Рецензија: Луксузни мерцедеси фрчат низ Кавадарци

07142014-Dnevnik-Kavadarci-crop-resize

Тогаш кога новинарите од статистика сакаат да направат професионална новинарска сторија, правилата се неминовни, а тие се ригорозни: бројките мора да бидат точни – за приказната да биде вистинита, и споредливи – за да се забележат трендовите, позитивни или негативни, сеедно. Сето останато, игрите со бројките без тие правила, стануваат предмет на впечатоци и како такви лесно подложни на извитоперување, манипулација и на креирање на неверодостојни слики, а со тоа и на новинарски приказни кои оставаат впечаток на импровизација.

Со таква ситуација се соочуваме во текстот што го рецензираме, а е поврзан со силен наслов кој сугерира слика дека Кавадарци е Монте Карло – фрчеле луксузни мерцедеси.

07142014-Dnevnik-KavadarciЛинк до оригиналниот напис: Луксузни мерцедеси фрчат низ Кавадарци

Датум и време на објавување: 10.07.2014, 18:02

Датум на рецензирање: 14.07.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Во однос на вистинитоста и споредливоста на статистиката, треба да се придодаде уште едно правило кое го налага професионалното новинарство – изворите на статистичките податоци. Тие не можат да бидат анонимни извори од станиците за технички преглед, градоначалник на општината или претседател на регионалната стопанска комора, како во случајот на текстот што го рецензираме. Анонимните од станиците за технички преглед се небитни извори кога е статистиката во прашање, а градоначалникот има политичка функција и сосема е очекувано дека тој ќе ги бои трендовите во општината онака како му одговара нему, односно на неговата политичка афилијација.

Уште повеќе што и тој и претставникот на стопанската комора даваат изјави кои воопшто не се поткрепени со податоци и факти дека наводните луксузни мерцедеси се резултат на економскиот раст на општината и на стандардот на граѓаните.

За волја на вистината, градоначалникот наведува дека со последните инвестиции во општината приходите по основ на плати се зголемени за два пати повеќе од пред изградбата на фабриката за автомобилски делови, но, ако се знае дека таму просечната плата не е поголема од 12 илјади денари, и ако на тоа се додаде дека таа фабрика работи само една година, тогаш е сосема логично да се заклучи дека тие приходи не генерираат толку за да фрчат луксузни мерцедеси од 100 илјади евра и тоа во толкав број за од тоа да се прави новинарска приказна со еден така претеран наслов.

Поради една таква непропорционална слика и поради несоодветните извори и бројки, за жал, овој текст има обележја на новинарски производ за создавање слики без основа, ставен во интерес на една политичка програма.

А Кодексот на новинарите по ова прашање е многу јасен во членот 14:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Во таа смисла толкувањето на овој член од Кодексот во прирачникот „Етика во новинарството“ (ЗНМ, Т.Чаусидис/З.Бојаровски, 2012), е сосема соодветно. Толкувањата велат:

  • Критичко следење на политичките процеси и употребата на политичката и економската моќ се главни обврски на медиумите.
  • Пропагандата за одредена политичка партија или опција е неспоива со новинарската професија.
  • Соопштенијата на политичките партии или други групи и организации мораат да бидат јасно означени, а нивната редакциска обработка не смее да ги менува фактите, контекстот и смислата.
  • Партиска или идеолошка заднина на информацијата не смее да влијае на одлуката за нејзино објавување.

За крајот на оваа рецензија, еве што вели еден од основопложните на теориите за препознавањето на феномените на пропагандата Едвард Бернајс во неговата книга „Пропаганда” од 1928-та година:

„Оние кои манипулираат со овој скриен механизам на општеството, како една невидлива влада се вистинската владеачка моќ во нашата земја… Ние сме управувани, нашите умови се моделирани, нашите вкусови се формирани, нашите идеи се сугерирани, најчесто од луѓе за кои никогаш не сме слушнале… Во скоро секој акт на нашите секојдневни животи, без разлика дали во сферата на политиката или бизнисот, или нашето социјално однесување или етичко мислење, ние сме доминирани од релативно мал број на луѓе, кои ги разбираат менталните процеси и социјални шаблони на масите. Тие се оние кои ги влечат конците што го контролираат јавниот ум”.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција