Рецензија: Лекот за рак пронајден пред 65 години!

Пулс 24-Лекот за рак пронајден пред 65 години - crop-resize

 

Не е етички медиумите да шират информации за „медицински откритија“ што создаваат лажна надеж. Тоа може да има далекусежни последици врз пациентите, па дури и да ги натера да престанат со својата од лекар препишана терапија. Одговорното новинарство се базира на факти кои се докажани. За жал, формулациите користени во ова четиво не му даваат на читателот основана причина да поверува во нивната веродостојност.

„Сe погласно се зборува помеѓу пациентите заболени од рак дека со зголемено внесување на витаминот Б17 во организмот, канцерот се намалува и шансите за целосно исцелување се огромни.“

Во овој текст нема извори и, наспроти тоа се користат, формулации кои се неверодостојни а, кои треба да глумат извор. Таква формулација е „се зборува меѓу пациентите“. Кои пациенти?

Пулс 24-Лекот за рак пронајден пред 65 години - finalЛинк до оригиналниот напис: Лекот за рак пронајден пред 65 години!

Датум и време на објавување: 27.05.2014

Датум на рецензирање: 23.12.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитоста на фактите е спорна од причина што за тврдењата кои без задршка се расфрлаат дека „лекот за рак е пронајден пред 65 години“ не се нуди ниту еден извор, научна студија, медицинска студија, некој што го користел овој „лек“ успешно, итн. Ова фрла дамка на сомнеж за тоа дека се постапувало одговорно при формирањето на информацијата. Интернет-платформите овозможуваат неограничени можности за линкување и поврзување со пишани извори.

„Доктор Кребс, се до својата смрт во 1996 година тврдеше дека со зголемување на дневната доза на витаминот Б17 ризикот од канцерогено заболување ќе се намали за 100%.“

Во насловот се тврди дека лекот за рак е откриен, а во текстот се пишува дека витаминот Б17 го намалува ризикот од рак. Тоа се две различни работи. Освен тоа што се тврди дека докторот до својата смрт препорачувал Б17,  не е познато или барем во текстот нема податоци за резултатите од неговите тврдења.

„Сега ја знаете тајната, затоа јадете семки од кајсија тие содржат најголема концентрација на  витаминот Б17.“

Објавувањето на информации за медицински откритија, кои не се клинички тестирани, е неодговорно! Лекот мора да помине низ доволен број клинички студии за да може така да се нарече.

„Со зголемено внесување на витаминот Б17 во организмот, канцерот се намалува и шансите за целосно исцелување се огромни…“

Медицината од пред 65 години до денеска е напредната. Зошто ова „откритие“ не е широко распространето? Зошто докторите наместо хемотерапија на пациентите не им даваат семки од кајсии?

Новинарот Гери Свицер кој повеќе од 40 години работи како новинар за известување за медицина и за здравство во своето истражување по двегодишно следење на 500 новинарски приказни за медицински теми, констатира дека новинарите во оваа област често не успеаваат во својата работа. Според него, известувањето за медицината и за здравството мора да биде точно, балансирано и целосно.

„Доколку известувањето е нецелосно, небалансирано или неточно, потрошувачите може да стекнат нереални очекувања и да имаат нереални барања за нивната здравствена заштита и нега, со што корисноста е мала или пак, може да биде и штетна.“

Во книгата „Биди новинар“, колегата Бранко Героски пишува:

„Некритичкото, сензационалистичко објавување на веста дека е пронајден нов лек против ракот на дојка може да предизвика лажна или прерана надеж кај илјадници жени. Многумина од нив ќе се изложат на непотребни трошоци обидувајќи се да го пронајдат лекот што допрва треба клинички да се испита. Некои од нив ќе ги прекинат своите терапии и ќе си ја влошат состојбата. Смееме ли тоа да го правиме? Освен тоа, не смееме да објавуваме факти за медицински, па и за други екепертски аргументи што може да предизвикаат неоправдан страв од широки размери.“

Во дел од текстот што го рецензираме, наводното непостоење на ракот кај Хунзите се поврзува само со консумирање кајсии. Се прави споредба со процесираната храна и нејзината осиромашена вредност. Но, изведениот заклучок (дека нема рак зашто има кајсии) не е убедлив. Зошто, на пример, токму процесираната храна не би била причинителот на болеста?

„На пример, претставниците на племето Хунзи, дневно внесувале од 250 до 3000 милиграми витамин Б17, за разлика од просечниот Европјанин или Американец кој преку индустриски процесираната храна дневно внесува 2 милиграми од овој витамин.“

„Племето Хунзи е старо племе, стационирано во северниот дел од Пакистан, припадниците на ова племе живеат преку 100 години, а болеста рак кај нив е сосема непозната. Причина за ова е податокот дека ова племе секојдневно се храни со семки од кајсија, тоа е нивниот најраспространет плод и е дел од секојдневната исхрана.“

Освен тоа, нема податоци, статистики, за животниот век на Хунзите. Дали само изолирани случаи живеат по 100 години?

Сè на сè, не може да се констатира дека насловот и содржински, текстот, ја тврдат вистината, односно дека кајсии лечат рак. Ова е неодговорно кон пациентите и кон читателите. Новинарскиот кодекс во членот 1 налага ако нешто е шпекулација, тоа да се наведе.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција