Рецензија: Кој ги штити педофилите

Објавувањето делови од записник на седница на Уставниот суд и обелоденувањето на тоа кој судија како гласал, е казниво дело.

Рецензија: Кој ги штити педофилитеЛинк до оригиналниот напис: Кој ги штити педофилите

Датум и време на објавување: 11.05.2013, 22:20

Датум на рецензирање: 13.05.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост: Написот на Република, со нагласени коментаторски елементи, открива како гласале судиите на Уставниот суд при донесувањето одлука да се поведе иницијатива за оценување на уставноста на делот од законот кој наложува да се подготви регистер на педофили.

Точноста и веродостојноста на наводите за тоа кој ја поддржал таа одлука не може да се утврди, бидејќи станува збор за информација од таен карактер, чие објавување повлекува строга, затворска казна.

Извори на информации: Изјавите на доцент д-р Мирослав Пендаровски и на министерот Спиро Ристовски се еднострани и нерелевантни, бидејќи се однесуваат на прашањето зошто е укинат Регистарот на педофили, што е споредно прашање во написот. Клучно прашање е кои уставни судии ја донеле таа одлука и зошто.

На крајот на написот, Република како извор го наведува порталот Курир, но текстот на овој сајт е избришан (како и на сајтовите на повеќето провладини медиуми кои објавија вакви атаци врз уставните судии).

Содржајност: Текстот не е сеопфатен, бидејќи воопшто не ги третира аргументите и на уставните судии и на експертите за човекови права, во прилог на прифаќањето на иницијативата со која се оспорува Регистарот за педофили.

Пристрасност: Лага е тврдењето на написот содржано во лидот, дека „одредени судии“ застанале на страна на „сторители на грозоморен чин, а не на жртви“. Одлуката на Уставниот суд не го оспорува Законот во целина и го оценува од аспект на неговата согласност со Уставот, а не од аспект на односот кон инкриминацијата.

Вториот клучен спин е дека уставните судии кои „ги штитат педофилите“ (наведени поименично) се главно луѓе блиски до Бранко Црвенковски (притоа, се занемарува ноторната вистина дека шефот на државата има формални надлежности да предлага судии на овој суд).

Коментирање: За читателот да нема никаква дилема или љубопитен сомнеж, текстот е воведен со коментар, проткаен е со коментари и завршува на истиот начин.

Плагијат: Со оглед дека текстот-изворник е избришан, не може да се одреди оригиналноста на написот.

Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен и тој поставува прашање кое навидум е реторичко, но кое во текстот добива одговор – конкретен список на судии кои „штитат педофили“.

Фотографија: Фотографијата е несоодветна со написот и е избрана да ги засили емоциите на читателот, во поткрепа на главната теза на авторот.

Говор на омраза: Тврдењата дека идејата што стои зад одлуката на судиите е „грозморна“, а „целта застрашувачка“, дека се ставаат политичките пред интересите на децата и дека дел од овие судии гласале за укинување на паричниот надоместок за четврто дете и со тоа „задале удар“ на многу семејства, се коментари со директна намера да се дискредитираат уставните судии.

Заклучок: За секоја одлука, па дури и за одлуките на Уставниот суд, може и треба да се води јавна дебата, но не на начин што ќе се прекрши правилото на тајноста во одлучувањето и што ќе се изврши напад ад хоминем.

Интегритетот на уставните судии е клучен за независноста на оваа судска институција и затоа тој не смее да се загрозува на ваков начин.

Рецензија: Кој ги штити педофилите

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција