Рецензија: Мистериозно здружение од Тетово става сопки за НАТО
Написот ги дава следниве заклучоци: „Албанците со петиција ќе издејствуваат Македонија да не се прими во НАТО“, …„дека и онака сме далеку од Алијансата зато што нема да најдеме заедничко решение за името со Грција“…, … „а министерот за одбрана ни е од УЧК, и дека Албанците во 2001 година сакале да ја распарчат Македонија“… Скокајќи од тема на тема, кога сето тоа е споено во текстот, направена е „турлитава“.
Многу елементи во овој напис се спорни. Од тоа дали навистина во Тетово постои Здружение за развој на демократијата и дали тие навистина собираат потписи за петиција која ќе биде толку влијателна во Алијансата и „ќе ја спречела земјата да влезе во НАТО“. Меѓу другото, со својот став дека Македонија нема никакви шанси да ѝ се приклучи на Алијансата, се шири дефетизам и се амнестира Владата од неуспехот на патот за НАТО. Еве зошто.
Линк до оригиналниот напис: Мистериозно здружение од Тетово става сопки за НАТО
Датум и време на објавување: 14.02.2013
Датум на рецензирање: 17.02.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Со ниеден факт не е потврдена вистинитоста на содржината на петицијата со која, како што велат авторите, „релативно непознато Здружение за развој на демократијата од Тетово ќе ја спречи земјата да ѝ се приклучи на Алијансата“.
Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов е претставен како „кандидат за претседател“ и тоа не е вистина, бидејќи кога е пишуван и објавен текстот уште не беше започнато ни собирање на потписите за аспиранти за претседателските кандидати, кои, според Изборниот закон, ќе бидат познати дури после втори март.
Според тоа, главните наводи во текстот се невистинити.
Извори на информации: За петицијата и за нејзината содржина не се наведени никакви извори.
Содржајност: Содржината на целиот напис е конфузна. Се почнува со петиција и нејзината штетност по македонското членство во алијансата, а со ништо не се поткрепува таа штетност, бидејќи не е презентирана содржината на петицијата. Таксативно се тврди дека таа ќе го спречи нашето членство во Алијансата. Кои се тоа аргументи што толку силно ќе влијаат на одлуката?.
Има се префрлување од тема на тема и на програмата на политичката партија „Достоинство“, при што се промовираат нејзините идеи: „Имаме идеја да спроведеме референдум во земјава дали граѓаните се за тоа ветераните од УЧК да бидат изедначени“... ова наликува на повик за мобилизација. Генерално текстот е несодржаен, со нејасни пораки и збунувачки.
Пристрасност: Изјавите на двајцата соговорници, кои се оддалечуваат од петицијата со која започнува текстот, се во функција на промоција на одредена политичка партија и нивните програми, како и во функција на промоција на политиката на Владата …„Сведоци сме дека нашата влада дава максимални напори и сака да го реши спорот за името со Грција“….
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално авторско дело со потпис на двајца новинари.
Квалитет на насловот: Насловот е вознемирувачки и не ја прикажува вистината.
Фотографија: Ставена е само како илустрација, без фотографии на соговорниците.
Заклучок: Ако се отвора темата од јавен интерес, која се однесува на безбедност на државата и нејзината иднина и која може да ги вознемири граѓаните, новинарот мора да се потпира на факти. Ако постои петиција, некој морал да ја види и да ја прочита пред да ја потпише. И, од каде авторите знаат и толку се сигурни за таксативно да тврдат дека …„собираат потписи за петиција која ќе ја спречи земјата да и се приклучи на Алијансата“... Тие однапред знаат дека НАТО ќе ја прифати нивната иницијатива и ќе го спречи членството на Македонија. Зарем таа НВО е толку силна и нивните потписи толку многу вредат за да влијаат на конечната одлука „Алијансата да не ја прими Македонија во членството“.
Во Тетово постојат повеќе НВО со сличен назив „Центар за економски и демократски развој“, „Центар за демократија“ , „Здужение за демократија“, „Здружение за економски и демократски развој на Тетово“, коалиција на НВО „Младинска Алијанса“, која обединува повеќе НВО-а. Контатктиравме со сите за да дознаеме дали „во Тетово вчера почнаа да се собираат потписите за петиција, кој ќе ја спречела земјата да ѝ се приклуичи на Алијансата“... и не добивме потврден одговор.
Објавување на ваква информција, која со ништо не е потврдена, може да биде многу опасно и да ги вознемири граѓаните.
Низ изјавите на двајца соговорници се пласираат повеќе опасни тези: дека вината за неуспехот на патот кон НАТО треба да ја префрлиме на Албанците „потписи кои ќе ја спречеле Македонија не биде примена во НАТО без да се реши статусот на припадниците на ОНА“… Значи ли тоа дека авторите и нивните согворници имаат информации од седиштето на Атланскиот совет, дека тоа ќе биде некаков услов. Ако е така, тоа требало да го објаснат. …„Оваа петиција не е никаква провокација за Македонија, бидјеки ние и онака како земја сме далеку од самото членство во НАТО“ .…„Сведоци сме дека нашата влада дава максиомални напори и сака да го реши спорот за името со Грција“… Ова може да се толкува и како однапред амнестирање на Владата за неуспехот на патот кон НАТО.
Со парафразираната изјава на еден од согворниците авторите го дисквалификуват актуелниот министер за одбрана Талат Џафери: …„пошироките маси во земјава не би требало да ја доживуваат оваа петиција како навреда, бидејки на местото министер за одбрана седи поранешниот командант на УЧК“…
Текстот има пораки кои можат да ги нарушат и меѓунационалните односи и да го загрозат Рамковниот договор: „Сите знаеме дека конфликтот 2001 не беше вооружена борба за поголеми права на Албанците, туку обид за распарчување на Македонија“… „ Али Ахмети треба да излезе и да им се извини на Македонците за злосторствата на Албанците во 2001 година“…
Авторите го промовираат Стојанче Ангелов како кандидат за претседател на државата, што е манипулација со читателите. Според Изборниот закон, дури сега почнува собирањето на потписи за евентуалните претседателски кандидати и ќе трае до 2 март. Стојаче Ангелов во овој момент не е ништо, освен претседател на своето здружение и може да биде само аспирант за претседателски кандидат, што е голем аразлика од формулацијата „Поранешниот полициски генрал Стојаче Ангелов, кој истовремено е кандидат за претседател“... дали навистина ќе биде кандитат ќе се знае дури после 2 март кога ДИК ќе ги преброи потписите на граѓаните и кандидатурите на политичките партии.
Не е испочитуван Кодексот на новинарите на Македонија, член 1, член 4,
Член 1.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Член 4.
Новинарот ќе го назначи изворот на информациите…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар