Рецензија: Кој го испрати лажниот новинар да направи инцидент во општина Карпош?
Текстот што е пред нас со нагласена тенденциозност се осврнува на инцидентот на последната седница на Советот на Општина Карпош (12 ноември 2014 година). И, притоа, без да посочи прецизни извори на информации, ни ја претставува само едната страна на приказната.
Линк до оригиналниот напис: Кој го испрати лажниот новинар да направи инцидент во општина Карпош?
Датум и време на објавување: 14.11.2014, 18:24
Датум на рецензирање: 16.11.2014
Рецензент: Оливера Војновска
БЕЗ ИЗВОРИ И АРГУМЕНТАЦИЈА
Неспорно е дека инцидентот во Општина Карпош се случил. Информација за настанот имаше во повеќе медиуми, проблемот е во начинот на кој се информира јавноста за овој случај. Написот, всушност, се темели на прес-конференцијата на градоначалникот на Општина Карпош. Меѓутоа, никаде во материјалот не се посочува дека станува збор за изјава на Стевчо Јакимовски, туку сите наводи се пласирани како согледувања на неименуваниот автор.
Само на едно место во текстот е употребена воопштена формулација, „според информациите од Општина Карпош“, при што се излегува со експлицитно тврдење дека Магдалена Несторовска, член на Советот на Општина Карпош:
„…го осмисли и режираше целиот инцидент“
Но, во написот не се нудат никакви аргументи за да се поткрепат ваквите обвинувања кои прозвучуваат како анонимниот текстописец да бил сведок на „заговорот“.
САМО ЕДНА СТРАНА
Материјалот почнува и завршува во коментаторски стил. А, заклучокот на текстот:
„Андреј Жерновски како Градоначалник и работодавец на овие лица, наместо да ги решава проблемите во Општина Центар, а докажа дека не е способен за тоа…“
многу потсетува на соопштенијата на владејачката партија во кои таа го критикува градоначалникот на Општина Центар.
Видливо е дека идејата на овој неквалитетен новинарски производ, воопшто и не била да ѝ понуди на јавноста објективна информација за настанот. Бидејќи, еден балансиран пристап подразбира да се слушне ставот и на другата страна, што во конкретниот случај не е испочитувано. Иако, истиот ден имаше реакции и од градоначалникот на Општина Центар и од советничката група на СДСМ , кои беа пренесени во некои медиуми.
И, како што беше објавено, советниците од СДСМ имаат поинакво видување за настанот, а вината ја лоцираат кај градоначалникот на Општина Карпош, кој според нив, „направил инцидент со цел да го покрие милионското задолжување.“
КРИТИЗЕРСКО ЧЕТИВО
Па, наспроти добрата новинарска практика која налага дека основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, манирот во кој е напишан овој материјал, покажува дека се прекршени повеќе одредби од новинарскиот Кодекс, амандманите (4, 13 и 14),
„Новинарот е должен да го назначи изворот на информации. (4)
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот (13)
Новинарот мора да обезбеди професионална достанца од политичките субјекти (14)“
Практично, уште со спинерскиот наслов даден во форма на прашање: „Кој го испрати лажниот новинар да направи инцидент во општина Карпош?“ и со неговиот одговор презентиран веднаш во првата реченица: „СДСМ и нивните коалициони партнери и понатаму продолжуваат со својата деструктивна политика“, се навестува дека на читателите им се подметнува критизерско четиво.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар