Рецензија: Македонците, сепак, најмногу ја сакаат живејачката во Македонија!

21-000009865-09654-crop-resize

Резултатите од истражувањата на јавното мислење, особено кога станува збор за политички резултати, во земјава речиси секогаш имаат најмалку две толкувања: едното би кажале дека го застапува гледањето на тоа дека „чашата е полупразна“, а другото дека е поборник на тоа дека „чашата е до половина полна“. Во суштина, станува збор за играње со добиените податоци и „терање на водата на сопствената воденица“. Но, ако ваквиот тип на „анализи“ е донекаде разбирлив за политичките потреби на власта и на опозицијата за да докажат колку, според едните се намалила, а според другите се зголемила меѓусебната разлика, тогаш слично „прочепкување“ и интерпретирање на бројките, кои, сепак, се зададена вредност, не треба да има свое место во еден новинарски текст. Во конкретниот пример имаме, случајно или не, извртување на наодите добиени од анкета вршена од кредибилна организација и нивно пласирање во насловот на текстот, со што публиката се доведува во заблуда дека, како што се вели, „Македонците, сепак, најмногу ја сакаат живејачката во Македонија“.

2Линк до оригиналниот напис: Македонците, сепак, најмногу ја сакаат живејачката во Македонија!

Датум и време на објавување: 04.01.2014

Датум на рецензирање:  06.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Во конкретниот текст имаме пример на производ кој се темели на вистинити факти, кои во еден дел се, да кажеме, извитоперени. Математиката е егзактна наука. Ако истражувањето покажува дека од 1.214 испитаници, 34 отсто од прашаните македонски граѓани рекле дека се среќни каде живеат, а, кога ќе се соберат другите податоци, дури 61 процент се изјасниле дека „ако нема бариери да живеат во друга земја“ тие тоа и би го сториле, тогаш во најмала рака, понудената констатација „Македонците, сепак, најмногу ја сакаат живејачката во Македонија“ би ја нарекле неточна. Дополнително, тезата:

„На светско ниво поголемиот дел од луѓето 38 проценти се изјасниле дека се среќни што живеат таму каде што се во моментот. Оваа бројка е иста со западноевропскиот регион каде 38 отсто од анкетираните одбрале да живеат таму каде што се. Во Македонија резултатите по ова прашање покажуваат дека сме близу до европскиот просек и кај нас изнесува 34 отсто“

не е до крај коректна. 4 проценти прават сериозна разлика и секако дека не се на ниво на „статистичка“ грешка.

Извори на информации: Текстот нема проблеми во делот на извори на информации, бидејќи е јасно наведено дека се темели на истражување на респектабилна организација. Друго прашање, кое веќе го начнавме, е како дел од тие податоци се презентирани во рамки на еден новинарски текст.

Содржајност: Ја има. Станува збор за производ кој изобилува со бројки и податоци добиени од анкета на јавното мислење на глобално ниво од страна на не случајно избрана или непозната, истражувачка куќа. Не е едноставно едно цело „море од информации“ да се спакуваат кусо и прегледно за публиката да има што е можно поцелосна слика за што станува збор. Би можело да се каже дека во овој текст прегледноста не е на најдобро ниво, бидејќи тешко е од прво читање да се „сварат“ сите понудени податоци.

Пристрасност: Ја нема во текстот, но насловот освен неточност, како да манифестира и одреден степен на пристрасност.

Оригиналност/Плагијат: Овој „материјал“ не е потпишан, што значи дека авторството е непознато. Не може да му се припише големо ниво на оригиналност, бидејќи во многу елементи е сличен со текстовите кои, исто така, ја обработуваа оваа тема. Не е исклучена можноста да станува збор за преземен, агенциски напис, но тоа не е наведено.

Квалитет на насловот: Најпроблематичен дел од овој текст е токму насловот. Ако е јасно дека е наведувачки, тогаш е нејасно дали е тоа од немарност, или со умисла направено. Читајќи го само насловот кај публиката се создава впечаток за „истрајност“ на, како што се вели, Македонците да останат да живеат на домашното тло и покрај економската ситуација. Но, откако ќе се погледнат другите податоци од истражувањето, кои во овој случај не се докрај прикажани, се добива вкупната слика, која не соодветствува со насловот. 34 наспроти 61 отсто, каде е мнозинството и тоа убедливо?

Фотографија: За фото илустрирањето на овој текст не е вложен некој особен труд. Станува збор за една фотографија која го лоцира местото, во овој случај Скопје, со, секако неодминливиот, нов имиџ на престолнината.

Заклучок: Она што требало да претставува „голо“ соочување на факти со употребениот наслов малку „застранило“. Имаме пример на несоодветно толкување на фактите, самоволно интерпретирање и тоа во носечкиот сегмент – насловот, а со тоа и генерално дезинформирање на јавноста на која ѝ бил наменет овој текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција