Рецензија: Момче тврди дека живеело на Марс: Знам што не очекува

a1on-boriska-crop-resize

„За необичното дете Бориска прв пат се слушна од приказната на еден очевидец на експедиција на северот на Волгоградската област. Тој постојано на возрасните им зборува дека на Марс имало цивилизација, за мегалитските градови и марсовските вселенски бродови, за летовите на другите планети и за државата Лемурија на Земјата, чиј што живот го познавал од сопствено искуство, бидејќи вели дека понекогаш доаѓал од Марс, на големиот континент, каде што имал и пријатели“.

Во трката по сензации, која во нашиот мал простор со многу медиуми, наликува на гладијаторска борба за внимание, А1он објавува шокантна приказна за момчето Боришка кое наводно дошло од планетата Марс.

Текстот е застарен, бидејќи првите написи за момчето во рускиот печат се појавија во 2005 година. Дел од домашните медиуми и една агенција неколку години потоа се изнапишаа за овој „феномен“, па сега се прави обид да се игра на заборавност на читателите или да се пренесе некој извор што тоа го прави. Од незнаење или не, ова е навистина тажна појава која го урнисува нивото на новинарството.

Момче тврди дека живеело на Марс: Знам што не очекува

Линк до оригиналниот напис: Момче тврди дека живеело на Марс: Знам што не очекува

Датум и време на објавување: 13:27

Датум на рецензирање: 29.01.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Првите текстови за Боришка беа сензационални, иако во Русија немаше никаква еуфорија, сѐ се ограничи на еден два текста. Момчето имаше 9 години. Дури подоцна, кога тоа имаше 11 години, се јавија и кај нас некои преводи од Литературнаја газета и некои други посериозни магазини, како, на пример, овде, овде и овде.

Заради несочуваност на архивите, тие најстари текстови не можат да се презентираат, ама содржината која е емитувана во 2005 година е иста како и онаа кога тоа момче веќе има 18 години. Во меѓувреме, целосно е изгубено од видокругот на медиумите. Зошто? Тоа е многу поинтересно прашање отколку „реинкарнација“ на приказната за детето кое можеби сега „паднало на Земјата“ и се адаптирало или заминало, како момче во Лемурија, невидливиот континент на Земјата…

Извори на информации: Написот воопшто не се повикува на ниту еден извор! Начинот на кој тече сторијата делува како да е оригинален текст, а да не е она долу – „превела“, читателот може да биде измамен. Но, и кај преводите постои обврска да се спомне од каде е преведен (преземен) текстот. Тоа се сакало да се одбегне, веројатно да не намирисаме дека имаме „бајата стока“ пред себе?!

Содржајност: Веста е тешко да се соочи со сеопфатноста кога таа говори за нешто што било многу одамна – најмалку пред седум години – и нешто што досега може да е променето во многу насоки. Едноставно, таа приказна нема повод да биде пред нас одново.

Пристрасност: Пристрасноста постои кон моделот според кој нѝ се презентира приказната и кој го одбрала редакцијата – нема никаде никаква скепса, обид да се најде нешто што ваквите појави, доколку постојат, ќе бидат и во некоја рационална, или барем стручна дијагноза на појавата на феноменот кој во светот се нарекува „индиго деца“.

Оригиналност/Плагијат: Преведувачот е наведен, меѓутоа мора да се забележи дека преводот е очаен. Имено, руските презимиња завршуваат на „ч“, а тука на „ќ“.  Детето се вика Борис, а го викаат Боришка, а не Бориска, што можеби влече кон тоа дека изворот е латиничен. Волгоград е голем руски центар и за да се стигне до него не се формира „експедиција“. Тоа важи и за околината, која е една од најразвиените подрачја во земјата, па нема потреба детето да се „пронаоѓа во дивината“, да речеме.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички, како што и целиот приод наликува на таблоидност.

Фотографија: Истата фотографија момчето ја имаше и кога имаше 11 години, на пример, па се гледа дека таа е истргната од тој период, како што сосема веројатно и изворниот текст за написот има таков „праисход“.

Заклучок: Ова е некоја нова форма во новинарството која може да се нарече временски плагијат, бидејќи им го подметнува на читателите времето како фактор во една вест или сторија, сеедно. На овие страници може да се најде и текст за Џони Штулиќ (новинарска лекција овде) при што беше откраднато интервју старо три години на НИН и претставено како автентично! На ова наседнаа сите македонски медиуми, особено порталите, а и оние кои се сметаат за сериозни. Оваа појава е само плод на ситуацијата во која имаме многу медиуми, малку новинари и отсуство концентрација, па и знаење на екипите кои работат во новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција