Рецензија: Кој е Петре Шилегов?
Со наслов кој навестува „откривање на Америка“ и тајминг без повод и причина, овој текст не нуди ниту една нова информација. Би било логично да се објави текст со слична тема во периодот кога партијата го промовира новиот портпарол, но од стапувањето на Петре Шилегов на портпаролското место во СДСМ поминати се повеќе од шест месеци. Основното пребарување води до текст на друг портал од каде што е преземен написот што го рецензираме и тоа со минимална адаптација и преработка, но со основниот корпус на изнесени податоци. Првичниот текст е објавен непосредно откако Шилегов е промовиран за портпарол. Половина година подоцна, логично се наметнуваат прашањата зошто токму во овој тајминг се објавува бајат текст и уште поважно, кој е јавниот интерес од кој произлегува неговото објавување?
Линк до оригиналниот напис: Кој е Петре Шилегов?
Датум и време на објавување: 21.01.2014, 12:24
Датум на рецензирање: 24.01.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост:
„Првата прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов беше на тема – кавга со новинари.“
Коментаторскиот пристап на стартот од текстот е во спротивност на членот 3 од Кодексот на новинари каде пишува:
„Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“.
Оттука, секој има право да бара објавување на исправка, без тоа да се толкува како „кавга“. Делот кој се однесува на предлогот Шилегов да биде дел од Државната изборна комисија, се темели на напис на „Дневник“ во кој нема наведено извор, односно изворот е анонимен. Оттука, не може да му се подари целосна верба на овој податок како вистинит.
Остатокот од текстот преку исклучителен „ад-хоминем“ пристап претендира да го инволвира Шилегов во скандали, иако тој во тие случаи е адвокат, а не учесник во скандалите.
Извори на информации: Единствениот извор на информации во оваа компилација се извадоци од он-лајн изданијата на медиумите.
Содржајност: Текстот содржи хронолошки приказ на активностите на Шилегов, како адвокат, но без да се евидентира каков е импактот на таа хронологија врз денешното функционирање. Исто така, не може со сигурност да се тврди дали дел од изнесените факти, се вистинити или не со оглед на тоа што се преземени од текстови во дел од кои изворите се анонимни. Понатаму, може да се нотира постоење на недоречености:
„Шилегов дел од својот работен век ја поминал во Управниот одбор на Комуналната хигиена во времето на Ристо Пенов. Подоцна, во 2002 година беше заменет. Во ввремето кога Шилефов беше цо УО на Комунална хигиена излегоа неколку скандали.“
Авторот не дава одговор на прашањето кои се тие скандали.
Пристрасност: Се добива впечаток дека селективно се наведени случаи од адвокатската кариера на Шилегов, од кои треба да се заклучи дека тој практично бранел само клиенти кои ги губеле судските случаи и дека не се задржувал долго на позициите што ги извршувал во партијата поради несогласувања со раководството. Од повеќето коментари може да се насети политичка пристрасност.
Коментирање: Дел од коментарите претендираат да го дискредитираат Шилегов „ад-хоминем“ поради функцијата што ја извршува, а попатно да го вклучат и претседателот на СДСМ.
„Првата прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов беше на тема – кавга со новинари.“
„Денеска има задача на било каков начин да го исправа Заев после секое негово појавување пред медиумите, од незгодите во кои сам се става „благодарение“ на неговите гафови“.
„Стравуваше дека Шекеринска нема да го прифати предлогот на Владо Бучковски, кој раководеше со партијата во тоа време, тој да биде член во Државната изборна комисија.“
Оригиналност/Плагијат: Текст со слична содржина е објавен пред повеќе од половина година на друг портал. Текстот што го рецензираме со мали адаптации е објавен во период кога Шилегов во јавноста пласира документи за потенцијална корупција на новинари.
Квалитет на насловот: Насловот предизвикува внимание и љубопитство кои траат додека да се прочита текстот полн со бајати информации.
Фотографија: Фотографијата е коректна и поставена за да го информира читателот на кого се однесува текстот и во неа нема ништо спорно.
Заклучок: Како своевиден „репринт“ без посочен извор, овој текст не нуди нови информации и е насочен кон дискредитација на личност поради функцијата што ја врши. Ова се прави на софистициран начин, во временски период што е индикативен. Основната манипулација е дека со оглед на тоа што Шилегов застапувал сторители на кривични дела на суд како адвокат, го прави и него вреден да се пишува „кој е“. Текстот остава сомнеж дека има за цел да дефокусира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар