Рецензија: Кој му ја подлегна (подметна) Тања, на Атанaско Mихаилов од ВМРО-ДПМНЕ

OhridON-Кој-му-ја-подлегна-подметна-Тања resize crop

„Која е причината за несмасниот медиумски и партиски гаф на Атанско Михаилов со извесната Тања и приватниот емаил? Според едни, во занесот на граѓанското движење наречено дпмне, во иднина секој ќе може да испрати партиско соопштение доколку е дел од движењето? Според други, Атанско ја заборавил адресата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ па повикал пријател(ка). Според трети, Атанаско немал доверба во целото членство на ОК на ВМРО-ДПМНЕ па дури ни во партиското огледало па од тука, во иднина информациите ќе бидат креирани и испраќани до медиумите по сигурен женски канал од Тања (алиас ОК на ВМРО-ДПМНЕ)“

Една политичко-дебатна тема е преселена на личен план и притоа е изнесен еден важен личен податок за лице кое нема никаков официјален политички статус (објавен е и нејзиниот мејл!), со што се овозможуваа таа личност евентуално да биде јавно шиканирана.

Линк до оригиналниот напис:  Кој му ја подлегна (подметна) Тања, на Атанaско Mихаилов од ВМРО-ДПМНЕ?

Кој-му-ја-подлегна-подметна-Тања-на-Атанско-Михаилов-од-ВМРО-ДПМНЕДатум и време на објавување: 18.09.2013

Датум на рецензирање: 29.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Секако дека појдовната точка за вмешување на приватна личност во партиска дебата постои низ самиот факт што едно (или повеќе партски соопштенија) се пуштени од приватен мејл. За тоа постојат докази (самиот мејл). Сето друго може да биде инсинуација за која, секако, ако некој се одлучи да тужи, на судот  би имал спротивни аргументи. Се мисли, пред се, на инсинуациите поврзани и со насловот на текстот. Како и поднасловот во кој се тврди дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ се претворил во ВМРО-Тања!

Извори на информации: Нема поконкретни извори, освен еден (мејл кој место со назнака на Комитетот има лична адреса), кои би упатувале на фактот дека партискиот шеф  нема потпора во својата база, во своето претседателство и слично. Впрочем, од така масовна партија редно е да се очекува дека ќе се јави некој „јунак“ надвор од редакцијата кој ќе потврди „приватизација на партијата“?!

Содржајност: Текстот содржи прилично алузии на нечиј приватен живот, во таа насока е доста „доста содржаен“, ако се прифати манирот на т.н. нушиќевско новинарство, полно со алузии кои треба да се разберат само во одредена мала средина, каде главно секој знае се за секого, а написите од овој тип служат „како мезе“…

Пристрасност: Зад ваквите написи обично стои нечиј или некаков политички интерес, некаква, би ја нарекле – кадровска политика и не е предмет на погодување – чија?  Стилот и структурата  на текстот укажуваат на јасна форма на притисок врз некого, со најава дека следуваат можеби еден или повеќе други такви написи, односно кои се дел од кампања.

Оригиналност/Плагијат: Текстот има редакциски потпис, што значи дека ја напишал некој кој го одразува колективниот став на „Охридон“.

Квалитет на насловот: Насловот е недозволив и тој е под нивото на нешто што е за јавно користење, односно пласирање на информација.  Особено заради алузијата која целосно излегува од ареалот на јавниот интерес. Непријатно е и кога се цитира (препишува).

Фотографија: Текстот има само една фотографија која го прикажува нападнатиот партиски функционер како некаде држи говор. Значи – фотографија како илустрација.

Говор на омраза: „Не е се така црно со Атанско. Има бели моменти, особено, кога ќе ја прошета својата бела гардероба.“ Ова секако илустрира колку омраза има кај текстописецот кон личноста која ја опишува, односно напаѓа во својот текст. Поводот е политички, а можеби постои и некој друг?

Заклучок:  Ваквите пресметки, како во споменатиот напис,  треба да се чуваат за партиски форуми, каде што им е местото и дури и таму тие се надвор од добриот вкус! Во старите, „добри, социјалистички времиња“ за вакви написи  веднаш би реагирал јавниот обвинител, ама тука се е оставено на лична иницијатива на повредените. Во секој портал мора да се внимава на работи заради кои државата веќе утре може да побара построга контрола врз јавните мрежи, земајќи го написов како повод, по што ќе настрадаат општите политички слободи и права.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција