Рецензија: Моторола ќе предизвика земјотрес-паметен телефон за само 50 долари

b1-0987-00099-crop-resize

Одамна таква смеа не ме фатила, како по читањето на овој текст, ако тој така може да се оквалификува. Очигледно станува збор за т.н. „google translate“ новинарство, ама за жал во најлоша можна варијанта. Не само што некој добиеното од интернет-преводот не го прочитал, туку со цел памет и го објавил како „легитимен“ новинарски производ. Преведувачкиот сегмент на најголемиот интернет пребарувач секако е моќна алатка, ама не и семоќна. Има некои работи, кои барем засега, машината не може да ги направи како што е, на пример, конечното новинарско филтрирање на написот. Но, во овој случај не зборуваме за ситни грешки, туку за цели пасуси полни со нелогичности и глупости. Значи, уште на почетокот може да ја дадеме конечната оценка, а таа е: „Патетично и жално отсуство на какви било новинарски елементи, прекршување на главните професионални начела и јасна (зло)употреба на интернет-алатките“.

bЛинк до оригиналниот напис: Motorola ќе предизвика земјотрес – паметен телефон за само 50 долари

Датум и време на објавување:  23.01.2014

Датум на рецензирање:  23.01.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Сигурно ја има, ама секако е во втор план поради формулациите како:

„Денис Вудсајд главниот извршен директор на Motorola изјави деканот останете идеја за создавање на smartphone кој ќе чини само 50 долари и се прави притисочната тој план навистина да се реализира“.

А најверојатно сакало да се каже дека :

„Главниот извршен директор на Motorola Денис Вудсајд изјави дека останува идеја за создавање smartphone кој ќе чини само 50 долари и се прави притисок тој план навистина и да се реализира“.

Така барем објавуваат странски медиуми. Значи, за да дојдеме до вистинитоста треба да се прочита друг текст на истата тема за да се разбере што авторот сакал да каже со:

Според Вудсајд кога е возможно да се произведе и продаде солиден паметен телефон како Motorola Moto G за само 179 долари, не гледа пречка зошто компанијата не би се стремат коњ Уште поевтината понуда до 50 долари , Каде сигурно останете огромен интерес“.

И коњ и паметен телефон и 50 долари, а се во иста реченица.

Извори на информации: Написот се повикува на еден извор – интернет портал. Но, проблемот не е во наведените извори и нивниот кредибилитет, туку во ступидниот начин на кој, во конкретниот текст, е пренесена преземената содржината.

Содржајност: За овој сегмент од текстот може да се каже „од дрвјата не можеш да ја видиш шумата“. Види па разбери дека имаме обид да ни се пренесе информација, и тоа не небитна, дека сериозен произведувач на мобилни телефони планира да понуди smart phone за цена од 50 долари. Накусо, страшно! Да имаш добра вест и потоа тотално да ја „утнеш“ работата.

Оригиналност/Плагијат: Текстот нема ниту „о“ од оригиналност. Не само што е преземен, туку очигледно е ставен во translate engine и ете катастрофа.

Квалитет на насловот: Насловот е најдобриот дел од целиот пакет. Коректен е и преку него, откако ќе се исчитаат небулозите подолу во текстот, се насетуваат контурите на веста и причината зошто е објавено ова „ремек дело“.

Фотографија: Употребената фотографија, само една, ни го прикажува првиот човек на Моторола, но за да разбереме дека тоа е така, бидејќи не е соодветно објаснето, пак треба да се консултираат други медиуми.

Заклучок: Ништо повеќе од она што го кажавме на почетокот. Затоа, да повториме: патетично и жално отсуство на какви било новинарски елементи, прекршување на главните професионални начела и јасна (зло)употреба на интернет-алатките.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција