Рецензија: Македонски политички вестерн – „Добриот, грдиот и лошиот“

FireShot-Screen-Capture-044-Online-republika_mk__p355191-crop-resize-002-final

 

Апологија, според лексиконот на странски зборови, значи одбрана, а апологетичен е одбранбен говор или текст кој во политичка теорија се базира на фаворизирање на еден политички субјект и одбрана на неговата политика, при што до крајно невидени граници се сатанизира, дискредитира, омаловажува и става во негативна рамка неговиот политички опонент. И домашни и меѓународни кодекси на однесување на новинарите укажуваат дека новинарите треба да избегнуваат ваков начин на известување за политичките процеси.

FireShot Screen Capture #044 - 'Македонски политички вестерн – „Добриот, грдиот и лошиот“ I Република Online' - republika_mk__p=355191Линк до оригиналниот напис: Македонски политички вестерн- „Добриот, грдиот и лошиот“

Датум и време на објавување: 05.12.2014 11:56

Датум на рецензирање: 06.12.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

ТЕКСТ – „КАУБОЈШТИНА“

Воведот, како и самиот наслов, се крајно невкусни и цинични и македонската политичка сцена ја прикажуваат како „Див Запад“ при што на самиот почеток за ваквата слика се обвинуваат опозицијата и нивните „агресивни лидери“, а како доброто момче се прикажува актуелниот премиер. Сè потсетува на изборна кампања со единствена цел да се демонизира политичкиот противник.

„Избликот на гнев, предизвикан од долгиот пост од власт, кулминираше со силни притисоци при донесување буџет во 2012 година, настани кои еруптираа на 24 декември. Заев не го измисли овој пристап, туку само го наследи и надгради иако, очигледно добро му „легна“.“

Но, не се доволни атрибути само за лидерот, тие се прошируват и на неговата заменичка.

„Комплетот се надополнува со неговата „поубава“ политичка половина со која го дели тронот и која во негативниот набој е од самиот почеток, башка што и убаво и‘ „стои“.“

 

НАВРЕДЛИВИ СПОРЕДБИ

Понатаму целата политичка анализа за опозицијата добива навредлива конотација:

„…за жал, тепачката меѓу опозициските лидери е за улогата на „грдиот“, кој како и во филмот на Серџо Леоне, најмногу од сé е кловн, а во лидерските редови на опозицијата владее силна конкуренција меѓу дузина политички кловнови.“

Ширење на негативна стереотипизација, поттикнува и идеолошко-партиска нетолеранција и конструира негативна рамка за лидерот на опозициската партија, лоцирајќи ја во него и во неговата партија вината за сите проблеми во општеството.

„Истата таа партија која постојано и дава на тацна нови аргументи на Грција за ветото во Брисел, која се надеваше на негативен извештај на ЕК, сега наеднаш се грижи за доброто на државата и нацијата… како и дае и колку и дае оваа „бомба“ вистинита или составена од малверзации… на нејзината експлозија најмногу се надеваат и најмногу ја очекуваат на 703 километри од нашиот главен град… Атина уште сега трие раце и се крсти во македонската опозиција, која треба да и даде нови аргументи за резил на северниот сосед.“

Со повикување на упатениот „извор“, но без факти, опозицијата се обвинува за помагање на јужниот сосед:

„…Изворот на претходната, неуспешна афера, која експлодираше во рацете на лидерот, но и на новата, долгонајавуваната „бомба“, упатените го лоцираат на оддалеченост од 703 километри.“

 

ПОСТОЈАНО ВО ИЗБОРНА КАМПАЊА

Пристрасноста кон политичкиот субјект кој се поддржува, наликува на предизборна кампања, при што не се покажува никаква толерантност или отвореност кон различни политички мислења и гледишта.

„Контрастот на политичкиот пристап и дејствување го надополни премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На најавата за негативна бомба на Заев, Груевски одговори со подготвување на „позитивна бомбичка“ која треба да ги реши долгогодишните проблеми на илјадници граѓани. Истата нишка провејуваше и во текот на кампањата во изминатите години.“

 

БЛОКОВСКА ПОДЕЛБА

Истакнување на тоа дека владејачката партија припаѓа на македонскиот блок, асоцира на оценката дека опозицијата е антимакедонски блок. Експлицитната оценка (позитивна и негативна) ја засилува со делови кои наликуваат на директно обраќање на премиерот и на политичкиот субјект кој треба да се поддржи, поткрепени со различни фотографии кои ја зајакнуваат таа квалификација.

„Опозицијата на избори настапуваше со ултранегативна кампања базирана на борба со режим, диктатура, тиранија. Истовремено, владејачките партии во македонскиот блок настапуваа со отчет за сработеното во изминатите години и со позитивистички ветувања за илјадници вработувања, десетици инвестиции, нова сообраќајна инфраструктура, стотици проекти за подобрување на животниот стандард… искуството покажа кој пристап повеќе им одговара на граѓаните, но минусот од 200.000 гласа на парламентарните избори не ја освести опозицијата…“

И, на крај, за да ја потврди „вистинитоста“ на целата приказна, доаѓа експертот, кој заклучува дека: „Сработеното е побитно од несработеното. СДСМ, очигледно, ова не може да го идентификува. Затоа и губи. ВМРО-ДПМНЕ успеа да го перцепира тоа и затоа настапува со позитивистичка кампања и ги привлекува гласачите“.

 

НАДВОРЕШНИ ИНТЕРЕСИ И ВЛИЈАНИЈА

Пристрасност кон политичкиот субјект и никаква толерантност или отвореност кон различни политички мислења не е практика во објективното новинарство. Меѓународната федерација на новинарите укажува дека во рамките на етичко новинарство: „Новинарите треба да избегнуваат надворешни интереси и поврзувања кои можат да им наштетат на нивната репутаија на непристрасност, правичност и интегритет“.

Притоа, посебно се нагласува дека: „истакнатите новинари и водечки колумнисти во весниците треба особено да водат сметка за нивната непристрасност“.

И член 14 на Кодексот на новинарите на Македонија предупредува дека:

Известување од политички процеси треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политички субјекти.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција