Рецензија: Македонија е европски лидер во здравството
„Ми беше многу драго да бидам во Скопје за инаугурацијата на Секретаријатот на мрежата на Југоисточна Европа. На овој начин Македонија има водечка улога во регионот меѓу земјите од ЈИЕ во врска со здравството. СЗО во целост ќе ја поддржува Македонија со техничките капацитети за оваа улога ефикасно да ја заврши“.
Оваа изјава на директорот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Сузана Јакаб, дадена на средбата со македонскиот министер за здравство Никола Тодоров во турскиот град Чешме, веднаш e претворена во констатација дека ние сме најдобри во Европа! Тоа е, се разбира, недозволена градација и згора мешање на категории за оценување, начин да се промени, преку сопствено и недозволиво редефинирање на изречен став, оценка за еден технички чекор на здравството во одредување на негова позиција во континетални димензии!
Линк до оригиналниот напис: Македонија е европски лидер во здравството
Датум и време на објавување: 15.09. 2013 14:35
Датум на рецензирање: 15.09.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Внимателото читање на изјавата на директорката на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Сузана Јакаб, јасно одрекнува било каква можност таа да биде поинаку толкувана од она што е изречено во рамките на на 63. Годишна сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа. Тоа е пофалба за земјава за потпишување на двогодишен договор со кој ние влегуваме во поблиска конекција со Секретеријатот на СЗО. Само тоа и ништо повеќе.
Порталот затоа ни „помага“ таа изјава да ја „преформатираме“, целејќи на невнимателните читатели, оние кои во изобилство на понуди од дневни вести ги прави недоволно концентрирани.
Извори на информации: Порталот објавува по неколку последователни вести од Чешме, со и без вистински нов повод, каде се наоѓа министерот Тодоров, но никаде не е објавен изворот на информации, кој очевидно се наоѓа „на лице место“, бидејќи, така ги форматира вестите. Тоа ја објаснува зачестеноста, а и опфатот на порталите на тие вести од Турција, кои ги пренесуваат со мала автономна обработка, а истите тие новости потпишуваат иста вест со „авторски потпис“?! Нивната споредба повеќе упатува на еден извор на вестите, кој, пак, веројатно е во делокругот на службите на министерот Тодоров, бидејќи, немаме речиси никакви сознанија за тоа што расправа Регионалната конференција, но затоа го следиме секој чекор на првиот човек на Министерството за здравство.
Содржајност: Дури и најповршните проследувачи на вести би се обиделе да го проверат податокот кој го пласираат, посебно кај споредбите, дури и во однос на регионот, а за континентот и да не говориме! Секако, тука помага и генералната слика за здравството, која е општо позната , а секако на сајтот на организацијата од која доаѓа Сузана Јакаб ги има сите детали во однос на евентуалните прецизни рангирања на македонското здравство.
Пристрасност: На сајтот на Светската здравствена организација, на последното градирање (види – http://www.healthpowerhouse.com/files/ehci-2012-press-macedonia-FYR.pdf) констатирано е дека Македонија има многу ниско ниво на здравствена заштита. Таа е на самото дно а камоли да е прва во Европа! Земјава доби 527 бодови од можни 1.000. Д-р Арне Бјорнберг, генерален секретар на СЗО вели дека ние сме на стартот на еден долг пат да дојдеме до западните критериуми за здравствена заштита . Албанија има 535 бодови (!), Грција (417) а само Србија, Бугарија и Романија останале зад нас во регионот. Некој се обидува, така да се каже, да ја преврти пирамидата наопаку.
Оригиналност/Плагијат: Како што споменавме, од Чешме доаѓат многу истоветни вести, кои се распоредуваат по медиумите и секаде има редакциски потпис, како да се работи за некаква масовна посета на Регионалната конференција од страна на македонските новинари.
Квалитет на насловот: Насловот е несомнено „оригинален“, бидејќи толку храбра констатација нема во ниту еден македонски медиум. Да бидеме прецизни, Македонија во ваквата споредба на состојбите во здравството е петта европска држава гледана „одоздола“. Зад неа се споменатата Србија, Бугарија, Латвија и Романија. Подоцна регистриравме дека некој во редакцијата се сетил па насловот го променил, па земјава станал првак „само“ во Југоисточна Европа, што одново не е точно, бидејќи, пред нас се Албанија, Црна Гора, Грција, БиХ, Хрватска…
Фотографија: Фотографијата содржи илустрација на работа на лекар, кому не му се гледа лицето за да се осигура „општоста“ на вреднувањето, содржано подолу во веста.
Заклучок: Кај оние кои се обидуваат да го поправаат рејтингот на власта, се чини има натпревар во користењето на фантазијата. Овој портал решил Македонија од 30. место на листата на успешност на здравствениот систем да ја качат на прво на стариот континент. На какво место паѓа нашето новинарство со вакви „подвизи“ не треба многу да се говори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар