Рецензија: Министерот Ивановски заглавен на аеродромот во Истанбул

Ivanovski aerodrom_000000000005678_0000987-crop-resize

Онлајн платформите на кои се пласираат медиумски производи нудат специфични технички можности за мултимедијални „авантури“ достапни за новинарите и тоа, инфографици, поврзување со линкови, поставување видео-материјали, фотографии и комбинирање на сите нив. Преку овие методи новинарот се труди да ги направи содржините подостапни, попримамливи за читање сѐ со цел да го задржи читателот на интернет што подолго на својот сајт.

Да се познава оној на кого му се обраќате како новинар е клучно. Секоја публика има специфични очекувања и критериуми, па затоа е од клучно значење новинарот да ја познава својата целна група. Поради ова, но и поради современите текови во новинарството, поголемиот дел новинари на интернет чувствуваат дека нивната присутност на социјалните мрежи е и повеќе од корисна, па дури и нужна и оттаму неретко црпат и дел од инспирацијата за своите написи.

Во случајов имаме текст инспириран од твит на министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски, којшто медиумот го лоцира за објавување. Позитивно е што министерот ги користи комуникациските средства со јавноста од ресорот кој го управува, бидејќи тоа му прилега, а не е ниту непознато новинарите да ги преземаат овие искази од социјалните мрежи и врз основа  на нив да создаваат вести. Но, овде ќе се задржиме на селективноста во пренесувањето. На твитот на Ивановски дека е „заглавен на аеродром во Истанбул“, се надоврзува цела расправа со корисниците на твитер – заедницата и одговори кои за јавноста може да бидат интересни, а медиумот во својот напис ги игнорира.

 7Линк до оригиналниот напис: Министерот Ивановски заглавен на аеродромот во Истанбул

Датум и време на објавување: 12.12.2013;  14:35

Датум на рецензирање: 13.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: За изнесените факти е евидентно дека се поткрепени со официјална потврда, односно дека на авторот му е позната агендата на настанот и учесниците во конференцијата. Под претпоставка дека министерот навистина ја користи Твитер – сметката од која го упатил твитот до корисниците на оваа социјална мрежа, во поглед на вистинитоста не би требало да има никакви сомневања. Особено зашто министерот токму од ова сметка на Твитер постојано комуницира и ги споделува официјалните соопштенија за своите активности, овас е доволен повод новинарот да има основана причина да поверува дека сметката е валидна и негова. Проблемот е во тоа што иако Твитер е повеќенасочна и една од најинтерактивните мрежи, сепак медиумот селективно пристапува кон пренесувањето на информациите. Односно, според новинарскиот сленг, на новинарот што го напишал текстот „му изгорел театарот“. Оваа фраза се користи кога некоја околност ќе ја засени првичната идеја за која новинарот имал намера да пишува, а тој тоа ќе го пропушти и ќе се фокусира на официјалноста. На пример, одите во театар да известувате за содржината на некоја претстава, но настанува пожар и претставата се откажува. Новинарот нема да се врати во редакцијата и да му каже на уредникот дека нема тема зашто претставата била откажана, туку ќе му каже дека има пожар. Околностите на терен некогаш го менуваат аголот. Во конкретниот случај еден медиум му реплицира на министерот дека тоа што е заглавен на аеродром во Истанбул е совршено време за интервју за состојбите во информатичкиот сектор. Министерот му возвраќа преку јавен твит: „Јас работам на проблемите, не разговарам. Би сакал вам да ви го оставам зборувањето, бидејќи во тоа сте добри“. Зошто ваквиот одговор на Ивановски не е вклучен во текстот? Твитер-заедницата е промотор и поборник за двонасочната комуникација.

Извори на информации:  Има два извори. Едниот е твитот на министерот Иво Ивановски, односно се користи информација која самиот ја споделува со јавноста и се користи официјално соопштение за конференцијата на која тој најавува дека ќе присуствува.

Содржајност: Без да се навлегува во аголот на приказната што го одбрал медиумот, јасно е дека се одбегнува да се извести и за комуникацијата на министерот со медиумот кој му нуди интервју.

Пристрасност: Текстот е едностран и несеопфатен. Ако веќе медиумот решава дека ќе ги користи социјалните мрежи како извори на информирање, чесно е да ги пренесува и понатамошните реакции на министрите, особено ако тие имаат врска со нивниот однос кон медиумите.

Коментирање: Во текстот нема очигледни коментари, но е премолчена дебатата по твитот на министерот.

Оригиналност/Плагијат: Текстот се темели на соопштение за јавноста и на јавно достапен твит и не е плагијат.

Квалитет на насловот: Насловот е соодветен на аголот на приказната.

Фотографија: Една од фотографиите не кореспондира на аголот од приказната зашто на неа не е прикажан аеродромот на кој е „заглавен“ министерот, туку друг аеродром. Има и скриншот од твитот, но тој е само од твитот, а не од целосната негова комуникација на темата, која говори за неговиот однос кон интервјуата.

Заклучок: Ако веќе се користат твитовите на функционерите за создавање медиумски производи, тогаш е многу важно да се познаваат и основните карактеристики на корисниците на социјалните мрежи. Кога се на Твитер, корисниците формираат една посебна „субкултура“ на повеќенасочна комуникација и интерактивност. За новинарот да ја добие довербата на својата публика, важно е да известува целосно и да не ги изоставува информациите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција