Рецензија: Курир: Пендаровски по налог на Црвенковски протуркан за претседателски кандидат

03072014-Kanal-5-i-Kurir-crop-resize

03072014-Kanal-5-i-KurirЛинк до оригиналниот напис: Курир: Пендаровски по налог на Црвенковски протуркан за претседателски кандидат

Датум и време на објавување: 05.03.2014

Датум на рецензирање: 08.03.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Централното прашање што го отвора оваа рецензија е зошто медиумот што ја објавил оваа медиумска содржина воопшто го направил тоа кога на истата тема претходниот ден имаше своја сосема коректна новинарска сторија – извештај за изборот на кандидат за претседател на на конгресот на најголемата опозициска партија (Потврдена кандидатурата на Стево Пендаровски)? Зошто кога содржината што ја преземаат нарушува повеќе стандарди на професионалното етичко новинарство, почнувајки со кршење на членот 13 од Кодексот на новинарите кој вели:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

Веста што ја рецензираме не прави разлика. Напротив. Сметаме дека дури и нема обид да се направи разлика зашто од првиот до последниот збор оваа содржина е мислење кое го коментира изборот на кандидат за претседателските избори на една политичка партија.

Оваа медиумска содржина ги има сите елементи на мислење, на коментар и дека тоа е така оваа рецензија нема никакво сомневање. Чист политички коментар со јасни политички позиции.

Да видиме што велат правилата и искуствата од праксата на професијата кога станува збор за тоа дали медиумите можат да објавуваат политички коментари и под кои услови.

Во книгата на „Ethics in journalism“ од Михаил Кунцик (FES, Bonn, 1999), се вели дека една од централните теми на новинарската етика е мешањето на улогите на новинарот и политичарот. Кунцик предупредува:

 „Кога новинарот или уредникот го започнува работниот ден со прашањето, ’Што можам да направам денеска за мојата влада или за мојата опозициска партија?“, го напушта новинарството и станува политичар, или политичарка“

Сервисот за проверка на фактите од медиумите повеќе пати укажувал дека новинарите и уредниците (се разбира, за читателите се подразбира и е добредојдено), можат да пишуваат мислења, коментари. Но, тоа се прави на посебно обележани места во медиумот за да биде јасно за што станува збор.

 

ПРАШАЊЕ НА РЕДАКЦИСКАТА САМОСТОЈНОСТ

Да се вратиме на прашањето на почетокот од оваа рецензија: Зошто? Зошто е преземена медиумска содржина која не е јасно обележана како коментар? Зошто некој од новинарско/уредничкиот тим на медиумот што ја презел оваа содржина не напишале самите коментар?

Можни се два одговори на овие прашања. Првиот: Медиумот ги знае новинарските правила кога станува збор за објавување мислења/коментари и, исто така, знаел дека може да се соочи со кршење со уште еден член на Кодексот на новинарите, членот 14:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Но, тоа што медиумот објавил туѓ, непрофесионален коментар, не го ослободува од вината дека, сепак, е прекршен овој член од кодексот и дека е постапено без да биде обезбедена професионалната дистанца за едно непристрасно и избалансирано новинарство.

Вториот одговор е поверојатен и, вусшност, произлегува од, веќе редовната, појава коментарите и медиумски содржини од медиумот од кој е преземен коментарот што го рецензираме, да ги објавуваат повеќе други медиуми.

Со тоа, во овој случај, е доведена во прашање автономноста на уредувачката политика на медиумот. Нешто за што, секако, вреди да се размисли.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција