Рецензија: Македонија четврта најмалку задолжена земја во Европа

Основниот навод во веста, дека земјава е четврта најмалку задолжена во Европа, не е точен. Другите констатации се, исто така, сомнителни. Како нивен извор се спомнуваат големи имиња како лондонскиот неделник Економист, ММФ и Светската банка, но дел од овие наводи не можат да се проверат.

Она што е најсимптоматично е фактот што оваа вест се појави истиот ден кога јавниот долг на Македонија порасна на нивото од 34,1 отсто од БДП, што претставува највисоко ниво во изминативе 7 години. Но, ова воопшто не се спомнува, иако кога станува збор за долгот, неговиот раст беше вест на денот. Исто така, станува збор и за вест која е многупати повторена. Нејзината цел е јасна – да го намали ударот од негативниот развој на настаните за јавниот долг и да го насочи вниманието на јавноста во друга насока. Сите овие карактеристики прават таа да може слободно да се оквалификува како најобичен спин.

Рецензија: Македонија четврта најмалку задолжена земја во ЕвропаЛинк до оригиналниот напис: Македонија четврта најмалку задолжена земја во Европа

Датум и време на објавување: 01.06.2013; 11:53

Датум на рецензирање:  05.06.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Основното тврдење на оваа вест, дека според нивото на долгот како процент од бруто домашниот производ Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, е неточно. Еве споредба за тоа каде е долгот на Македонија и на уште 8 земји кои имаат понизок долг од нас:

 

Држава

Јавен долг како процент од БДП

Македонија/Норвешка (ММФ)

34.1

Белорусија (ЦИА)

30.0

Луксембург (ММФ)

20.4

Молдавија (ММФ)

23.5

Бугарија (ММФ)

17.9

Русија (ММФ)

10.9

Гибралтар (ЦИА)

7.5

Естонија (ММФ)

5.8

Косово (ЦИА)

5.5

Извор: CIA Factbook/IMF

Друга невистина, која се открива и кога ќе се види оваа табела, но и самиот графикон на Курир, објавен заедно со веста, е тврдењето за Македонија како најмалку задолжена земја во регионот, зашто веднаш се забележува дека нашиот источен сосед, Бугарија, која бездруго се наоѓа во регионов, е помалку задолжена од Македонија.

Проблематично е и безрезервното и директно тврдење дека Македонија е ниско задолжена земја. Тоа можеби е така ако го гледаме долгот како процент од БДП во споредба со другите европски земји и на никаков друг поинаков начин или поширок контекст. Но, ова воопшто не е единствен начин, ниту перспектива од која може и треба да се гледа јавниот долг. Има и други, можеби и поважни и поиндикативни начини за анализа дали една земја е ниско задолжена или не.

На пример, ако Македонија е толку ниско задолжена земја, тогаш таа не би требало да има никаков проблем да издаде еврообврзница на светските пазари на капитал и да добива ниски камати за нив. Но, тоа едноставно не се прави уште од 2009 година зашто странците бараат значително повисоки камати од оние што важат на домашните финансиски пазари и далеку повисоки од оние што се бараат дури и од Италија и Шпанија, кои имаат долг кој изнесува над 70 отсто од БДП, а да не говориме за Јапонија, на пример, која има долг од 200 отсто од БДП, но која во секое време може да се задолжи многу евтино.

Покрај тоа, при задолжувањето секоја земја има свој праг на издржливост над кој не смее да се задолжува зашто ако би го сторила тоа таа не би можела да го сервисира својот долг. Кога станува збор за Македонија, сѐ почесто експертите велат дека нивото над кое не би смееле да се задолжиме изнесува 40 отсто од БДП. Како што може да се заклучи, ова ниво е далеку пониско од она на развиените земји, а со актуелниот долг од 34,1 отсто од БДП, Македонија се приближува до овој праг.

Извори на информации: Извор на информации се „релевантни институции“, „анализи на упатените“, а „најгласни“, пак, за ниската задолженост на земјава биле „најрелевантни институции кои ја придвижуваат глобалната економија, Светска банка и ММФ“. За ова нема никаков цитат, ниту пример, ниту линк. Настрана фактот што е многу нејасно како тоа Светската банка и ММФ „ја придвижуваат светската економија“. Светската економија по правило ја придвижуваат големите земји, кои покажуваат натпросечен раст. Во денешно време тоа се БРИК земјите (Бразил, Русија, Индија и Кина), но и Турција, Индонезија и уште неколку земји во развој и тоа особено ако имаат природни ресурси. ММФ и Светската банка не придвижуваат ништо. Тие постојат да го чуваат светскиот финансиски поредок, да го надградуваат, да спречуваат или да помагаат во надминување кризи и да советуваат, а кај сиромашните земји и земјите во развој и да кредитираат заради забрзување на нивниот развој и фаќање чекор со светот.

Во веста се тврди и следново:

„Македонија, според глобалниот часовник на долг на „Економист“, се вбројува во групата земји кои се наоѓаат во зелената зона, односно земји со релативно ниска задолженост.“

Ова не може да се најде на веб-сајтот на лондонски Економист, а нема ни линк до никаков „глобален часовник на долгот“. Она што може да се најде е европскиот должнички барометар, кој се однесува на земјите од еврозоната, но меѓу нив ја нема Македонија, како што нема и други земји од поранешна Југославија (освен Словенија) кои не се дел од ЕУ. Причина за тоа, се разбира, е фактот што за нас се применуваат други критериуми со оглед на ранливоста на овие земји и нивната ниска способност за поголеми задолжувања. Македонија никако не може да има јавен долг како европските земји. Ние никогаш не би можеле да имаме јавен долг од 80 отсто од БДП, на пример, зашто едноставно би банкротирале многу побрзо и никогаш не би стигнале до ова ниво на задолжување. Затоа, илузорно е да се прават споредби меѓу земјите од еврозоната и Македонија. Токму затоа и лондонски Економист не ги прави.

Содржајност: Веста е комплетно несодржајна кога станува збор за јавниот долг. Освен основната теза дека Македонија со актуелното ниво на долг (кое како бројка воопшто не е ни наведено – 34,1 отсто од БДП) и неколку сомнителни тврдења, кои се повикуваат на реномирани извори, но чии тврдења не можат да се потврдат, во неа нема ништо повеќе за темата на веста.

Јавниот долг е комплексна категорија и тој треба да се третира од повеќе агли и преку повеќе параметри. И самото тврдење за нискиот долг на земјата е проблематично ако тој се погледне од различен агол.

Во горната табела, на пример, како што може да се забележи, Молдавија има понизок долг од Македонија. Таа е инаку сиромашна и корумпирана земја во која 10 отсто од женското население е заминато во странство во потрага по подобар живот, но има значителен број докази кои покажуваат дека најголем дел од овие жени се занимаваат со проституција низ Европа и во Русија, па и подалеку. Молдавија не е ниско задолжена зашто нејзините лидери се нешто многу штедливи или зашто се грижат за општата благосостојба во земјата (една од минатите политички гарнитури на Молдавија во еден период ги избрка Светската банка и ММФ од државата и ги затвори нивните канцеларии во Кишињев), туку затоа што таа земја заради проблематичната демократија има проблем да најде кредитори, односно странски банки или меѓународни институции, кои би се согласиле да ѝ позајмат пари.

Потоа, упорното и тврдоглаво инсистирање на објавувањето на долгот исклучиво и само како процент  од БДП, без да се гледа колку тој долг се зголемил во пари, не му служи на чест на уредникот на оваа вест. Треба да се има на ум дека Албанија, на пример, во 1990 година банкротираше иако имаше долг кој тогаш изнесуваше само 17 отсто од тамошниот БДП. Ниското ниво на долгот како процент од БДП не мора да значи дека сè е во ред со финансиското здравје на една држава. Сѐ што е потребно за банкрот е дента кога државата треба да се раздолжи да не може да го стори тоа.

Друг проблем е периодиката на достасувањето на ратите за отплата. Додека САД, на пример, има поголем долг од Македонија, тој долг е расподелен на многу години далеку во иднината. Американската влада редовно издава обврзници на 10 и на 30 години. Од друга страна, пак, нашиот „низок“ долг достасува за враќање или рефинансирање воглавно во следните 5 години. Проблемот е во тоа што во 2011 година Министерството за финансии реши да престане да објавува еден документ кој се викаше Стратегија за управување со јавниот долг и реши да го смени законот во чија нова верзија се вели дека оттогаш нема стратегија за управување со јавниот долг, туку дека се води политика за негово управување. Ова му овозможи на Министерството да престане да објавува еден многу важен графикон во кој беа наведени сумите што доспеваат за наплата секоја година во следните 10 години. Од овој графикон, кој за последен пат беше објавен во 2011 година, се гледаше дека од 2015 до 2018 година достасуваат сериозни средства, суми кои се толку значајни  што тешко дека би можеле да се вратат или рефинансираат без Македонија да пристапи до светските пазари на капитал, со оглед на тоа што нивото на издадени државни хартии од вредност на домашниот пазар достигна дури 907 милиони евра на крајот од март годинава и без оглед колкави ќе бидат каматите. А, тие сигурно ќе бидат повисоки од досега особено со оглед на неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг на земјава од страна на „Стандард и Пур`с“.

Ниеден од овие моменти не се опфатени во веста, туку едноставно се наведени неколку сомнителни констатации, кои или тешко можат да се проверат или воопшто не можат да се проверат.

Пристрасност: Оваа вест и тоа како е пристрасна. Нејзината цел е да прикаже една позитивна слика за македонскиот јавен долг, а со тоа и за националната економија и со тоа да се исфали актуелната власт.

Целта на оваа вест не е да информира, туку да го оттргне вниманието од вистинската вест, која се појави истиот ден , а тоа е дека јавниот долг на земјата порасна до нивото од 34,1 отсто и дека ова ниво е највисоко во последните 7 години. Ова во рецензираната вест воопшто не е спомнато, иако, како еден од главните проблеми на македонскиот јавен долг е токму неговиот забрзан раст, кој претставува основа за загриженост. Но, самото нејзино објавување на ден кога има сосема поинаков развој на настаните во однос на долгот покажува дека нејзина цел е да го омекне ударот од вистинската вест, да „украде“ дел од вниманието на јавноста и да го насочи во сосема друга насока.

Плагијат: Оваа вест, на датумот на нејзиното објавување, дури и кога би била сосема точна, не би претставувала вест. Таа e објавена повеќепати досега со истата констатација – дека земјава е четврта најмалку задолжена во Европа – и со истиот спин и тоа во декември лани, претходно во ноември лани, во октомври лани, во август лани, во јули лани, во април лани

Со тоа, оваа вест е плагијат на самата себеси заради сопствената репетиција. Нејзиното потекло е од една изјава на премиерот Никола Груевски и потоа порталите блиски до власта си ја „врзаа во крпче“ и оттогаш ја употребуваат по потреба.

Станува збор за т.н. „резервна вест“, која постојано и редовно се вади од нафталин и се користи на папагалски начин, иако веќе е објавувана во разни форми, само за да се влијае врз јавноста во посакуваната насока и да се заштити посакуваната страна, во конкретниов случај власта.

Квалитет на насловот: Насловот го засилува спинот.  Кога тој би бил точен и кога би се работело за вистинска вест, а не за досега многупати повторена пропаганда, тој дури и би бил добар. Проблемот е во тоа што овој наслов, исто како и веста, досега е повеќепати искористен, објавен и повторен.

Фотографија: Наместо фотографија, веста содржи графикон. Ова не е лош потег како идеја, зашто графиконот е одлично визуелно, показно и компаративно средство. Но, овој конкретен графикон има проблем. Како што се гледа од горната табела, тој е некомплетен. Во него недостигаат земји, кои бездруго се европски, како Белорусија, Русија, Гибралтар и Молдавија, односно земјите кои имаат понизок долг од Македонија како процент од БДП. Следен проблем со графиконот е тоа што не е наведен изворот на податоците. За графиконот да има легитимитет, тој мора да содржи извор. Покрај тоа, не е наведен ни авторот на графиконот, па сега не се знае дали тој е направен во редакцијата на Курир или е преземен и ако е преземен од каде е преземен.

Најдобра варијанта, се разбира, би била кога веста би содржела и фотографија и графикон. Така би биле задоволени интересите на различните видови читателска публика – и на оние што бараат подетални информации, кои би биле заинтересирани да го погледнат графиконот и на оние кои не се заинтересирани за толку детали, но на кои со вклучување фотографија ќе им се задоволи интересот за визуелен елемент.

Заклучок: Причината за оваа многупати повторена вест и за сомнителните тврдења, кои се вклучени во неа и кои се генерализирани, е пропагандистичка и таа претставува класичен пример на спин. Со нејзиното објавување треба да се засени и покрие вистинската вест, која се појави истиот ден, а тоа е дека јавниот долг на Македонија порасна на нивото од 34,1 отсто од БДП и со тоа достигна ниво кое не сме го имале веќе 7 години.

Со оглед на неточноста на првичното тврдење, дека Македонија има четврт најнизок јавен долг во Европа и неможноста да се утврди вистинитоста на некои други тврдења, сето тоа покажува дека оваа вест не е тука со намера да информира, туку дека е објавена со други, би се рекло задни намери – да поддржи една политичка опција во ситуација кога се појавуваат вести што не ѝ одат во прилог и да ги оптовари каналите за комуникација за на јавноста да ѝ биде потешко да стигне до вистинската вест.

Рецензија: Македонија четврта најмалку задолжена земја во Европа

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција