Рецензија: Конечно крај за турските серии
Никако не можеме да ја разбереме потребата на медиумот чија вест ја рецензираме да објави две години стара вест, да стави погрешен извор (наместо Денешен, како изворот на оваа мувлосана вест е наведен Дневник), а линкот да го одведе читателот до точниот извор на веста каде што е многу јасно датумирана веста, ноември 2012!? Зошто?
Ајде да се работеше за некоја информација од посебен интерес за јавноста, која е, можеби, уште актуелна – да разбереме некако. Иако, дури и тогаш, тоа се прави на сосема поинаков и поссодветен начин за да се потсети на некоја стара вест, која од некои причини е сѐ уште актуелна.
Ништо од тоа. Една тотално небитна вест се враќа сосема без никаква потреба на медиумската сцена и само создава забуни.
Линк до оригиналниот напис: Конечно крај за турските серии
Датум и време на објавување: 10.02.2014, 02:00
Датум на рецензирање: 10.02.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: Не можеме да зборуваме за вистинитост на една бајата вест. Таа информација дури и тогаш кога била објавена била само мислење, или најава, на еден владин претставник, која, патем речено, денеска, две години подоцна не соодветствува на реалноста.
Освен тоа, Кодексот на новинарите уште во првиот член, во вториот и четвртиот став, вели:
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи…
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“
Се осмелуваме да тврдиме дека заради ваквата постапка на новинарот и медиумот, да објават две години стара вест, тие објавиле вест која ги доведува во заблуда читателите.
Извори на информации: Како што констатиравме во воведот, авторот на информацијата и медиумот, освен што објавуваат две години стара вест, наведуваат и погрешен извор – „Дневник“, наместо „Денешен“. Крајно непрофесионално. Заради оваа крајна непрофесионалност, оваа рецензија ќе остане без коментар за содржајноста, пристрасноста, коментирањето, за тоа дали оваа вест е оригинална, како е нејзиниот наслов…
Едноставно нашата методологија завршува со оценката за дилитантизмот на постапката на новинарката и медиумот.
Можеме само да напоменеме дека, доколку оваа вест беше актуелна, таа секако ќе беше третирана од повеќе аспекти како што се, прво: некритичкиот однос на изјава која демонстрира државен интервенционизам што медиумите го пренесуваат… Второ, ги навредува жените апострофирајќи ги нив, генерално, како публика која министерот сака да ја заштити од турските сериии… И трето и понатаму, станува збор за некритичко пренесување на изјава за која не се наведува каде, зошто, по кој повод се изнесува, дали е врз основа на некакви сознанија за тоа дека турските серии предизвикуваат нешто заради што треба да им биде ставено крај…
Заклучок: Што да заклучиме освен тоа дека граѓаните во Република Македонија не заслужуваат медиуми кои на овој начин, свесно или несвесно, ги доведуваат во заблуда. Оттаму, можеби е нескромно, но, со уште поголема вредност од оваа рецензинја излегува проектот Сервис за проверка на фактите од медиумите зашто нема да остави ова да помине незабележано.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар