Рецензија: МВР: Невозможно е да се фалсификува македонскиот пасош

МВР  Невозможно е да се фалсификува македонскиот пасош-crop-resize

 

Текст кој, освен во насловот, не ги поврзува приложените тврдења со која било институција. Наводите може да се интерпретираат како констатации на авторот, кој останува непознат. Написот не дава одговор на основното новинарско прашање: зошто е напишан текстот? Може само да се претпостави дека станува збор за објава која е поврзана со аферата за наводно фалсификување патни исправи, но на читателот не му се нуди таква информација.

МВР  Невозможно е да се фалсификува македонскиот пасошНаслов на анализираниот напис: МВР: Невозможно е да се фалсификува македонскиот пасош

Датум и време на објавување: 28.11.2014

Датум на рецензирање: 01.12.2014

Рецензент: Александар Пешев

Останува нејасно дали наводите ги прави МВР, како што тоа е наведено во форшпанот на текстот и во насловот, или станува збор за констатации на авторот. Нема изјави или цитати од писмено соопштение, кои се основен елемент на новинарски прилог во која било форма (радио, ТВ, печат или интернет-објава). Недостигот од атрибуција, во основа, укажува на тоа дека веродостојноста на наводите не може да се утврди од самиот текст. Ако читателската публика сака да ги потврди наводите, истите ќе мора да се споредат со информации од надлежната институција. Ретко кој читател посветува толкав дел од своето време за да се информира.

Не е јасно зошто на читателот треба да му се каже дека „е невозможно да се фалсификува македонски пасош“, како што пишува авторот. Ако се претпостави дека текстот е напишан по повод аферата со наводно фалсификување пасоши, тогаш пристапот е едностран бидејќи се земаат само информации кои, веројатно, се понудени од Министерството за внатрешни работи. Неспомнувањето на актуелната афера го исфрла текстот од контекст и не придонесува за актуелизирање на ова прашање, особено за послабо информирана публика.

Ако земеме предвид дека објавата е во врска со аферата за рачно изработени пасоши, тогаш клучни прашања во една ваква ситуација остануваат неодговорени. На пример: Дали пасоши се фалсификуваат само за патување во странство? Пасошот се користи како документ за лична идентификација. Зошто не се земени предвид информации кои отвораат дополнителни спорни прашања, како, на пример, дали видеозаписот и фотографиите од наводната фабрика за рачно изработени пасоши биле сликани пред последните избори. Дали сето ова е поврзано со изборите и на кој начин? На крај, што е најважно за публиката, дали има шанси дека нечиј идентитет е украден за странци да гласаат на избори или дека фалсификатор не може да патува со македонски пасош?

Имајќи предвид дека имаме еднострана објава, јасно е дека вистината е делумно претставена. Секако, обврска е да се запрашаат институциите за одредени информации во врска со новинарски напис, но зошто се пренесуваат овие информации од МВР? Ако текстот е во врска со аферата, тогаш зошто не се консултирани и други институции како Јавниот обвинител и медиумот кој ги доби снимките и фотографиите? Користење на еден извор во текстот создава сомнеж за наклонетост.

Имаме нафрлени технички информации кои не се поврзани со извор. Тоа фрла сенка на одржливоста на текстот бидејќи само се насетува дека МВР ја има дадено информацијата и тоа во насловот и форшпанот. Не се забележуваат класични елементи на коментирање.

Објавата наликува на популарно наречено новинарство „копи-пејст“ , со залепени сегменти од соопштение од институција. Сепак, од самиот текст не може да се потврди ваквата констатација. Авторот е анонимен. Нема потпис ниту на текстот, ниту на видеоприлогот. Тоа го остава отворено прашањето: колку може да се верува на прилог или напис ако не се знае кој ви се обраќа?

Насловот кажува што мисли МВР. Информациите во насловот не ја поврзуваат објавата со актуелен случај што значи дека постои ризик за депласираност на информацијата меѓу помалку информираната публика, која не е во тек со настаните со аферата за наводно фалсификување патни исправи.

Насловната фотографија соодветствува на текстот. Останатите фотографии не му даваат на читателот илустрација за заштитните елементи на патната исправа кои се разгледуваат во телото на објавата. Тој е фокусиран на технички спецификации на пасошите и на став на МВР наведен кон почетокот, во главата на написот и во насловот.

Еднострана објава која вклучува став на само една институција. Не е јасно зошто било потребно да се објави ваква информација која сама по себе не претставува вест – ниту една институција нема да објави дека патните исправи, кои самата ги издава, лесно се фалсификуваат. Ако се претпостави дека текстот е во врска со аферата за наводно фалсификување пасоши, тогаш имаме еднострана објава со само еден извор на информации, покрај многуте аспекти на оваа афера кои се излезени во јавноста. Недостигаат одговори на клучни прашања: Дали има шанси фалсификувана исправа да се користи за идентификација на места каде нема посебна апаратура за утврдување на автентичноста на документот ? Дали секој може да утврди фалсификат од око ако не се поминува на граничен премин, каде има читачи на биометриските чипови на пасошот? Објавата наликува на копија од соопштение, залепена на бланко страница, без соодветна илустрација на техничките објаснувања кои се наведени во текстот во форма на список.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција