Рецензија: ЛДП го обвинува Жерновски дека се однесува снобовски и арогантно

ЛДП-го-обвинува-Жерновски-дека-се-однес_-http___sitel.com_.mk_ldp-go-obvinuva-crop-resize

 

Прилогот насловен: „ЛДП го обвинува Жерновски дека се однесува снобовски и арогантно“,  e уште еден од серијалот написи објавени во изминатиот период во кои жестоко се напаѓа претседателот на ЛДП и градоначалник на Општина Центар. Тој не наведува прецизни извори, нема факти и аргументација, туку натежнува од паушални обвинувања, a на моменти дури прозвучува со нетрпеливост кон шефот на либералдемократите.

Прилогот (кој е објавен еден ден откако Жерновски изјави дека нема да се кандидира за лидер на ЛДП) сака да ја убеди публиката дека тој, наводно,  добил јасна порака од членството дека е непосакувана личност за врвот на ЛДП, па затоа, всушност, се откажал од намерите да ја води партијата и во наредните четири години.

ЛДП го обвинува Жерновски дека се однес_ - http___sitel.com.mk_ldp-go-obvinuva-Линк до оригиналниот напис: ЛДП го обвинува Жерновски дека се однесува снобовски и арогантно

Датум и време на објавување: 22.12.2014, 15:14

Датум на рецензирање: 23.12.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

КАНОНАДА ОД НАПАДИ

Релевантноста на овој напис, правен со отсуство на минимум објективност, е под голем прашалник. Во него, со нагласена тенденциозност, во јавноста се пласираат непоткрепени тврдења дека во ЛДП врие од незадоволство кон партискиот лидер. Притоа, нештата се гледаат само од еден агол и се користат вообичаените формулации: „наши извори“, „партиски извори“, „членството обвинува“… Фактички, станува збор за коментар, кој се затскрива зад неименувани, поточно виртуелни извори на информации.

Целиот прилог наликува на канонада од напади кон Жерновски, кој се обвинува дека го гледал само личниот интерес и дека од неговото претседателствување, наводно,  профитирале само неколку членови на партијата ориентирани кон одредени бизниси. 

Во прилогот се забележува и задоволство при искажувањето на критиките, при што се добива впечаток дека авторот на прилогот навива што поскоро да се случи смена на врвот на ЛДП.

Па, правен во тој стил, прилогот почнува со констатацијата:

„Јалови обиди на Жерновски да се фати за последната сламка во поплавата која ја носи неговата политичка кариера во историјата.“

Потоа со леснотија се „плете“ приказната и се генарализира дека  „членството на ЛДП е разочарано и нема никакви шанси повторно да му ја даде довербата на Жерновски“.

 

НАВРЕДЛИВ ТОН

Во напливот Жерновски да се претстави во лошо светло, написот добива и навредлив тон. Tака, на пример, се коментира дека тој „се однесува снобовски и арогнатно и дека претставува вистински срам за партијата“! Тоа изгледа некако пренагласено и неумесно. Истата поента можела да се постигне и доколку нештата се кажале со малку повнимателно избрани зборови. Но, несомнено, намерно е направена таква конструкција на реченицата бидејќи истата порака е извлечена и во спинерскиот наслов.

Намерата да се оцрни Жерновски се гледа и во финишот на текстот, каде тој се претставува како неспособен и се обвинува дека „дозволил ЛДП да стане најмалиот привезок на ланецот на СДСМ“ (настрана што притоа се направени и јазични грешки).

Па, наспроти добрата новинарска практика, која налага дека основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, манирот во кој е напишан овој неетички и некоректен материјал покажува дека се прекршени повеќе одредби од новинарскиот Кодекс.

Пласирањето „сигурни“ информации, а без да се понуди ниту еден аргумент за изнесените тврдења, со што кажаното добива третман на шпекулација, се коси со првиот амандман од Кодексот на новинарите, каде децидно стои:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже.

Истовремено, прилогот е во спротивност и со амандманите (4, 13 и 14),

Новинарот е должен да го назначи изворот на информации. (4)

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот (13)

Новинарот мора да обезбеди професионална достанца од политичките субјекти (14)

А појавата на написот истот ден на неколку веб-страници, дополнително го засилува впечатокот дека тој има дискредитирачки намери и е ставен во функција на политичка пресметка.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција