Рецензија: Македонците по интелигенција на 16-то место од 113 нации во светот

FireShot-Screen-Capture-217-КАНАЛ-5-Телевизија-crop-resize

„Листата ја објави специјализираиот портал за статистика Photius.com и е составена по десетгодишно истражување на двајца психолози- Ричард Лин од Велика Британија и Јелте Вичертс од Холандија и финскиот политиколог Тату Ванен. Тие собрале и анализирале студии за интелигенција на населението кои се правени во последните десет години по одделни земји“.

Веста е објавена во повеќе македонски медиуми, со разни варијации. Оваа вест е, да речеме, најударна и сугерира нешто „супериорно“ во нашата нација, иако тоа не е соодветно на квантитативните елементи во науката, ниту е објаснета методологијата како е дојдено до тоа ние да сме со извлечениот (посочен) коефициент, а не е најдобро објаснет ниту системот на рангирање, бидејќи се сугерира дека сме високо „пласирани“, иако – ако се види листата – тоа не сме!

 Македонците по интелигенција на 16-то место од 113 нации во светот

Линк до оригиналниот напис: Македонците по интелигенција на 16-то место од 113 нации во светот

Датум и време на објавување: 10.01.2014, 16:27

Датум на рецензирање: 14.01.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Оние кои го отвориле посочениот сајт и ја виделе листата (некои медиуми дадоа и линк до сајтот, што овде не е направено) ќе забележат дека Македонија не е на врвот на листата, туку на средината. Таа бележи коефициент на интелигенција од 91 а земјите се групирани, заради повторување на коефициентот, така што не се работи за листа од 113 држави, туку за 43 позиции, каде ние сме на 16-та позиција! Или, ние сме на долната прва третина.

Извори на информации: Извор е само посочениот сајт и истражување, без многу детали. Би било добро, се разбира, ако веста била малку проширена со мислење на барем еден стручњак за ваквите листи.

Постојат доволно извори и на интернет кои се осврнуваат на оваа методологија и на рангирањето на нациите по овој приод, каков што е овој, на пример. На последната адреса се среќаваат и авторите на ова истражување, кога пред повеќе од десет години го правеле истото што и денес, и каде што има подробни објаснувања за приодот за кој се одлучиле и зошто му веруваат!

Содржајност: Оттаму, содржајноста на веста не треба да се бара во самата добиена вест, туку во нејзиното надградување, во обидот да се разликува од копи-пејст „близанците“ на другите медиуми и на вистински начин да ги претстави ваквите истражувања, околу кои има доста контраверзи.

Пристрасност: Пристрасноста се огледа во структурирањето на веста – пред сѐ и во однос на поголем дел од другите медиуми – бидејќи прашањето на методот (анализа на извештаи од други земји за мерење на интелигенција на нацијата) и реалната вредност на просекот (коефициент 91) се поместени кон дното на веста, со помала веројатност дека ќе бидат прочитани, додека во преден план се става наводниот висок пласман на Македонците, кој е наметнат и не е реален на истражувањето! Според добиениот резултат ние сме на дното на просечни нации, се разбира, ако постои таква категорија „интелигенција на нација“. Просечна интелигенција е од 85 до 115 а „ние“ имаме 91. Па, да се најдеме каде сме!?

Оригиналност/Плагијат: Пренесена агенциска вест од некаде и со разни подваријации ја пренесоа и нашите медиуми.

Квалитет на насловот: Преку насловот е таа сугестија – ние сме биле 16-ти од 131 земја, а, всушност, ние сме во 16-тата од 43 групи, бидејќи има две трети, пет четврти и слично рангирани земји.

Фотографија: Фотографијата прикажува младо момче со мобилен во раката и со очила! Нема објаснување зошто тој тип би бил синоним на интелигентна „појава“, што веројатно се сугерирало.

Заклучок: Проблемите на мерењето на интелигенцијата не се неспорни работи, особено што нивниот мотив, кога е во прашање „рангирањето на нациите“, го има својот корен во расната супремација (!), со која во минатото се настојувало да се образложи и оправда одредена нееднаквост во едно општество или во светски рамки.

Се разбира, тоа е историја и нема никаква врска со оваа вест. Особено што станува збор за истражување кое се повторува на секои 10 години од легитмни институции и истражувачи. Од веста, сепак, се добива впечаток за некакво наше „туркање“ кон врвот. Исто така, треба да се има на ум дека методите и почетната хипотеза (национална интелигенција) за правење вакво истражување секако се спорни или барем би биле спорни за многу аналитичари од струката.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција