Рецензија: Македонија се уште на врвот по смртност на новороденчиња

Сензационалистички наслов води кон вест во која нема потврда за тврдењата изнесени во насловот.

Рецензија: Македонија се уште на врвот по смртност на новороденчињаЛинк до оригиналниот напис: Македонија се уште на врвот по смртност на новороденчиња

Датум и време на објавување: 13.06.2013, 15.39

Датум на рецензирање: 15.06.2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Текстот е пренесена и модифицирана верзија на напис објавен на интернет-порталот на српскиот сајт „Блиц“, во кој се зборува за смртноста на новороденчиња во Србија. Во оригиналната вест не се спомнува Еуростат, туку цитираната српска лекарка зборува за „европска скала“.

Написот на „Нова“ уште во првата реченица се повикува на Еуростат, со што целата вест добива погрешен правец, односно таа е невистинита.

Извори на информации:

Текстот се повикува на два извора: изјава на лекар-педијатар од Србија и податоци на европската агенција за статистика Еуростат.

Првиот извор е целосно нерелевантен за веста, односно се работи за изјава на лекарка околу смртноста на новороденчиња во Србија, во која таа ја спомнува Македонија (вели дека во Европа, само во Македонија има поголема смртност). Сепак, постоечките официјални податоци на Еуростат не го потврдуваат ова. Можно е авторот на веста да има пристап до некои други (можеби посвежи) податоци на Еуростат, но тоа во веста не е наведено.

Понатаму, во веста, која зборува за сериозен медицински проблем во земјава, не е контактиран ниту еден извор од Македонија (официјален – надлежен орган, Министерство за здравство или неофицијален – експертско мислење од македонски лекар). Во веста е наведено дека изјавата на српската лекарка доаѓа од семинар на педијатрите од регионот кој се одржува во Златибор. Во оригиналната вест на „Блиц“ пишува дека на овој семинар имало и лекари од Македонија, од кои авторот можел да побара мислење.

Содржајност: Сензационалистичкиот наслов не ја отсликува содржината на веста – во неа, по првата реченица, во која се изнесува тврдењето дека „Македонија е на врвот на ТОП листата по смртност на новороденчиња во табелата на Еуростат“, следи изјава со информации за овој проблем во Србија.

Од ова се стекнува впечаток дека истите информации важат и за Македонија, иако тоа не е потврдено со изјава на релевантен извор од земјава.

Текстот завршува со информација дека за разлика од европскиот просек од 6 мртвородени новороденчиња, во Македонија тој изнесува 17 на 1000. Овие податоци не кореспондираат со официјалната статистика на Еуростат, која покажува дека во Македонија смртноста на новороденчиња изнесува 8 на 1000 (привремени податоци за 2011). Според ова, не е точно тврдењето изнесено во насловот на веста – според податоците на Еуростат, повисока смртност на новороденчиња во Европа има во Романија, Бугарија и Турција.

Пристрасност: Насловот (а и содржината) на веста укажуваат на тоа дека Македонија е на самиот врв во Европа според смртноста на новороденчињата, а тоа според официјалните достапни податоци не е точно. Изјавата на една лекарка од Србија која главно се однесува на нејзината земја, се користи како основа за едно сериозно, а во исто време неточно тврдење за состојбата во Македонија.

Оригиналност/Плагијат: Написот е делумна копија на текст на српски „Блиц“, кој се повикува на српскиот сајт без да линкува до оригиналната вест.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички, а неговата вистинитост е спорна на повеќе нивоа.

Употребата на изразот „сè уште“ претпоставува дека земјава некогаш била на врвот во Европа според оваа статистичка категорија. Но, податоците на Еуростат покажуваат дека Македонија никогаш не била земја со најголема смртност на новороденчиња во Европа. Тврдењето искажано во насловот се поткрепува со погрешна статистика, што целата вест ја прави невистинита.

Заклучок: Сензационалистичките тврдења бараат конкретна поткрепа од официјални податоци. Во оваа вест, авторот користи нерелевантен извор за да наметне теза која нема поддршка од официјалните податоци. Резултатот е невистинита вест која дезинформира.Рецензија: Македонија се уште на врвот по смртност на новороденчиња

.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција