Рецензија: МАПА: Еве како Украина планира да си го врати Крим
Имаме „добар“ материјал за филм од Ц – продукција. Жанрот, според веројатноста на ситуацијата, би бил научна фантастика со апокалиптична завршница. Елементи има – причина, повод, заплет, кулминација и разврска на состојбата. Значи еден „вистински новинарски игран филм“ кој навистина нема каков било контакт со реалноста.
Линк до оригиналниот напис: МАПА: Еве како Украина планира да си го врати Крим
Датум и време на објавување: 27.07.2014
Датум на рецензирање: 31.07.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ШУПЛИВ НОВИНАРСКИ НАПИС
Станува збор за кус, но исклучително празен текст кој се потпира на сѐ освен на професионални новинарски стандарди. Не може и не е дозволиво секое сценарио за Трета светска војна кое некој ќе си го објави на интернет да ѝ се пласира на домашната јавност како легитимна информација. Значи Украинците, според овој текст, подготвуваат „тајна“ операција именувана „Oksamiti sezona 2014“ за враќање на Крим по чие успешно спроведување Киев, внимавајте сега, помогнат од НАТО ќе ја нападне Русија. Мислам дека и Холивуд и премал за вакво „налудничаво сценарио“. Текстот, ако сакаме да бидеме доследни, не одговара на редица основни прашања кога, како, зошто итн. Само знаеме дека ќе има напад, ама не и со колкава сила ќе се нападне Русија, кога тоа ќе биде, зошто би се навлегло на територијата на најголемата држава на светот ако претходно се поврати Крим, кој тоа ќе го одобри, што тоа ќе значи и какви последици ќе повлече… Што е уште поважно не е прецизирано кој го обелоденува овој „пеколен план“. Но, со малку пребарување на кредибилни медиуми лесно се утврдува дека најверојатно станува збор за нечиј пропаганден потег во Украина кој има за цел подигање на моралот на жителите на оваа земја. Но, некој во Македонија оваа мапа и придружниот текст го разбрал како нешто што е реално и што, како релевантен напис, треба да дојде до нашата публика. „Ич“ вистинитост.
НИ ИЗВОРИ, НИ ИНФОРМАЦИЈА, ТУКУ ВИРТУЕЛНА ПРОПАГАНДА
Слична е ситуацијата и со изворите на информации. Едноставно, нив ги нема – ниту изјава, ниту повикување на некој друг медиум, ниту линк. Едно големо ништо.
Состојбата е нешто подобра кај содржајноста која можеби, велам можеби, нешто ќе им значи само на љубителите на апокалиптични предвидувања, теории на заговор, глобална нуклеарна пресметка. Се разбира дека ваквите текстови, кога подобро ќе разгледаат, имаат повеќе забавно, отколку вистинско информативно значење. Поточно, нивната содржина поради неаргументираноста и празнотијата, не е резултат на вистински новинарски ангажман.
Нема дилема дали е оригинал или плагијат – „copy-paste“ систем, но со голема грешка, бидејќи е заборавено да се каже дека оригиналот е виртуелна пропаганда. Некои медиуми тоа јасно го навеле. Секако, не треба да се има каква било дилема дека насловот апсолутно го дополнува сензационализмот кој просто „вирее“ од овој текст.
Значи, нема вистинитост, уште помалку извори, отсуствува каква било реалност, а и ангажираност на тој што го презел текстот чија основна оригинална цел била пропаганда, а не информирање. Но, тоа очигледно некој во домашниве медиуми не го забележал.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар