Рецензија: На погреб со Вест

На погреб со  Вест-crop-resize

„Првата дама на поранешна Југославија Јованка Броз завчера беше погребана до гробот на нејзиниот сопруг Јосип Броз Тито во Куќата на цвеќето во Белград и по неа жалеа сите оние кои се сеќаваат на поранешната комунистичка федерација како на рај на земјата. На десет илјади почитувачи на делото на Тито од сите поранешни ЈУ републики со рози во рацете чекаа ред да и оддадат почит на жената која 30 години живееше во изолација и сиромаштво“.

Дневниот весник „Вест“ објави репортажа од погребот на сопругата на експретседателот на Југославија – Јованка Броз со наслов кој од најмалку две причини не е соодветен на она што репортажата го имала како примарен мотив. Најнапред прави една невкусна релација, поврзувајќи ја погребната церемонија со еден медиум, а потоа насловот како да влијаел и на содржајноста на текстот, па нешто што требало да биде сосема споредно за целиот тој настан, станува главна преокупација на известувачот.

На погреб со  ВестЛинк до оригиналниот напис: На погреб со Вест (Скановите од текстот во печатеното издание се подолу. Кликнете на нив за да ги видите во полна големина.)

Датум и време на објавување: 28.10.2013

Датум на рецензирање: 01.11.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Нема сомнение дека настанот кој во весникот е презентиран како една скусена репортажа се случил и дека некои од изнесените детали биле дел од  погребната церемонија во Куќата на цвеќето во Белград. Во однос на присуството на новинарот секако била неопходна барем една реченица за да се прецизира  присуството на известувачот во однос на можноста до текстот да се стигне и на „индиректен пат“.

Извори на информации: Оттаму, присуството во Куќата на цвеќето, освен во багажот на посетителите,  се комплетира дури со фотографиите од настанот, кои стануваа посилен, поекспресивен сведок на она што се случувало во Куќата на цвеќето на Дедиње од напишаното. За новинарот поинтересен сегмент од погребот биле неколкумината од Македонците, дојдени таму, во Белград, кои имале „диференција специфика“  во однос на масата присутни – читале „Вест“!   

578073_10152346146787576_1041351586_nСодржајност: Така се доаѓа до ротацијата на важното и споредното во отсликувањето на настанот а тоа е дека самиот весник „Вест“ треба да доживее една не сосема примерна реклама на настан, кој за известувачот би имал барем десетина други предизвици, освен самозабележувањето. Текстот, на пример, има еден цитат од претседателот на партијата Титови леви сили, кој дава политичка конотација на тој настан, ама веројатно тоа е само дел од слични или барем некакви други „неотпечатени“ мотиви кои би се нашле кај илјадници други граѓани од екс-Југославија, па и од Македонија.


Пристрасност:
Пристрасноста на известувачот е мотивирана од потребата во еден настан со друга конотација да се изрекламира изданието во кое тој работи. Имено, веројатно , требало да се пофали својот весник дека бил неколку дена претходно во потрага по роднини на Јованка Броз и дека ги нашол во селото Тромеѓа. Тоа, инаку, не е непознат факт  и весникот не е „пионер“ во таа насока, бидејќи, со децении порано се пишувало на тема, секогаш кога случајот Јованка од некоја причина ќе се најдел на насловните страници, главно на белградските весници.

Оригиналност/Плагијат: Оттаму, иако написот е веројатно репортажа направена на лице место, на моменти имате чувство дека се наоѓате во селото Тромеѓа, на македонско-српската граница, каде пред 90 години биле доселени Будисављевиќи од Лика.

1003860_10152346147212576_1200612404_nКвалитет на насловот: Тоа чувство за просторна изместеност кај читателот доаѓа, пред сѐ, од насловот, кој е клучниот проблем во претставувањето на текстот на порталот. Така, дознаваме дека – го сакале тоа или не – „Вест“ може и да се доживее и како дел од одреден погребен ритуал. Тој наслов, како што веќе споменавме, не оддалечува од погребот, кој имал толку многу провокации за пишување, кон тривијализација на погребот на една легенда.

Фотографија: Написот има неколку фотографии од кои неколку се доста професионално направени дела, што го надоместуваат она што текстот, кој е повод за рецензијата, не го пренел. Објаснувањето е следно – фотографиите се земени од белградски „Блиц“.

Заклучок:  Текстот со ваков наслов и приод е уреднички пропуст, бидејќи, поаѓа од претпоставката дека читателите на „Вест“ читаат истовремено и многу други изданија, па за некој настан ќе добијат и една покласична и посуштинска информација. Само зошто тука, во тој информационен дефицит, „Вест“ наоѓа простор да се саморекламира? Особено кога на погребот на Јованка Броз имаше толку порелеватни роднини од оние во  Тромеѓа?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција