението на кое овде се потрошени над 30 редови.  Единствена допирна точка со Македонија е фактот што бугарската осигурителна компанија, која ќе го земе бугарскиот и романскиот бизнис на КЈУБИ од Австралија, има и своја филијала во земјава. Но, соопштениево нема никаква врска со работењето на „Евроинс“ во Македонија, туку исклучиво со Бугарија и Романија. И, иако „Евроинс“ од Скопје има бугарски капитал, таа е регистрирана во Македонија, работи според македонските закони и нуди осигурување само во Македонија. „Евроинс“ од Скопје дефинитивно нема никаква врска или допирна точка со префрлањето на полисите на австралиски КЈУБИ во Бугарија на бугарскиот „Евроинс“ или во Романија.

Кјуби ја пренесува дејноста во Бугарија и Романија на Евроинс www_zurnal_mk_content_asp_id=2013124114847Линк до оригиналниот напис: Кјуби ја пренесува дејноста во Бугарија и Романија на Евроинс

Датум и време на објавување: 4. 12. 2013,  11:48

Датум на рецензирање: 7. 12. 2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Соопштението за медиуми е бездруго вистинито. Тоа не е проблем. Прашањето е само која е смислата на неговото објавување во ваква обемна форма.

Содржајност: Ова е главниот проблем. Најголемиот број вести што ги рецензираме во овој сервис, а кои имаат проблеми со содржајноста, тоа е зашто некои елементи им недостасуваат или зашто некои елементи се намерно прикриени. Овде состојбата е обратна. Овде имаме премногу детали кои никого не го интересираат. На пример, кој би можел да биде толку заинтересиран што ќе прави досегашната директорка на КЈУБИ во Бугарија, освен можеби едно до две лица во „Евроинс“ во Скопје, кои евентуално ја имаат запознато на некоја специјализирана регионална конференција за осигурителниот бизнис?

Нејасно е и зошто ова соопштение е пренесено толку на долго и на широко на портал што нема никаква посебна или специјализирана ориентација во однос на деловното или финансиското известување, туку е од општа информативна природа. Во целост се пренесени и изјавите на директорот на европската централа на КЈУБИ и на директорот на групацијата „Евроинс“ од Бугарија во кои ништо значајно не се кажува, а камоли да се спомне Македонија, туку во кои овие двајца директори си честитаат самите на себеси за сторената зделка.

Она што можеме да се запрашаме е дали можеби причината за објавувањето на ова соопштение на ваков начин е фактот што во минатото КЈУБИ беше присутен и на македонскиот пазар. Да, тоа е точно, но КЈУБИ се повлече од земјава од пред повеќе месеци, а уште од поодамна е познато дека Австралијците решија да се повлечат и од редица други земји од регионов, меѓу кои и Бугарија и Романија. Ако редакциите редовно пишуваа за таквите потези на странските компании во Бугарија, Романија, Србија и другите земји од соседството, економските рубрики на македонските медиуми ќе беа преполни со такви вести, но ќе беа и бесконечно здодевни и никој немаше да ги чита.

Пристрасност: Ваквиот однос кон соопштенијата на странските компании неретко доаѓа и заради надежта на сопствениците и уредниците на медиумите, дека ако објават соопштение  од странски компании со тоа ги зголемуваат шансите во иднина да добијат и платени огласи од нив. Се разбира, проблемот во ваквиот начин на размислување  е тоа што содржината на медиумите, односно оној дел од содржината кој го полнат новинарите и уредниците, не смее да се води од комерцијални интереси од било кој вид.

Оригиналност/Плагијат: Може да се каже дека ова заличува на плагијат, зашто не е наведено оти станува збор за соопштение за јавноста издадено од компанијата и напишано и лиферувано од неа или од нејзината ПР агенција. Без да се каже дека станува збор за корпоративно соопштение, може да се добие впечаток дека изјавите на двајцата директори се дадени на новинар на порталот.

Квалитет на насловот: Насловот ја кажува суштината на соопштението за јавноста. Проблемот со насловот е што иако тој е соодветен на содржината, сепак, го збунува читателот, кој веднаш ќе се запраша: „Што врска има ова со нас?“

Фотографија: Фотографијата е застарена. Од оваа зграда во Скопје (поранешниот ДОС) КЈУБИ е заминат и во неа нема ништо од австралиската осигурителна компанија.

Заклучок: Што друго да се каже освен дека сето ова било непотребно и дека претставува бадијала потрошен простор. На прв поглед се чини дека голема штета не е направена зашто просторот на интернет е речиси бесконечен и многу евтин, но тоа не е така. Сето она што ќе се објави непотребно создава „шум“ со кој се поклопуваат оние важни вести што сега веќе не можат да дојдат до израз, односно на преден план, од редицата неинтересни и непотребни вести. Тоа што преземање на комплетно комерцијално соопштение е многу лесна работа (текстот е готов и подготвен и тоа сосе наслов, па не треба речиси никаков новинарски труд), не значи дека треба да се објави. Се разбира, ако не сакате сопствениот медиум да го претворите во обично поштенско сандаче.

За разлика од новинарите од развиените земји, македонските економски новинари сѐ уште не се секојдневно преплавувани со стотици соопштенија од секакви компании и сѐ уште има новинари кои сметаат дека кога ќе добијат некакво комерцијално соопштение тоа веднаш треба да се објави и тоа онакво какво што стигнало без оглед дали е или не е интересно. Па дури и без оглед дали нешто воопшто во него се кажува од интерес за јавноста или тоа се состои само од празен од и самофалби.

Обично пребарување на македонските агрегатори на вести јавува дека ова соопштение во Македонија е објавено дури од 9 портали. Од друга страна, пак, во матичната Бугарија, на која ова соопштение се однесува директно, тоа е објавено на 8 портали, како што покажува пребарувањето на Гугл. И тоа речиси сите оние портали во Бугарија, што објавиле напис на оваа тема, се деловни публикации на кои деловното или финансиското известување им е главна задача.

Инаку, колку малку трпение има публиката за вакви и слични текстови покажува и оваа вест, која говори за инвестициските активности на турската компанија „ТАБ Гида“ во Кина. Иако станува збор за компанија која е присутна во Македонија како сопственик на првиот „Бургер Кинг“ ресторан на скопскиот аеродром, веста, сепак, нема врска со Македонија и говори исклучиво за плановите на компанијата да преземе 83 „Бургер Кинг“ ресторани во Кина. Авторот на оваа рецензија, како уредник, лично има почувствувано колку читателите на генералните портали за вести се заинтересирани за специјализирани или субспецијализирани деловни вести наменети за многу ограничен дел од публиката, како што покажува следниов коментар на читател:

„Едвај чекавме некој да ни каже дека таа турска фирма ќе се зафати и во Кина. Сега ќе можат сите Македонци убаво и задоволно да спијат. Јавете и за таа монголската фирма која ќе отвори фирма за молзење камили во САД!“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција